Кога станува збор за статистиката, неодминлив е и фактот дека таа кај нас во минатото многу често беше жртва и се користеше за политички цели и политички калкулации. Токму по повод Светскиот ден на статистиката треба да се испрати јасна порака дека веќе не смее да се случи тоа. Во таа насока е потребно што побрзо да се објават и резултатите од неодамнешниот попис наместо во претходно посочениот рок од шест месеци
Меѓународниот ден на статистиката –
20 октомври, како повод
Денеска е Светскиот ден на статистиката. Овој датум се користи да се истакнат значењето и примената на статистичките операции во земјите.
Според најшироко прифатената меѓународна дефиниција, статистиката е знаење што помага врз научен метод да се приберат податоци, да се изврши соодветна анализа врз нив, од која потоа се презентираат стручни наоди што потоа ќе придонесат за планирање, насочување и подобрување на активностите во сите сфери на општественото живеење.
Според толкувањата на научниците, статистиката е круцијален процес што е двигател на сите држави и нивните општества, но истовремено и темел врз кој се базираат научните дисциплини, таа се фокусира на факти и докази од кои потоа произлегуваат голем број прогнози, симулации и предвидувања за секаква широка употреба. Македонија го пречекува овој светски датум со фактот дека по 20 години, државата конечно направи попис на населението, становите и домаќинствата. По оваа операција, која во минатото поради политички причини не беше спроведена две декади, сега вниманието на јавноста е вперено кон Државниот завод за статистика, од каде што се очекува да се дознаат резултатите од пописот. Но кога станува збор за статистиката, неодминлив е и фактот дека таа кај нас многу често беше жртва и се користеше за политички цели и политички калкулации. Токму по повод Светскиот ден на статистиката треба да се испрати јасна порака дека веќе не смее да се случи тоа. Во таа насока е потребно што побрзо да се објават и резултатите од неодамнешниот попис наместо во претходно посочениот рок од шест месеци.
Ова, секако, претставува долг рок за објавување на резултатите, ако се има предвид дека пред почетокот на пописот надлежните потенцираа дека е важно што поскоро да се добијат бројките за да се пристапи кон креирање развојни политики и државата да може да се развива.
Одредени држави од регионот, на пример како Хрватска и Србија, по спроведените пописи во нивните земји излегоа многу брзо и со резултатите.
Со секое доцнење и одложување повторно им се даваат аргументи на противниците на пописот дека работите околу статистичката операција не се кристално чисти или можеби, пак, има некакви политички калкулации.
Имено, додека се очекуваат резултатите од пописот, во домашната јавност долг период се лицитира со бројки на албанската малцинска заедница, што во отсуство на официјални податоци и во зависност од околностите и кој говори во јавноста се движат од 15 проценти, па сѐ до 25 отсто од вкупното население. Натаму, македонскиот попис со големо внимание се следи и од Бугарија, која исто така лицитира со наводно над 100-илјадно бугарско малцинство во Македонија, иако поранешниот конзул на Бугарија во Чикаго, Иван Анчев, неодамна излезе со податоци дека на пописот во Македонија само 72 лица се изјасниле како Бугари. Сето ова е само уште еден показател колку статистиката може да биде подложна на политички калкулации и манипулации од најразличен вид.
Тоа, пак, е уште една причина повеќе да не се чека предолго и да се излезе со точните бројки од пописот во државата. По примерот на другите држави, тоа секако подразбира и грижа за Македонците што живеат во светот. Неодамна австралиското министерство за внатрешни работи соопшти дека 2.105 лица родени во Грција, а доселени во Австралија се изјасниле како Македонци. Истото министерство објави и посебна анализа за луѓето родени во Македонија, според која, 98.441 се попишале дека се од македонско потекло. Голема е бројката на Македонци и во Грција и во Бугарија и секаде во светот, па тие, секако, заслужуваат должно внимание од својата матична држава.
Во своја изјава на оваа тема, поранешниот директор на Државниот завод за статистика и добар познавач на пописните состојби, Дончо Герасимовски, вели дека за нашата држава овој светски јубилеј има големо значење.
– Македонија во својата статистичка историја празнувала повеќе вакви јубилеи. Освен актуелниот на 20 октомври кога се одбележува Светскиот ден на статистиката, во земјата се чествува и 11 јуни, кој по нашата независност од 1990-тите, па наваму е маркиран како датум што е значаен за македонската статистика. Претходно, во земјата се чествуваше и 14 декември, кој беше празник посветен на југословенската статистика. Но сите овие датуми, поранешни и сегашни, имаат иста цел, а таа е да го истакнат значењето на статистиката за нашата држава, но и за земјите од светот – вели Герасимовски.
Коментирајќи ги актуелниот попис и процесите што следуваат по него за земјата, Герасимовски нотира дека во овој момент е исклучително битно да добиеме точни и навремени анализи на податоците, кои првпат во Македонија се собрани со користењето нова технологија и нов метод во работата.
– Во минатото кога се спроведуваа пописите со традиционалниот метод со лични интервјуа и со молив, гума и хартија, нам ни беа потребни околу две години да ги сумираме заклучоците, а сега се очекува сето тоа многу побргу да заврши бидејќи се користат компјутери, но и бази на податоци на државните институции – вели тој.
Герасимовски се согласува дека рокот за објавување на првичните резултати од шест месеци е долг, но не ја исклучува можноста резултатите да бидат соопштени и порано.
– Според Законот за попис, резултатите треба да се објават најдоцна за шест месеци, но тоа не значи дека нема да се објават и порано. Сега треба да се проверат сите собрани податоци, да се споредат и да се излезе со чисти и веродостојни бројки, во кои никој нема да се посомнева. Секако, ако рокот на објавување на податоците од пописот е предолг, тоа може да го искористат противниците на статистичката операција и да обвинуваат дека некој манипулира со процесот. Тоа не е исклучено – вели Герасимовски.
Тој изрази надеж дека, сепак, резултатите ќе бидат објавени до крајот на годината, за да може од почетокот на годината да почнат навреме да се прават програмите за развој и плановите за работа во 2022 година.
– Ако објавиш податок во февруари, март или април, не можеш да креираш политики за таа година, бидејќи тоа подразбира ребаланс на буџетот. Не можеме постојано да го правиме тоа – истакна Герасимовски, притоа додавајќи дека е задоволен што конечно по 20 години е направен попис.
Тој посочува дека значајна димензија на овој јубилеј посветен на светската статистика може да биде препознаена и во пописите на другите земји, каде што ќе се брои македонската дијаспора.
– Според некои мои истражувања, кои се темелат на податоците на Обединетите нации, Светската банка и ЕУ, во земјите во светот живеат меѓу 600 и 700 илјади Македонци по потекло. Сега она што е интересно да се види од присобраните информации, колку од овие лица навистина се пријавиле во годинашната статистичка операција. Ако бројките се мали, тогаш може да се заклучи дека многу од нашите дипломатско-конзуларни претставништва, стопански комори, црковни и верски заедници, но и матици на иселеници не си ја сработиле работата и не ги мотивирале граѓаните што помасовно да излезат и да се пријават електронски – вели тој.