Деновиве во Велика Британија се водат расправи за вакцинацијата против грип, односно нивната стратегија е да се спушти старосната граница за бесплатно вакцинирање против грип. Нивните анализи покажале дека „ударот“ на грипот и ковид-19, односно нивната комбинација би можела да го парализира здравствениот систем во текот на есента и зимата, а ако има што повеќе вакцинирани од грип, тоа сценарио би се избегнало. Има ли Македонија стратегија за борбата против вирусните закани?
Силината со која ковид-19 ја погоди Македонија и најавите дека тој би можел дополнително да се засили наесен, во комбинација со сезонскиот грип, го наметнува прашањето дали државата има некаква стратегија да се справи со ваквата комбинирана закана, која би можела целосно да го урниса здравствениот систем.
Повеќето научници во светот се согласни дека коронавирусот би можел од есен да се врати со уште поголем интензитет од сегашниот, а фактот дека луѓето ќе бидат затворени поради пониските температури го зголемува ризикот за уште побрзо ширење на вирусот, што ќе доведе до поголема потреба од хоспитализација.
Оваа констатација дополнително загрижува, бидејќи во моментот повеќето болнички капацитети во земјава се речиси целосно пополнети, така што ако наесен се случи експлозија и на грипот, би можело да дојде до целосен колапс на здравствениот систем.
Од тие причини се наметнува прашањето дали се размислува за некаква стратегија за од есен да се стави под контрола коронавирусот, но и грипот и да се избегне евентуалното црно сценарио на преполни болнички капацитети.
Деновиве во Велика Британија се водат расправи за вакцинацијата против грип, односно нивната стратегија е да се спушти старосната граница за бесплатно вакцинирање против грип.
Нивните анализи покажале дека „ударот“ на грипот и ковид-19, односно нивната комбинација би можела да го парализира здравствениот систем во текот на зимата, а ако има што повеќе вакцинирани од грип, тоа сценарио би се избегнало. Фактот дека некој е вакциниран против грип побрзо ќе ја реши дилемата дали симптомите, кои се речиси идентични, се знак за грип или за ковид-19.
Симптомите и на грипот и коронавирусот се зголемена телесна температура, кашлица, главоболка, болка во зглобовите и во мускулите.
Во таа насока македонското министерство за здравство најави дека за претстојната вакцинација против грип 2020/2021 година ќе набави 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип за бесплатна вакцинација, што е за 40 отсто повеќе во однос на претходната сезона.
Бесплатна вакцинација им следува на лицата постари од 65 години, оние со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени, како и на децата на возраст од шест месеци до пет години.
– Моментално сме сведоци на влијанието на ковид-19 на здравствениот систем, а во претстојниот зимски период може да се соочиме со коциркулација на ковид-19 и грип. Со тоа може да очекуваме оптоварувањето од сезонскиот грип да биде дополнето со оптоварувањето од ковид-19 – вели Бранка Величковска од Секторот за превентивна и примарна здравствена заштита при Министерството за здравство.
Таа додава дека како никогаш досега, оваа сезона ќе биде од особена важност спроведувањето на вакцинацијата против грип.
– Ризичните групи за грип се истите што се под најголем ризик и од ковид-19, поради што мора да се обезбеди вакцинација против грип на истите тие. На тој начин ќе се избегне и дополнително оптоварување на здравствениот систем, бидејќи лицата заболени од грип би се хоспитализирале во ковид-центрите. Вакцинацијата е една од најефикасните превентивни мерки со кои располагаме да го заштитиме здравјето на луѓето и да го намалиме притисокот на системот за здравствена и социјална заштита во текот на сезоната на грип – нагласува Величковска.
На официјалната веб-страница на Министерството за здравство во делот на стратегии нема објавено стратегија за тоа како државата ќе се справува со коронавирусот од есен, а партиите во предизборниот период најавуваат дека доколку ја освојат власта, ќе подготват вакви стратегии, иако временски тоа тешко ќе се постигне пред есента, кога веќе и ќе биде доцна.
Ниту од Институтот за јавно здравје не добивме информација дали се преземаат некакви активности во насока на спречување на заканата од нов ударен бран врз здравствениот систем при евентуално комбинирање на ковид-19 и грипот во текот на есента.
Некои од епидемиолозите со кои се консултиравме сметаат дека ситуацијата ќе биде исклучително тешка ако сега не се разработи соодветна стратегија.
– Не гледам дека се работи на некаква сериозна стратегија по ова прашање. Сите некако како да се концентрирани околу изборите, а проблемот со коронавирусот е оставен некако по страна. Стратегија требаше да се подготви многу порано, да се применат искуства од земјите што добро се справија со кризата и така можеби немаше да имаме толкав врв на вирусот, а со тоа ќе влезевме и поподготвени за претстојната сезона на грип од есен – вели епидемиолог што посака да остане анонимен.
Според него, потребна е итна стратегија што би дала резултати во краток рок, бидејќи медицинскиот персонал е исклучително уморен и тешко ќе издржи нов налет на пациенти ако наесен се случи нов врв на ковид-19 во комбинација со сезонскиот грип.
Наместо стратегии, протоколи
Новата реалност со коронавирусот наложи целосно поинакво функционирање на општеството. По неколкумесечниот карантин, некои од дејностите повторно се активираат, но во моментот не постојат стратегии како ќе функционираат разните општествени гранки во услови на продолжување на пандемијата, туку само се подготвуваат посебни протоколи, бидејќи никој не знае со сигурност уште колку долго ќе трае здравствената закана.
Неодамна Министерството за образование соопшти дека работи на концепт за настава на далечина, за ако дојде до ескалација на здравствената криза од есен, да се овозможи тек на наставата што ќе овозможи валиден образовен процес.
На официјалната веб-страница на македонската влада се наведени сите протоколи според кои треба да се постапува во следниот период за да се намали опасноста од ширење на ковид-19, меѓу кои и протокол за спортски натпревари, за обложувачници, за работа на хотели, за кафулиња, молови, маркети…