Зоран Заев за идниот градоначалник на општина Ѓорче Петров
Јас не можам да мислам, анкетата е математичка операција. Вака актуелниот градоначалник Александар Наумовски одговори на прашањето дали има поддршка од граѓаните на Ѓорче Петров, за нов мандат.
Неговиот одговор доаѓа откако претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека во тек се низа анкети кои ќе бидат клучни за одредување на градоначалници низ целата држава. Заев кажа дека Наумовски, како и другите градоначалници му се другари, но, приоритет е победата.
– Градоначалникот Наумовски, и сите градоначалници и градоначалнички се мои другари. Ние сме социјалдемократи, солидарноста и другарството се важни. Но, прв приоритет е победата. Така победуваат граѓаните. Мораме да направиме анализа. Нашите градоначалници се наши фаворити, бидејќи сами реализираат многу проекти, исто како и со поддршка на граѓаните. Сето ова што е сменет лик на општините и државата е главна причина да даваме поддршка. Но, тоа сме само ние дел од општествениот амбиент – рече Заев.
Градоначалникот Наумовски е сигурен само дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде поразено во Ѓорче Петров на следните избори во октомври.
– Јас не можам да мислам. Анкетата е математичка операција. Ако се сеќавате јас бев и во 2013 кандидат, кога беше време невреме, кога знаете каков беше резултатот, беа очигледни неправилностите. Во 2017 година беше направено тоа со анализи, не само на членството туку и граѓаните. И дај Боже да има повеќе кандидати да се споиме и да го поразиме ВМРО-ДПМНЕ, а во тоа сум сигурен – рече Наумовски.