Советот на амбасадори изразува големо разочарување што во моментов се блокирани пристапните преговори со ЕУ заради, како што велат од таму, непринципиелните ставови на Република Бугарија.
– Ваквите позиции на официјална Софија, во нашата јавност предизвикуваат и силна осуда, особено заради фактот дека блокадата на нашите евроинтегративни процеси доаѓа од само една земја-членка, и тоа од нашето непосредно опкружување – се вели во соопштение испретено од Извршниот одбор на Советот.
Во него се додава дека Советот на амбасадори во своите идни активности ќе ја поттикнува идејата за модернизирање на механизмот на одлучување во Европската Унија, врз принципот „консензус минус еден“.
– Разновидноста на земјите-членки, создава реални можности, процесот на одлучување и за други важни прашања од структурен и организационен каракатер за функционирање на Унијата, да се соочи со сериозни проблеми врз постоечките принципи во ЕУ, како што овој декември тоа и се случи на РС Македонија со блокадата од страна на само една земја-членка – се наведува во соопштението.