Наместо обединување околу заеднички национални позиции, што се појави како предизвик од неочекувана страна, власта и опозицијата како повеќе да се закопаа во своите политички ровови, од кои комуницираа преку меѓусебно напаѓачки изјави, повеќе заинтересирани за ексклузивитетот на својата позиција во процесот на евроинтеграциите отколку за државниот и националниот интерес
Меѓусебното уривање на достоинството и честа на македонските политичари е искористената шанса на политичарите од соседството
Екстремната поларизираност на политичките чинители во Македонија, дава сериозна поткрепа на впечатокот дека ги има дерогирано етичките и моралните принципи на политичката култура и комуникација. Таквата состојба одамна не може да се толкува како „манифестација на разлики во идеологијата и концептот“, туку сѐ потврдо ги отсликува меѓусебната нетрпеливост и недоверба на политичарите на македонската политичка сцена.
Најновиот експлицитен израз на таквата недоверба меѓу политичките фактори беше манифестиран токму на годишното обраќање во Собранието на претседателот Стево Пендаровски, кога од опозициските пратеници беше пречекан со транспаренти што содржеа протестирачки пораки. Опозициските пратеници ја напуштија седницата и не го слушаа во собраниската сала обраќањето на претседателот. Ваквиот чин, пак, може да се гледа како кулминација на континуитетот на лоша комуникација меѓу лидерите (па и на другите политичари) на партиите на власт и на опозицијата, кои за само 24 часа разменија целосно контрадикторни пораки за организирање лидерска средба. Моменталниот „резултат“ од оваа јавна размена на изјави е дека лидерска средба нема да се одржи.
Претходно, во текот на изминатите неколку месеци, кога интересот на македонската јавност беше доминантно фокусиран на македонско-бугарските односи, актуализирани поради бугарските закани и условувањата со вето за македонските евроинтеграции, дискрепанцата во комуникацијата меѓу власта и опозицијата во Македонија наместо да се намалува, дополнително се нагласи. Наместо обединување околу заеднички национални позиции, што се појави како предизвик од неочекувана страна, власта и опозицијата како повеќе да се закопаа во своите политички ровови, од кои комуницираа преку меѓусебно напаѓачки изјави, повеќе заинтересирани за ексклузивитетот на својата позиција во процесот на евроинтеграциите отколку за државниот и националниот интерес.
– Не би сакал да ја наречам недоверба, но премногу е очигледна лошата комуникација меѓу политичките партии во Македонија на сите политички теми и предизвици. А нашите соседи максимално го користат тој момент на немање внатрешна комуникација и заедничка позиција за клучни национални прашања меѓу политичките чинители во државата. Соседите сфатија дека можат секогаш да си најдат соодветен партнер во Македонија за спроведување на некој сопствен интерес. Секако, соседите воопшто не се политички наивни за да ја испуштат таквата состојба на меѓусебна внатрешна недоверба што владее на македонската политичка сцена и се покажува дека лесно ги спроведуваат своите намери, кои се на штета на Македонија во однос на евроинтеграциите, веродостојноста во меѓународните позиции, со голем потенцијал за загрозување на македонската идентитетско-историска посебност – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Меѓу дилемите за причините за сѐ поизразената недоверба меѓу македонските политичари, се наметнува размислувањето за недостиг од политичка култура. Силниот политички антагонизам, кој дури и ги поништува основите на демократската политичка култура, ја доведува во прашање дури и изразената довербата на граѓаните на демократските избори. Политичарите, сѐ повеќе и сѐ побрзо, по изборите како да почнуваат да ја игнорираат демократската волја на граѓаните и се однесуваат како владетели и исклучиви претенденти за власт.
– Анимозитетот меѓу водечките политички партии во Македонија е наша реалност веќе подолго време и нема знаци на воспоставување понормален однос кон политиката и политичкиот противник, ниту пак некоја желба за тоа. Ова е видливо најмногу преку секојдневните (главно бесмислени) прес-конференции на партиите, нивните соопштенија за јавноста, но и непотребните „натегања“ како ова деновиве за евентуална лидерска средба и слично. Сите тие се одликуваат со неодмерени напади и оцрнување на противникот, па сѐ до наводи за криминални дејства (но секогаш во прашална форма, за да се одбегнат тужби за клевета – што е уште една глупост во системот) но без конкретна акција во врска со тоа.
Сево ова резултира со намалена доверба кај граѓаните, при што минатата година партиите го достигнаа дното, односно имаа помала просечна доверба и од досега традиционално последните – судството. Сметам дека ваквиот развој се должи во голема мера и на лошиот кадровски потенцијал на партиите и постојаното намалување на квалитетот на луѓето што воопшто се вклучуваат во нивната работа (а со ваков тренд, разбирливо е дека подобрите кадри не гледаат причина ни да се вклучат) – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МСМС.
Во својата анализа, Кржаловски забележува дека, за жал, наместо ова состојба да ги загрижува партиите, се чини дека тие не се грижат и си тераат на истиот начин.
– Партиите го користат фактот дека без оглед колку е лоша понудата на изборите (а и мал одзивот на гласачите, како на последните парламентарни избори во јули од само 52 отсто), на крајот секако се избираат 120 пратеници и „колачот“ ќе се подели. Со сево ова кажано погоре, не гледам со оптимизам на промени кај постојните партии во скоро време, па чинам дека и натаму ќе паѓа нивото на политичката култура и ќе продолжи да ја снемува јавната аргументирана дебата (вклучувајќи, еве, и во Собранието), веројатно додека се „тресне дното“ и тоа предизвика појава на ново движење/партија што ќе го размрда жабуњакот во кој се наоѓаме – смета Кржаловски.