Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПОЛИТИЧКАТА И ЕКСПЕРТСКА ЈАВНОСТ ПОДЕЛЕНА ЗА ТЕХНОЛОГИЈАТА СО ОТПЕЧАТОК ОД ПРСТ ПРИ ГЛАСАЊЕТО

Во пресрет на локалните избори, закажани за октомври годинава, предлогот за
воведување електронска контрола на отпечатокот на прст на гласачките места повторно добива актуелност. Ваквиот механизам би бил дополнителна гаранција дека едно лице гласа на едно место, иако во моментов е нејасно дали овој механизам навистина би успеал да ги оттргне сомнежите кај политичарите за текот на изборниот процес.
Во меѓувреме, професори и политички аналитичари со кои се консултиравме велат дека оваа новина нема многу да промени во легитимноста на изборната трка, туку само ќе ги зголеми трошоците на земјата за спроведување на локалните избори наесен.

Експертите скептични

Политикологот Синиша Пекевски вели дека е скептичен дека електронска контрола на отпечатокот од прст би можела многу да влијае врз легитимноста на изборите.
– Оваа алатка навистина е новост во техничка смисла на зборот, но се сомневам дека таа ќе ги искорени навиките на граѓаните и на партиските приврзаници да го прекршуваат Изборниот законик. Оваа моја констатација ја темелам на фактот дека нам на два последователни избори ни се рушат интернет-страниците на ДИК, па никому ништо, односно никој не превзема дополнителни чекори на наредните избори да нема вакви состојби. Во тој правец, верувам дека новата алатка само ќе придонесе да потрошиме повеќе пари за изборите и ништо повеќе. Таа, во суштина, нема да ја подобри демократијата во смисла да немаме групно и семејно гласање, а тоа може да се дознае ако се споредат состојбите со некои минати избори. Имено, и порано имавме новини, на пример шприцањето со мастилото на прстите не ги спречи некои лица да гласаат повеќепати со друга рака. За потсетување, процедурите и новините не се почитуваа секаде дури ни за време на пандемијата, кога за тогашните избори имавме здравствени новини и протоколи да се држи дистанца и да се почитува здравјето, па не се случи тоа – вели Пекевски.
Универзитетскиот професор Михал Вит смета дека електронската идентификација е чекор во вистински правец во смисла дека Македонија во наредните циклуси би можела да очекува и дигитализација на гласањето.
Сепак, професорот напоменува и дека за да се случи сето тоа по европски стандарди, државата мора да го усогласи законодавството да може да одговори правилно на употребата на технологијата.
– Мноштво европски земји и натаму, покрај постоењето на дигиталните алатки, сѐ уште се држат до традиционалното гласање. Тоа е така бидејќи изборите во една земја се навистина сериозна работа, тие не се поле за импровизации и експерименти и во тој правец многу од големите суперсили во ЕУ не се одлучуваат како балканските држави да ја користат оваа технологија. Ако оние што манипулираат со гласањето го прават тоа преку хартија на Балканот, кој вели дека истото тоа, но само на полесен начин, нема да го прават и преку хакирање на изборниот процес. Токму затоа советувам во Македонија да не се брза со употребата на дигиталните алатки, туку сѐ да се одвива некако со темпото на овие процеси што постепено се прават во Европа – вели Вит.

Регионално искуство

Оваа новина за првпат во регионот се примени во соседството, во Албанија. Таму неодамна завршија изборите, кои беа прогласени за најскапи историски избори во земјата. Дополнително, и со користењето на технологијата со отпечаток на прст во Албанија не изостанаа обвинувањата на опозицијата но и на претседателот на земјата Илир Мета дека има голем број нерегуларности во изборниот циклус.
Албанската новинарка и политичка коментаторка Фатјона Мејдини за „Нова Македонија“ вели дека последните парламентарни избори во Албанија ќе се запаметат во нивната историја како најскапи што ги имала земјата.
– Овие избори чинеа околу 20 милиони евра, а голем дел од оваа цена што се одлеа од буџетот, се должи на набавката на опрема за електронска идентификација на граѓаните низ државата – вели Мејдини.
Таа објаснува дека освен идентификацијата на граѓаните, оваа опрема за првпат била користена само во еден дел од Тирана и за електронско гласање, што исто така е прво искуство досега.
– Според моето мислење, следејќи ги наодите на ОБСЕ/ОДИХР за процесот за електронска идентификација, изборите минаа добро и оваа опрема во суштина спречи многу нерегуларности, кои излегуваа на површина на гласањата минатите години и минатите циклуси – вели Мејдини.
Таа додава дека, сепак, и покрај овие настани, опозицијата ги обвини властите за нерегуларни избори.
– Обвинувањата за нерегуларни избори, односно на оваа тема, во Албанија најчесто беа поврзани со случаи за можен поткуп на гласовите и наводно гласање поради заплашување, односно настани што не беа директно поврзани за системот за електронската идентификација на гласачите на денот на изборите – заклучува Мејдини.


Како функционираат и колку чинат уредите за отпечаток од прст?

Поранешниот претседател на ДИК, Оливер Дерковски објаснува дека доколку се спроведат работите како што е замислено, за да профункционираат уредите за електронски контрола на отпечаток на прст на гласачките места, ќе треба да се поврзат со датотеките на МВР и со нивниот регистар за евиденција на лица.
– Овие датотеки потекнуваат од МВР, од информациите што полицијата ги поседува за сите наши граѓани кога се вадат пасоши или лични карти. Тие ќе бидат сместени на сим-картички и мемориски картички, кои ќе се внесат во фингерпринт-апаратот. Со притискање на местото на апаратот ќе се скенира отпечатокот од прстот, кој потоа автоматски ќе провери дали лицето што го притиска е во регистарот на МВР, но и во специфичните списоци за изборната единица во која гласа тоа лице.

Дополнително, најверојатно овие уреди ќе работат и офлајн, односно нема да бидат конектирани на интернет, со што на овој начин дополнително ќе се намалат сомнежите да бидат хакирани или да се намалат шансите некој компјутерски да упадне во нив. Интересно е што ако некое лице веќе гласало на друго изборно место, апаратчето ќе алармира со сигнали со боја и така веднаш бргу и експресно ќе се воочат неправилностите – вели Дерковски.
Тој објаснува дека оваа алатка, бидејќи се први избори, ќе биде само механизам што ќе им помогне на оние во избирачките места брзо, ефикасно и без можност на злоупотреби да ги евидентираат гласачите.
Според Дерковски, во соседството имаше вакви избори во Албанија, кои ја чинеа земјата многу. Кај нас првично беше планирано оваа сума да ја чини Македонија околу 6 милиони евра, но сега таа е покачена на 12 милиони евра.

[email protected]