Претседателот на Владата, Оливер Спасовски ја заврши дводневната посета на Брисел каде што учествуваше на донаторската конференција „Заедно за Албанија“ и каде што оствари средби со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лејен, со еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји, со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со други дипломати од Европа и САД.
– Сакам да го изразам моето задоволство што имавме можност да оствариме средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Разговаравме за следните чекори, за официјализирањето на членството на Република Северна Македонија во НАТО, како еден од најзначајните чекори за стабилноста на граѓаните од нашата земја, како и за целиот регион – рече Спасовски.
Првиот човек на Владата посочи дека со Фон дер Лејен и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји разговарале за европските перспективи на државата, како и за тоа дека дека се остварени сите зацртани планови за нашето започнување на преговорите со ЕУ.
– Навистина, очекуваме што е можно поскоро Европскиот Совет да донесе одлука за отпочнување преговори на Република Северна Македонија за членство во ЕУ. Една од клучните задачи во Брисел беше да учествуваме и на конференцијата „Заедно за Албанија“ за донации за обнова на земјата после тешкиот земјотрес во оваа земја. Тоа покажува дека сме подготвени за регионална соработка, за солидарност, и навистина сме задоволни што можевме да помогнеме и да бидеме дел од оваа донаторска конференција – рече Спасовски.