Македонските епидемиолози сметаат дека децата се една ранлива популација и дека треба да се почека уште година-две за да дадат насоки светските педијатри како би се одвивало тоа, за да може во земјава да се вклучи и да се реализира тоа
Сѐ уште е рано да се даде препорака за вакцинирање на децата над 12 години, како што тоа е веќе случај во некои странски земји. Ова го потврдуваат и македонските епидемиолози, кои сметаат дека децата се една ранлива популација и треба да се почека уште година-две за да дадат насоки светските педијатри како би се одвивало тоа, со намера и нашата земја да го вклучи и да го реализира тоа.
Првичните анализи во странските земји покажуваат дека постои голема подготвеност кај родителите. Но мора да се земе предвид и дека е многу тешко да се носи здравствена одлука за други, поради што понекогаш се избира да не се презема ништо.
Затоа останува дилемата дали родителите би ги вакцинирале децата?
Дали со вакцинација на децата би се помогнало во создавање на колективниот имунитет на населението?
Микробиологот Никола Пановски посочува дека сѐ уште е рано да се размислува за вакцинација против ковид-19 на децата.
– Во светот тоа веќе се прави, но кај нас сѐ уште е рано, зашто не се вакцинирани ниту 50 отсто од возрасните над 70 години. Нема логика да ги вакцинираме децата, за да ги заштитиме нивните баби и дедовци. Тој процес треба да е обратен – вели Пановски.
Според него, децата поминуваат со полесни симптоми од ковид-19, па затоа оваа година е рано да се зборува за нивна вакцинација.
– Кога ќе биде вакцинирано 90 отсто од населението над 20 години, тогаш може да се насочиме кон тоа. Но, сепак, сметам дека многу од родителите кај нас би биле скептични околу таа вакцинација – додава тој.
Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена најави дека во текот на следните месеци ќе се прават анализи за можно вакцинирање на децата од 12 до 16 години во земјава.
Целта, според него, е да се изработат протоколи со кои ќе се овозможи децата да се вратат на физичка настава во училиштата од 1 септември.
Во САД веќе е во тек вакцинирање на децата на таа возраст, со што Филипче посочи дека може да се проектираат доволни количества вакцини на „Фајзер/Бионтек“ доколку се донесе одлука да се вакцинираат и помладите генерации.
Таквата вакцинација нема да биде обврзувачка.
Според последните податоци на Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Вкупно се аплицирани 331.034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94.156 граѓани.
Бројот на лица што изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата вакцинација.мк е 433.787 граѓани.
Со последните бројки, 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.
Со последните бројки, 41 отсто од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина.