Сепак, без финализирање на договорот со Грција, Македонија нема да може да се приклучи во НАТО, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Очекувам лидерите на земјите-членки на НАТО на самитот на 11 и 12 јули да ве поканат да почнете разговори за пристапување, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел. Столтенберг го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција, оценувајќи го како огромно постигнување и пример за другите во регионот. Веднаш по прес-конференцијата, Заев на својот фејсбук-профил напиша: „Го видовме нашето место на мапата членки на НАТО. Триесеттото место е за Македонија. Триесеттиот јарбол е за македонското знаме“, и ја објави фотографија на која заедно со Столтенберг гледаат во мапата на земјите-членки на НАТО.

– Проблемот за името беше сенка над регионот долго време, но сега договорот е пример за сите на соработка. Вратата на НАТО е отворена, а вие сте на прагот. Сакаме да ја видиме Македонија во стабилен и просперитетен регион – порача Столтенберг.
Тој нагласи дека, сепак, без финализирање на договорот со Грција, Македонија нема да може да се приклучи во НАТО и изрази очекување дека граѓаните на Македонија ќе ја препознаат шансата и ќе ја искористат.

– Откако ќе бидат завршени сите обврски од договорот за името, ќе станете член на НАТО. Без исполнување на договорот, нема да може да станете дел од НАТО – порача Столтенберг.
Прашан за очекувањата од претстојниот самит, првиот човек на НАТО кажа дека верува оти земјата ќе биде поканета да почне пристапни преговори.

– Откако ќе ги завршиме пристапните преговори и ќе биде затворен договорот за името, тогаш земјата ќе стане полноправна членка – рече Столтенберг.
Инаку, според динамиката што за дел од медиумите ја најавија високи владини извори, откога пристапните разговори за членство на Македонија во НАТО ќе почнат на 12 јули, со испорака на поканата, се очекува пристапниот протокол да биде потпишан во јануари 2019, откако ќе заврши имплементацијата на македонските обврски од договорот со Грција. Од тој момент Македонија ќе учествува во сите структури на НАТО и ќе добие столче на главната маса на Северноатлантскиот совет. Македонија ќе биде сместена на масата до Норвешка.

Од една до една и пол година, според нив, е потребно за ратификацијата на договорот за пристапување во парламентите на сите земји-членки на НАТО.
Во текот на летово, Македонија би требало да добие и прецизен план за пристапните разговори, а НАТО ќе испрати и експерти за таа потреба. Сега, како што истакнале, останува само Македонија да ги спроведе обврските од договорот со Грција.
Во меѓувреме, и генералниот секретар Столтенберг ги појасни чекорите што ќе следуваат. Успешен референдум за договорот со Грција, како што рече, останува клучен услов, но Македонија веќе ќе учествува на сите состаноци на НАТО и пред полноправното членство.

– Уверен сум дека шефовите на држави и влади ќе ја поканат ПЈРМ да започне пристапни преговори, потоа неколку месеци ќе имаме пристапни преговори и доколку внатрешните процеси се финализирани во земјата, тогаш можете да се приклучите кон НАТО – рече генералниот секретар.
Тој ги потврди процените дека процесот на ратификација е тој што одзема најмногу време.

– Времетраењето варира малку, но можам да ви дадам два примера. За Црна Гора, поканата за почеток на преговори беше издадена во декември 2015 година, преговорите беа финализирани во март 2016-та, а потоа сите 28 земји членки го ратификувале протоколот до јуни 2017 година. Албанија и Хрватска, пак, беа поканети во април 2008, а се приклучија во април 2009, една година подоцна – потсети Столтенберг.

Тој зборуваше и за тоа што ќе следува во случај референдумот да не успее.
– Тешко е да се замисли, доколку се отфрли оваа шанса, ситуација каде што би биле толку блиску до членство во НАТО. На народот на ПЈРМ е да одлучи, но подготвени сме да ве поканиме и да го направиме тоа најбрзо што може, зборуваме за месеци – нагласи Столтенберг. П.Р.


Песков: Членството на Македонија во НАТО е нејзино суверено право

Приклучувањето на Македонија во НАТО е суверено право на земјата. Москва негува добри односи со Скопје, но се противи на приближувањето на Алијансата до границите на Русија, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Тоа е суверена одлука на самата Македонија. Ние ги цениме и одржуваме добри односи со Македонија. Се разбира, заинтересирани сме за развој на билатералната соработка. Но што се однесува на приближувањето на НАТО и на неговата инфраструктура кон нашите граници, познат е ставот на Москва за тој процес и во тој поглед ништо не е променето – одговори Песков на новинарско прашање за ставот на Кремљ за приклучувањето на Македонија во НАТО.