Со 76 гласа „за“, без против и воздржани, Собранието вчера ја донесе декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство на Република Македонија во НАТО.
Пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, рече дека влезот во НАТО директно носи безбедност и стабилност, но, сепак, како што посочи, најголемите индиректни влијанија што ги носи членството не се воени туку економски бенефиции.
– Искуствата на земјите од ЈИЕ поврзани со членството во НАТО покажуваат дека кога некоја држава ќе се приклучи на Сојузот не може, а да не се споменат дополнителните ефекти за државата, а се од економска природа поврзани со раздвижување на бизнисот и со зголемување на вложувањата од страна на странски инвеститори – рече Локвенец.
Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека неговата партија ќе ја поддржи декларацијата и ќе даде силен придонес на патот на РМ за полноправно членство во НАТО.
– Навистина е придобивка да се биде член на овој сојуз, но истовремено е сериозна одговорност. Членството во НАТО не значи дека веднаш од исток и од југ, од запад и од север ќе се отворат славините и во Република Македонија ќе тече мед и млеко – кажа Данев.
Членството во НАТО, како што посочи Данев, значи многу работа и обврски за сите граѓани во Македонија, владеење на правото, независно судство, развиен образовен и здравствен систем…
Тој потсети дека токму ВМРО-ДПМНЕ беше онаа политичка опција што во 1990 година се формира врз трите постулати: независна Македонија, зачленување во ЕУ и во НАТО. П.Р.