Некои од студентите се целосно незаинтересирани за овие процеси, бидејќи сметаат дека политиката ги има вмешано прстите во високообразовните институции, а нивните реални потреби се целосно маргинализирани
Подобрување на студентскиот стандард и на условите за студирање, бесплатен јавен превоз, подобро сместување, подобра храна во студентските мензи, повеќе читалници, се само дел од ветувањата што студентските лидери обично ги даваат пред секои студентски избори. Сепак, впечатокот што најчесто преовладува во јавноста е дека во заднината на секои избори за студентски лидер има скриена политичка борба меѓу подмладоците на политичките партии.
Веројатно од тие причини не зачудува и нивниот подоцнежен однос кон студентските потреби, кои се ставени во втор план, за сметка на спроведувањето на нечија политичка агенда.
Голем број примери од минатото покажуваат дека влијанието на студентските лидери понекогаш се користело и при изборот на декани и ректори, бидејќи токму студентските лидери имале можност преку делегирањето студенти да партиципираат, па дури и да влијаат врз изборот на декан или ректор.
Имено, при пребројувањето на гласовите предвид се земале и гласовите на делегираните студенти, кои во некои случаи можеле да бидат и пресудни дали некој кадар ќе биде избран или не. Токму таквиот ангажман на студентите им овозможуваше на некој начин и на партиите да избираат меѓу подобен и неподобен кадар за нив во високообразовните институции. Тоа покажува и дека функцијата студентски лидер воопшто не е церемонијална, туку има и пошироки рефлексии и влијание.
Дали поради политиката или поради нешто друго, но некои од студентите се целосно незаинтересирани за овие процеси, бидејќи сметаат дека политиката ги има вмешано прстите во високообразовните институции, а нивните реални потреби се целосно маргинализирани.
– Воопшто не гласам на избори, ниту на парламентарни, а не, пак, на студентски. Кај нас сè е политизирано. Сите студентски лидери ветуваат подобри услови за студентите, а по гласањето не можеш никаде да ги најдеш – вели Бојан К., студент.
Според социолозите, политичките партии се длабоко инволвирани во изборите за студентски лидер, бидејќи сакаат да имаат контрола врз студентите.
– Тој студентски лидер речиси секогаш е некаков партиски активист. Партиите се мешаат бидејќи сакаат да ги имаат студентите како некаква резерва, а во некоја ситуација и да ги искористат. Од тие причини кај нас долги години не постои некоја студентска критична маса што би реагирала на некои општествени состојби – вели Илија Ацевски, социолог.
Тој додава дека студентските интереси се ставени во втор план и обично се расправа за многу поневажни работи за студентите.
– Имаше многу манипулации кога се избираа студентски лидери. Тие подоцна се користеа при избирањето декани и ректори, наместо да се занимаваат со решавање на проблемите на студентите. Едноставно, овие студентски избори за лидер се еден вид партиски натпревар, за да бидат студентите ставени под контрола од страна на политичките партии – нагласува Ацевски.
И аналитичарот Александар Пандов смета дека изборите за студентски лидер се еден вид борба меѓу младинските организации на партиите.
– Тоа е така и можеби донекаде е природно, бидејќи тие студенти секако се вклучени во општествените случувања. Нивната улога е многу силна и затоа не гледам ништо спорно во тоа. Тие може да отвораат некои студентски барања што подоцна може да се најдат и во политичките програми на партиите – вели Пандов.
Според него, за победникот одлучува која партиска младинска организација е подобро организирана.
– Како и да е, да се биде студентски лидер носи извесна бенефиција. Речиси 85 отсто од оние што биле лидери сега се на некоја позиција, било во администрација или слично. А токму студентите се тие што треба да бидат авангарда на општеството, да излегуваат на улица кога не се согласуваат со одредени општествени процеси, но, за жал, тоа кај нас не е случај – истакна Пандов.
Борјан Ефтимов, студент на прва година на мастер-студии на Правниот факултет, и Александар Ѓоргиевски, апсолвент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, се кандидати за студентски лидер на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за чиј избор требаше да се одлучи во текот на вчерашниот ден.
Обајцата најавија дека ќе работат за подобрување на студентскиот стандард, но и за подобрување на квалитетот на студирањето.