Суреја Ајташ е претставничка на третата генерација на раселените од Егејска Македонија (денешна Грција), дојдени во Турција, во местото наречено Мустафа Паша, по договорот за размена на населението од 1923 година меѓу Турција и Грција. Таквите големи политички промени ги менуваат судбините на луѓето, па предците на Суреја од Жервени (каде што живееле со векови) доаѓаат во Анадолија, во место од каде што е иселено грчко православно население за да се досели на напуштените огништа на новоосвоените грчки територии
Нестивнат копнеж за огништата на предците од Македонија
Во земјата на убавите коњи живее една жена што копнее по земјата, приказните и песните испеани на јазикот на нејзините предци. Претходната реченица како да навестува приказна што наликува на бајка, но изненадувањето е уште поголемо кога ќе се открие дека секој збор е потврда на една постојна реалност, за вистинска носталгија што извира ни помалку ни повеќе од македонскиот јазик. Дешифрирањето започнува од „земјата на убавите коњи“… Во оваа синтагма е содржано значењето на името на регионот Кападокија, кој инаку не постои во официјалната географија и во современите географски карти. Официјалното име на регионот познат во туризмот како Кападокија, всушност е Невшехир, област во централна Турција, некогаш сметан за „крај на светот“ од македонска перспектива, кога во Отоманската Империја за казна се испраќало „сургун в Анадолија“. Инаку, името Кападокија има монголско потекло, од времето кога Монголите на мали коњи ја освојувале Азија кон Европа. Во тој дел од Азија, тие првпат виделе големи високи коњи и земјата ја нарекле „Кат-па-дука“ – земјата на убавите коњи. Многу цивилизации минале низ вековите во „земјата на убавите коњи“ и секоја оставила фасцинантни траги од своето постоење, што и денес овој дел од светот заслужено и без претерување може да се нарече – чудесен и примамлив за туристички, авантуристички и научни истражувања. А сите тие приказни, легенди, разоткриени тајни и мистерии на големите цивилизации, империи, религии, култури… со искрената радост и нескриен копнеж при случајната средба, љубезната Суреја Ајташ ги потиснува во втор план кога во нејзиниот хотел во местото Мустафа Паша во Кападокија ќе ги „открие“ туристите од Македонија. Нејзината радост се должи што може да зборува на јазикот што го наследила од своите предци од селото Жервени во Егејска Македонија (Костурско) и што на некој начин го чувствува за свој мајчин јазик – македонскиот.
Суреја Ајташ е претставничка на третата генерација на раселените од Егејска Македонија (денешна Грција), дојдени во Турција, во местото наречено Мустафа Паша, по договорот за размена на населението од 1923 година меѓу Турција и Грција. Тој договор за размена на населението се случува како последица на промените во геополитиката по Првата светска војна, пропаѓањето на Отоманската Империја, создавањето на турската република, проширувањето на територијата на Грција… Таквите големи политички промени ги менуваат судбините на луѓето, па предците на Суреја од Жервени (каде што живееле со векови) доаѓаат во Анадолија, во место од каде што е иселено грчко православно население за да се досели на напуштените огништа на новоосвоените грчки територии.
– Денес ние, мојата генерација, наследници на раселените од пред 100 години, можеби веќе живееме поспокојно, но нашите стари до крајот на своите животи се мачеа и копнееја по стариот крај. И секогаш меѓу себе зборуваа на македонски јазик, за кој знам дека припаѓа на егејските македонски говори од Костурско. И моите баба и дедо, и моите родители зборуваа на македонски јазик, а јас го научив од нив, иако сум родена и порасната во Турција. Иако сме Турци, муслимани, македонскиот јазик за мене некако е како мајчин јазик. Пораснав со македонските егејски песни, а омилена ми е „Мори моми костурчанки“. А има и една песна за нашето село Жервени – раскажува на средбата Суреја Ајташ.
Заветот на Суреја да го одржи и зачува споменот на своите предци од селото Жервени, македонскиот егејски говор и песните од „стариот крај“, не се само празни зборови. Нејзиниот хотел го носи името „Жервени“, а во него има мала музејска поставка на фотографии, носии и сувенири од селото. Како високообразована интелектуалка, активна во општествениот живот во Турција, особено за туристичкиот развој на нејзиното место Мустафа Паша (порано нарекувано Синасос), Суреја Ајташ има напишано и две книги за судбините на луѓето што поради политички договор се откорнале од своите огништа, за да изградат нов живот во туѓа непозната земја. Првата книга ја издала во 2007 година, а е наречена „Бескрајна миграција“, додека втората книга е насловена „Тажното наследство на размената на населението“. Втората книга е издадена на турски и на англиски јазик, а особено симпатичен и ентузијастички е нејзиниот напор македонските песни од Костурско во книгата да бидат забележани со турско латинично писмо, според турскиот правопис. Во книгата е забележано дека 450 луѓе, односно 156 семејства, во 1924 заминале од Жервени, за да се населат во Мустафа Паша, тогашен Синасос. Прифаќањето на доселениците во новата средина не било лесно, иако според политичката процена, истата религија требало брзо на ги поврзе староседелците и новодојденците. Копнежот за Жервени кај доселениците во Мустафа Паша, во Кападокија, не стивнува со генерации. Суреја трипати го посетила Жервени, за да го исполни аманетот на нејзините предци, иако таму не ѝ останале никакви роднини. Била во посета и на Македонија, восхитена е од Скопје и од Охрид, а открива дека ѝ е предизвик да научи да чита и да пишува кирилица, што досега немала можност да ја совлада. Дотогаш песните и приказните македонски ќе ги запишува на писмото на кое се образовала, само да го зачува македонскиот збор, говорот на нејзините предци, како што знае и умее. А единствената нејзина желба при секоја случајна или планирана средба со гости од Македонија во Кападокија е тие да ѝ испеат македонска народна песна. По можност да биде од Костурско, но среќна е да слушне која било македонска песна – за да го стивне копнежот на нејзините предци по приказните и песните од старите огништа, кои останале да тлеат во земјата на убавите коњи, каде што се судирале и освојувале големите цивилизации.
Мустафа Паша – гратче со амбиција да биде туристички центар
Мустафа Паша е старо, симпатично, мирно гратче (иако жителите сѐ уште си го сметаат за село), сместено во Кападокија, каде што се населуваат имигрантите што го напуштиле селото Жервени во Егејска Македонија (денешна Грција). Селото гравитира кон градот Урѓуп, оддалечен пет километри од Мустафа Паша, каде што најголемата туристичка атракција се т.н. самовилски оџаци, кои се всушност конусовидни столбови обложени со туф од базалт. Слични геолошки карактеристики има и Мустафа Паша. Во последните три-четири децении, турската држава и локалното население сфаќаат дека таквите географски и геолошки карактеристики можат да ги искористат како туристичка атракција, па овој регион сега изобилува и се развива во насока на отворање хотелски и сместувачки капацитети, кои наликуваат на модерно уредени пештери. Мустафа Паша порано бил наречен Синасос, пред размената на населението од 1924 г., кога во него живеело турско и грчко население. Во местото има две неактивни цркви, кои се прогласени за музеи, „Свети Константин и Елена“ и црквата „Свети Никола“. Во црквата „Свети Константин и Елена“, вселенскиот патријарх Вартоломеј барем еднаш годишно настојува да одржи служба. Од 1985 година регионот на Кападокија, односно Невшехир, е под заштита на УНЕСКО. Всушност таа година започнува да се практикува денес најпримамливата и најпрепознатлива туристичка атракција во Кападокија – лет со балон над областа полна со самовилски оџаци.
Мустафа Паша, иако сѐ уште со статус на село, има амбиција да стане туристички центар и да му го преземе приматот на Ѓореме (гратче од каде што летаат балоните). Во Мустафа Паша веќе постои и Факултет за туризам.