Задоволството на носителите на проектот за уставни измени и на нивните поддржувачи за напредувањето во фазите за имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Уставот не ја намалува бројноста, ниту скептичноста на критичарите на проектот, кои остануваат на ставот дека, меѓу другото, со интервенцијата во третата точка од амандманот 36, односно со вметнувањето на терминот „дијаспората на македонскиот народ“, Македонија се откажува од своите малцинства во соседните земји, кои таму претставуваат автохтоно етничко малцинство
Македонската страна, иако именувана како „втората страна“ во спогодбата од Мала Преспа, се чини дека вредно се труди и формално успева да ги следи роковите за задачите што произлегуваат од договорот со Грција, во насока на измени на Уставот, за менување на уставното име на Република Македонија. По јавната расправа за текстот на амандманите со кои ќе се спроведат уставните измени, Владата на РМ ја усвои финалната верзија на амандманскиот текст, која е објавена и на нејзината веб-страница.
Како резултат на реакциите од јавноста за бришењено на одлуките од АСНОМ во првичната верзија на текстот на амандманите, за сметка на прогласот, кој не е правен акт, а по предлозите во јавната расправа, направена е промена во амандманот за преамбулата на Уставот и како компромисно решение е понудена формулацијата „правните одлуки што се наведени во прогласот на АСНОМ“. Во согласност со барањата на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, во финалната верзија прифатена од Владата, направени се и дополнителни гаранции за македонскиот идентитет. Потоа, во уставниот закон за прогласување на амандманите, пак, е утврдено дека измените на Уставот ќе стапат во сила откако Грција ќе ја ратификува спогодбата од Мала Преспа и откако ќе го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО. „Амандманите нема да произведат правно дејство доколку не се исполнат овие услови“, пишува во уставниот закон.
Покрај тоа, по јавната расправа е направена и една навидум стилска корекција во текстот на амандманот 36, каде што во третата точка сега е запишано дека „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани што живеат или престојуваат во странство“.
Всушност, оваа трета точка од 36-от амандман, во претходната верзија на нацрт-текстот беше спорна за грчката страна. Како што пишува „Катимерини“, најспорен дел бил ставот 3 од членот 49 на сегашниот македонски устав, во кој се зборува за „македонски народ што живее во соседните земји“. Со измените на нацрт-текстот за уставните амандмани, оваа формулација е променета со зборот „дијаспора“, по примерот на членот 108 од грчкиот устав. Односно, финалната верзија на ставот 3 од амандманот 36 гласи: „Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината“.
Финалната верзија на текстот на четирите уставни амандмани беше поднесена од страна на Владата до Собранието, во средата. Третата фаза од собраниската процедура за амандманите треба да започне на 19 декември со седница на уставната комисија. Пленарната сесија, пак, е планирана за 9 јануари 2019 година. За изгласување на амандманите и носење одлука за менување на Уставот, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, со гласање на најмалку 80 пратеници.
Иако од потписниците на спогодбата од грчка страна велат дека со оваа финална верзија на амандманите за актуелниот македонски устав се испочитувани нивните забелешки и отстранети сите пречки, сепак Панос Каменос, грчкиот министер за одбрана и коалициски партнер на владејачката Сириза, изјави дека ќе ја напушти грчката влада доколку во македонското собрание бидат изгласани уставните измени, а пред спогодбата да стигне во грчкиот парламент. Од друга страна, и покрај задоволството на носителите на проектот за уставни измени од македонската страна и нивните поддржувачи за напредувањето во фазите за имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Уставот, тоа не ја намалува бројноста, како и скептичноста на критичарите на проектот за менување на уставното име на Република Македонија, за членство во ЕУ и во НАТО. Критичарите и понатаму остануваат на ставот дека со интервенцијата во третата точка од амандманот 36, односно со вметнувањето на терминот „дијаспората на македонскиот народ“, Македонија се откажува од своите малцинства во соседните земји, кои таму претставуваат автохтоно етничко малцинство, а не се иселени од Македонија, за да претставуваат дијаспора. Некои дури сметаат, дека со овие амандмани, направени во согласност со спогодбата од Мала Преспа, македонскиот идентитет (за кој потписниците на спогодбата тврдат дека отсега ќе биде меѓународно заштитен) се ограничува само во рамките на границите на државата.
Професорот по политички науки Љупчо Ристовски смета дека и самата формулација „дијаспората на македонскиот народ“ не е во согласност со европското законодавство, односно со препораките на ЕК, каде што се зборува за регулирање на правата на граѓаните што живеат надвор од границите на матичната држава, а не за дијаспора.
– И сега што правиме! На 108-та седница на Владата на Република Македонија е усвоен, внимавајте, „финалниот текст на предлог-амандманите“, а финален текст никаде нема! За да нема забуна, Владата доставува само секвенци, но не и финалниот текст на преамбулата, каде што Република Македонија е држава на македонскиот народ и …, ниту на чл. 36, каде што е суштински важно да остане континуитетот на денешната Македонија, како круна на вековната борба на македонскиот народ за национална слобода и државност…, „…за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност“… Зошто Владата не го дава интегралниот текст на целокупните амандмани, така како што ќе гласи од збор до збор конечниот текст на преамбулата и чл. 36. Логиката упатува дека пред да се гласа во Собрание, Владата мора да го претстави финалниот интегрален текст на новата преамбула и во пакет со чл. 36 (покрај другите измени), а не вака со секвенци, без да се има увид во конечниот интегрален текст на уставните измени, како што била вообичаената практика досега – пишува на својот фејсбук-профил професорот Љупчо Ристовски.