Актуелната состојба во однос на вакцините повторно ги исфрла на површина дволичноста и непринципиелноста на западните партнери во однос на Македонија. ЕУ и САД во многу наврати претходно притискаа и бараа од Македонија да ги поддржува политиките и позициите на ЕУ и САД во однос на Кина и Русија на пример, додека сега, во услови на пандемија и здравствена криза, сме оставени на цедило, сами на себе и нема помош од никаде. Дали Македонија со барањето вакцини од Кина го крши договорот со НАТО и со САД или, пак, станува збор за последен обид за излез
од ќор-сокакот во кој се најдовме
ГЛОБАЛНАТА ПОЛИТИКА ДЛАБОКО НАВЛЕЗЕ И ВО ВАКЦИНАЦИЈАТА
Проблемите што настанаа при испораката на вакцините од западните производители „Фајзер“ и „Астра Зенека“ ги принудија македонските власти да се свртат кон Кина и да почнат преговори за набавка на вакцини од кинеската државна компанија „Синофарм“, откако веќе стана јасно дека тешко оди набавката на вакцини според механизмот „Ковакс“, има проблеми и со директна нарачка од споменатите компании, а извисија и најавените донации.
Ваквата состојба во однос на вакцините повторно ја исфрла на површина дволичноста на западните партнери, кои, кога станува збор за нивните интереси, вршат силен притисок врз Македонија да ги прифати нивните барања под превезот на спречување на наводното ширење на кинеското (или руското) влијание на овие простори, но кога станува збор за интересите на земјава, како во случајот со справувањето со пандемијата, нѐ оставаат сами на себе.
Со други зборови, од Македонија се бара да ги поддржува политиките и позициите на ЕУ и САД во однос на Кина и Русија на пример, додека во услови на пандемија и здравствена криза практично сме отсечени и нема помош од никаде.
Најеклатантен пример беше притисокот што пред извесно време го вршеа САД и дел од западните земји да не се користи технологијата на „Хуавеј“ при инсталацијата на 5Г-мрежите поради наводна закана по безбедноста на системите, иако кинеските власти најостро го демантираа тоа.
Македонија меѓу првите земји ги прифати препораките од САД за забрана на користење кинеска технологија во мрежната 5Г-опрема, со што на некој начин сакаше да ја потврди својата лојалност кон западните сојузници.
Но тоа, од друга страна, ја покажа и сервилноста на македонските власти кон сè што доаѓа од Западот, без да се води сметка за сопствените интереси. Тоа не беше случајот со едни Турција и Унгарија, кои и покрај тоа што се членки на НАТО, сепак, немаа дилеми дали ќе нарачаат и од кинеската и од руската вакцина, покрај оние на „Фајзер“ и „Астра Зенека“.
Токму оваа слепа послушност земјата ја плаќа скапо, губејќи драгоцено време за набавка на вакцините и ризикувајќи нови бранови на пандемијата што ќе причинат дополнителни штети врз здравјето на луѓето, но и врз економијата на земјата.
Сега останува нејасно дали Македонија со барањето вакцини од Кина го крши договорот со НАТО и со САД или, пак, станува збор за последен обид за излез од ќор-сокакот во кој се најде откако извиси од сите страни.
– Ние со набавката на кинеската вакцина не се вртиме стратегиски кон Кина, бидејќи не набавуваме тенкови, туку набавуваме вакцини за спас на човечки животи, и тука не би смеело да има ниту трошка политика. Од каде било, вакцина што е сертифицирана можеме и мораме да ја набавиме – вели Солза Грчева, политичка аналитичарка.
Според неа, Македонија требало самата да дејствува при обезбедувањето на вакцините, а не да чека некој да ни ги даде.
– Ние не гледаме вакцини. Додека другите си се растрчаа и си набавија од сите можни вакцини, ние со најдолно додворување кон ЕУ, мислејќи дека тоа е единствениот наш пат, останавме без вакцини. ЕУ, свесна дека не може да ни помогне, самата нè упатува на руската и кинеската вакцина. Тотална немоќ. Ние сме просјаци. Нѐ залажуваа Бугарија, Грција, Австрија, Полска, ќе ни даделе од своите контингенти, а тие немаат ниту за себе. Наместо да се прифатеше понудата од „Спутник“ уште веднаш, да се прифатеа сите сертифицирани вакцини, ние и во тоа внесовме политика, и тоа погрешна политика – категорична е Грчева, нагласувајќи дека ни е потребна секоја подадена рака.
Професорката Мирјана Најчевска смета дека станува збор за специфична ситуација и може да се отстапи од утврдените правила.
– Не станува збор за набавка на некаква технологија или слично, туку станува збор за борба со една моментална ситуација, и дури и западноевропските држави, па и САД, не се придржуваат до тие воспоставени правила – вели Најчевска.
Таа додава дека во овој момент важат други правила за оваа ситуација и набавката на вакцини од Кина не треба да се проблематизира по никоја основа.
Од Министерството за здравство за „Нова Македонија“ велат дека продолжуваат преговорите за набавка од сите производители на вакцини.
– Министерството за здравство преговара на три начини за набавка на вакцини против ковид-19. Преку механизмот „Ковакс“, директно преку производителите на вакцините „Фајзер“ и преку земјите-членки на ЕУ, од кои очекуваме да добиеме дел од дозите што ги добиваат и тие. Во однос на сите преговори нема никакви законски пречки за увоз на која било вакцина. Во моментов сме во исчекување одговор за набавка на кинеските вакцини преку нивните производители и до крајот на неделата би требало да имаме повеќе информации во однос на оваа можност – појаснуваат од Министерството.