Сѐ повеќе станува пародична состојбата на евроинтеграциите, бидејќи нашите соседи ја пакуваат како таква, претворајќи ја во желботека за нивни неисполнети национални соништа и аспирации, исмевајќи ги принципите на Унијата и подбивајќи се со меѓународното право. Еве еден пародичен момент за условите што ги наметнува Софија, сатирично коментиран од бугарски интелектуалец: „Да се добијат права на малцинство, ќе значи и дека мнозинството во таа земја е различно. Да додадам дека е сосема дрско од наша страна да инсистираме некој да внесе малцинства во уставот ако ние самите не ги признаваме како малцинство ниту Турците, кои се околу 8 отсто. И дали сме подготвени на реципрочна основа да го признаеме македонското малцинство кај нас, одговорот е официјален и дефинитивно – не“
Инфантилна, а во извесна смисла и пародична е состојбата на македонските евроинтеграции од перспектива на ЕУ-соседите, кои ги претворија во желботека за нивни неисполнети национални соништа и аспирации. Асиметричноста на договорите и спогодбите за т.н. соседство и пријателство со Грција и Бугарија со Македонија и (не)очекуваните заплети за тоа кој (не) треба да ги почитува и спроведува, остава простор овие билатерални документи да бидат наметнати како список на национални (попрецизно, шовинистички и хегемонистички) желби (на соседите) за (ре)креирање амбиент и услови за исчезнување на македонскиот национален супстрат.
Ако Бугарите бараат,
веројатно им е јасно дека мнозинството Македонци жители на Македонија не се Бугари
Од списокот на желби на Бугарија за Македонија, кој во разни формати го упатува до ЕУ и го користи како аргумент за блокирање на почетокот на македонските преговори за членство во ЕУ, бугарската страна во последно време најмногу го форсира моментот на додавање на Бугарите во македонскиот устав. Навидум согласувајќи се да има уставно препознаено малцинство во државата чиј мнозински народ не го признаваат, бугарските политичари вршат притисок тоа да се спроведе „брзопотезно“ во Македонија.
– Дискриминаторскиот третман на македонските Бугари трае со децении и тоа треба да престане. Тие мора да бидат третирани еднакво со сите други групи луѓе споменати во нивниот устав. Се работи за принципи, а не за преговори. На РС Македонија ѝ требаа шест месеци да го спроведе договорот од Преспа со Грција, па дури и го смени името на својата земја, и зошто е толку тешко да се додаде еден единствен збор „Бугари“ во Уставот – изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Сугерирајќи на брзината на спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција, Радев на своевиден начин имплицира собирање двотретинско парламентарно мнозинство во македонското собрание за таа потреба, според принципот за изгласување на Преспанскиот договор. Дури и бугарските интелектуалци, како универзитетскиот професор Ивајло Дичев, кои сметаат дека е „сосема дрско од наша страна да инсистираме некој да внесе малцинства во уставот“, проценува дека тој момент е најмалку болниот компромис за Македонија, кој на Бугарија би ѝ дал некаква сатисфакција за да го отстрани ветото.
– Основното барање до Скопје е „вклучување на Бугарите во Уставот на С. Македонија“. Според моите согледувања, тука е клучот за подигнување на ветото – нашите владетели ќе можат да се вратат со трофејот и да слават. Пред 20 години таму имало 1.400 Бугари, сега слушам дека се зборува за околу 3.000, што е три пати помалку од Власите. Но, се разбира, нема никакви пречки тие да бидат прогласени за малцинство во Уставот во делот пред зборовите „и други“. Сепак, тука има две тешки прашања. За промена на македонскиот устав е потребно квалификувано мнозинство, а не сум сигурен дали тоа може да се обезбеди во моментов. Второто е дали Софија ќе биде задоволна од бројот на луѓе што ќе се декларираат како Бугари на годинешниот попис. Од претседателот до последниот фејсбукар, Бугарите се убедени дека бројката ќе биде изманипулирана. Каде се тие 120.000 луѓе што се декларираа за Бугари и земаа пасоши? Значи ги дискриминираат, не дозволуваат да имаат свој идентитет? Се разбира, вистината им е јасна на сите – земале (а понекогаш и купувале!) пасоши не затоа што се чувствувале како Бугари, туку за да одат на работа во Германија. Но каде да ги бараме сега и да ги натераме да се попишат како Бугари?
Во С. Македонија тешко дека се изненадени од оваа тема – пописот таму најчесто станува политички проблем, бидејќи правата на малцинствата се нумерички. Не знам колку оваа одлука ќе ги задоволи бугарските граѓани, кои се убедени дека во Северна Македонија живеат потомци на Бугарите. Да се добијат права на малцинство ќе значи и дека мнозинството во таа земја е различно. Да додадам дека е сосема дрско од наша страна да инсистираме некој да внесе малцинства во уставот ако ние самите не ги признаваме како малцинство ниту Турците, кои се околу 8 отсто. И дали сме подготвени на реципрочна основа да го признаеме македонското малцинство кај нас, одговорот е официјален и дефинитивно – не. Но да не ситничариме. Компромисот е лесен и ништо не го чини Скопје да го направи – само доколку се обезбеди мнозинство од две третини во парламентот – пишува во една своја колумна професорот Ивајло Дичев.
Девалвирање на нашата внатрешна политика е Уставот да се отвора по барање на надворешни фактори
Македонската историчарка Наташа Котлар, пак, е категорична дека македонските политичари не смеат да размислуваат за еднострано воведување на Бугарите во македонскиот устав, како „најмалку болен компромис“, без почитување на принципот на реципроцитет и еднаквост во меѓународните односи.
– Девалвирање на нашата внатрешна политика е Уставот да се отвора по барање на надворешни фактори. Ваквите предлози за отворање и додатоци во македонскиот устав произлегуваат од усвојувањето и спроведувањето на Преспанската спогодба, што, од друга страна, оди во прилог на заклучокот дека грчката и бугарската надворешна политика се синхронизирани. Ако веќе се предлага отворање на македонскиот устав, тоа треба да го подразбира и принципот на реципроцитет. Во оваа форма само се одзема суверенитетот на македонскиот народ во Македонија, како и територијалниот интегритет на државата. Со анулирањето на Манифестот на АСНОМ од преамбулата на Уставот, како една од последиците на Преспанскиот договор, веќе доволно е засегнато државотворното значење на македонскиот народ, како суверен на територијата на македонската држава. Еднонасочното додавање на Бугарите во македонскиот устав, без именување на Македонците (како малцинство) во бугарскиот устав (со изговор дека Бугарија, како и Франција, не предвидувала малцинства во Уставот), значи само одземање на суверенитетот на македонскиот народ и загрозување на територијалниот интегритет на државата Македонија – вели историчарката Наташа Котлар.
Македонците од Бугарија му реплицираат на Радев
Партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, реагираа на дрскоста и лицемерството на бугарскиот претседател Румен Радев да бара отворање на Уставот на Македонија за имплементирање на Бугарите како малцинство, а притоа да одбива споменување на какво било малцинство во својот устав.
Зарем не е срамота да се постави вакво прашање од лидер на држава што во својот устав не вклучува ниту едно малцинство, ниту зборот малцинство, во која формално се оспорува постоењето на малцинствата и чиј образовен систем не зема предвид сметка за придонесот на малцинствата? Би сакале да го прашаме Радев, кој знае како да прими луѓе што вчера станале бугарски државјани од странство, но не може да најде време дури ни да одговори на барањата за средби на бугарски државјани родени во Бугарија со самосвест: Зошто ви е толку тешко да го признаете македонското малцинство?
За разлика од внесувањето на народното име во Уставот, тоа не е ретка привилегија, туку право и во оваа смисла е ваша должност, која произлегува од меѓународните обврски на Бугарија – велат од ОМО Илинден Пирин.
Тие го прашуваат Радев и дали мисли дека со отворено негирање на постоењето на македонското малцинство и со примена на систематска дискриминација против него, го поддржува неговото барање Бугарите во Македонија да добијат привилегија да бидат вклучени во македонскиот устав.
Дали воопшто мисли дека им помага на Бугарите во Македонија со тоа што отворено води непријателска политика против Македонија и македонската нација? Го набљудуваме срамниот феномен на земја што ги негира и дискриминира малцинствата на своја територија да инсистира на привилегиите на сонародниците од доминантната етничка група во Бугарија што живеат во други земји.
И ова суштински го крши бугарскиот устав, создавајќи привилегирана група бугарски граѓани и е во спротивност со јасниот принцип дека власта и суверенитетот во Бугарија потекнуваат од целата нација, а не од доминантната етничка група – заклучуваат од партијата на Македонците во Бугарија.