Пред наши очи, без да сме воопшто свесни за тоа во хаосот на современиот свет, преку конфронтацијата на поморските сили на Велика Британија, САД и на целиот западен воено-политички блок со континенталните сили Русија и Кина, се одвива една голема битка за контрола врз централната светска копнена маса – Евроазија, и нејзиниот европски центар, Источна Европа. Оваа, на прв поглед, тешко видлива поширока слика на целокупните тековни светски конфликти ќе ја одреди историјата на 21 век, на ист начин како што големите светски војни ја одредија онаа на 20 век. Прашање на време е кога конфликтот поттикнат од страна на геополитичките џинови – Западот и Русија на европската и истовремено Западот и Кина на азиската страна на Евроазија, ќе прерасне во глобална воена пресметка – битка над сите битки
Анализа: Битка над битките за „срцето“ на светот (2)
Спротивставените интереси на најмоќните светски сили ја достигнаа точката од која нема враќање. На европската страна од централното евроазиско копно, повторно, како и многупати во историјата, се оди на јуриш кон Урал и Кавказ, се разбира, преку Источна Европа – коридорот на војните или „ѓаволскиот појас“, како што ја нарекуваа Германците. Прашање на време е кога англо-американската воена моќ, со помош на европските сојузници (сакале тие или не) повторно ќе се најде пред вратите на Москва. Всушност, новата американска администрација на Џо Бајден дури не се ни обидува да ги прикрие своите намери во однос на ова.
Зошто е битно „срцето“
Целта на оваа нова битка за европската страна на „срцето“ е иста како и онаа на минатите големи војни – контрола над Источна Европа и спречување на какво било поврзување на европските сили, пред сѐ на Германија и Русија. Повторно е потребно да се исклучат сите можности една или повеќе европски сили да добијат контрола над целата Источна Европа, а со тоа и над „срцето“.
Со оглед на тоа што завладувањето со Русија до Урал е сѐ уште само далечен сон, американската и британската политика имаат цел, како прво, да ја изолираат Русија во нејзиниот дел од Источна Европа и да ја спречат во проектирањето интереси надвор од таа зона и како второ, да обезбедат цврста тампон-зона меѓу најмоќните европски сили што можат да го држат „срцето“ под контрола – Русија и Германија. Русија веќе сега е „тампонирана“ од Полска и од Украина, а во иднина веројатно и од Белорусија, Грузија и Азербејџан. Оваа зона на раздвојување се обидува да се обедини преку „Иницијативата три мориња“, која ги опфаќа и црноморските држави на Југоисточна Европа, Романија и Бугарија. Постоењето на една ваква тампон-зона од Балтикот до Средоземјето, според американските и британските стратегиски процени, би ја спречило Русија во обидите за контрола врз Источна и Југоисточна Европа и постсоветските простори.
Истовремено, таквата тампон-зона оневозможува какво било поврзување на водечките сили во битката за „срцето“, а тоа не е ништо ново. Како што може да се види од написот објавен во „Форин аферс“ на 1 октомври 1941, своевремено договорот од 1939 година, Рибентроп-Молотов (пакт за ненапаѓање и пријателство меѓу Германија и СССР) претставувал ноќна мора за двете најголеми поморски сили, САД и Велика Британија. Германскиот напад на СССР им донесе олеснување, а веднаш потоа, уште во раната фаза на германско-советската војна, Велика Британија, а по неа и САД, започнаа да обезбедуваат масовна воена помош за СССР – повторно од една иста причина: спречување на можноста една сила да владее со „срцето“, овој пат Германија, во случај СССР за биде поразен.
Владењето со „срцето“ значи долготрајна конфронтација, континуирана напнатост и несигурност на европските простори
Потребата да се спречи актуелната можност една сила да владее со „срцето“ гарантира долготрајна конфронтација, континуирана напнатост и несигурност на европските простори. Имено, дури и во случај Русија да добие политичка владејачка гарнитура што е наклонета кон западната политика, а притоа Русија да опстане како држава и по некое чудо послушно да ги задоволи сите барања на Западот, тоа не значи дека би дошло до смирување на напнатоста и воспоставување стабилност во европскиот мировен поредок.
Би се случило токму спротивното – целата игра само би се искачила на уште повисоко и поопасно ниво и би следувало ново заострување на односите. Едноставно затоа што потенцијалното поврзување на таквата, прозападно ориентирана Русија со европските сили, особено со Германија, повторно би ја отворило можноста за превласт на европските континентални сили над „срцето“, на штета на американските и британските поморските сили.
Очигледен пример за тоа, кој руската политика добро го памети, беше руското приближување кон запад во времето на Борис Елцин, кое беше успешно минирано од американската и британската политика, со потези насочени кон слабеење на Русија заради одржување на потребната нерамнотежа на силите. Кога веќе не можеа да ги држат раздвоени, без тампон помеѓу нив, мораше да ја ослабат едната страна. Тоа беше реализирано толку темелно, што Русија (главно поради сопствените слабости, но и поради надворешни влијанија) се најде на работ на понижување и пропаст. Кампањите на руските политичари беа водени од американски советници, а привилегираните олигарси со сметки во западните банки ја ограбуваа Русија, извлекувајќи од неа пари и богатства и уништувајќи ги руската воена и економска моќ.
Во тој период, руската армија претрпе поголема морална и материјална девастација одошто по првите удари на Вермахтот. Последниот советски водач Горбачов, кој ја заврши Студената војна и обезбеди мирно раздвојување на нуклеарните сили, тогаш беше оценет како геополитички идиот, а претседателот Елцин, кој спречи комунистички контраудар и го зачува номиналниот демократски уставен поредок во Русија, никој веќе не го земаше за сериозно. И двајцата беа отворено исмејувани од страна на Западот, а покрај нив истото тоа го доживеа и цела Русија.
Доволно е само да се потсетиме со каква злоба и потсмев западните медиуми ја следеа хаваријата на руската нуклеарна подморница „Курск“. Тоа беше една државно насочена пропагандна бура од потсмев и понижување. Секој ден се случуваат поморски несреќи, а борбени авиони се уриваат насекаде по светот. Американската нуклеарна подморница „Трешер“ потона како камен на дното на Атлантикот, заедно со 129 члена на екипажот и цивилни техничари; слично како и француската подморница „Минерва“ со 52 члена на екипажот, и тоа на само 60 километри од главната француска поморска база во Тулон. Со години не можеа ни да ја пронајдат на морското дно. Пред неколку години исчезна аргентинската подморница „Сан Хуан“, заедно со сите 44 члена на екипажот. Во 1970-тите години, Германија изгуби речиси половина од авионите „Ф-104Г старфајтер“, при што десетици пилоти ги загубија животите, па оттука, овој вид авиони во Германија беа наречени „производители на вдовици“. Па сепак, целиот западен свет не можеше да му одолее на невкусното и лицемерно згрозување од руската технологија и ликувањето поради трагедијата на една руска подморница.
Навидум, ваквите гестови изгледаат ирелевантни, но тие сепак јасно ја изразуваат меѓусебната политичка насока и креираат и создаваат инаетчиски дух кај населението на понижената нација и држава.
Практично, единственото решение – според она што отворено го прикажуваат американската и британската политика – би било распаѓањето на Русија на повеќе малечки државноправни ентитети, по можност различни според верски и етнички определби, кои меѓусебно би се конфронтирале и не би можеле да претставуваат никаква сериозна сила на просторот на Источна Европа и „срцето“. Слично беше направено на Блискиот Исток по воената интервенција во Ирак, со спроведувањето на програмираните револуции на т.н. „Арапска пролет“, како и војните што тие ги изродија.
Марио Стефанов, „Геополитика њуз“
(Продолжува)