Претседателот на грчката партија СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас упати видео порака со поддршка на претседателот Зоран Заев, СДСМ и коалицијата „Можеме“.

Во видеото, цитирајќи ги македонските поети Блаже Конески и Владимир Мартиновски, Ципрас посочи дека претседателот Заев и СДСМ отворија ново прогресивно поглавје во историјата на Македонија, но и на европскиот Балкан и дека таквото поглавје базирано на соработка, економски напредок и социјална правда, може да продолжи само со СДСМ и Зоран Заев на чело на идната влада.

– Пред две и пол години го запознав Зоран Заев. Го препознав во него истото она што го покажуваат многу други лидери. Дека тој не зборуваше за минатото, туку за иднината. Тој не зборуваше за проблеми, туку за решенија. Тој не ги изразуваше балканските несигурности на мала европска земја која се плаши да ја изгуби својата историја, тој ја искажа европската визија за самоуверена балканска земја која се бори за создавање историја. Не историја со војни, нетолеранција и сиромаштија, туку ново прогресивно поглавје во историјата на Европски Балкан, базирано на заемна почит, соработка, толеранција, економски развој и социјална правда. Иднина во ЕУ и во НАТО, како што избра народот на Северна Македонија.

Пред многу години, вашиот голем поет Блаже Конески напиша: „Уште рика истата мака во мене, дека сум роден во смачкано племе, сејач на глуво семе“. Но, во последните две години откако го потпишавме Преспанскиот договор, слушам различна песна на надеж, од новата генерација на Северна Македонија. Владимир Мартиновски вели: „Купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време“. Па, и јас, заедно со оваа нова генерација, велам, на 15-ти јули, купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време – порача Ципрас.


Санчез: Се надевам дека по 15 јули, Македонија ќе остане со проевропска влада

Се надевам дека по изборите на 15 јули, Македонија ќе продолжи со ваква проевропска влада, влада што ќе остане посветена на прогресивните вредности, влада што ќе овозможи државата да продолжува да напредува со овој забрзан ритам како внатрешно така и на меѓународен план, вели премиерот на Шпанија, Педро Санчез, во видеопорака за поддршка до претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и коалицијата „Можеме“.

– Сакам да испратам порака за поддршка на предизборната коалиција „Можеме“, што ја предводи мојот драг пријател Зоран Заев од СДСМ. Тоа е порака што ја испраќам не само поради социјалдемократскиот идеал што го споделуваме, туку и поради моето лично убедување дека Владата на Заев работеше посветено на овој идеал во изминатите три години и придонесе за значителни подобрувања во однос на минималната плата, социјалната помош и пензиите. Пораката ја испраќам и како убеден европеист. СДСМ, така гласи кратенката на македонски јазик на партијата што ја предводи Заев, со договорот од Преспа стави крај на долготрајниот спор со Грција, истовремено напредувајќи кон надминување на спорот со другиот сосед – Бугарија. Тоа ѝ овозможи на Северна Македонија да стане членка на НАТО во март оваа година и да дојде на чекор до почетокот на пристапните преговори со ЕУ – вели Санчез.

Како од Мадрид, така и од Скопје, додава тој, нè обединува заедничката цел, дека врадностите на солидарноста, демократијата, почитувањето на човековите слободи и права се столбот на кој почива европскиот проект.

Поради тоа, вели шпанскиот премиер, сакам да ги истакнам и напорите на Владата на СДСМ во борбата против пандемијата и економските последици на кризата настојувајќи секојпат да не остави никого зад себе.

– Исто така, сакам да ја истакнам социјалната агенда на Владата предводена од Заев, која значително се приближи до европската социјална агенда преку реформите на пазарот на трудот во однос на правата на граѓаните, како, на пример, преку Законот за заштита од дискриминацијата. Тоа не се политики и приоритети преземени како стратегија, туку како убедување дека само на тој начин, преку тие реформи, ќе се даде придонес за подобра иднина на општеството. Општество што ќе биде инклузивно – вели Санчез.