Воспоставениот континуитетот од пет последователни предвремени парламентарни изборни циклуси, е последица на чести политички кризи, нефункционална држава и немање квалитетен политички дијалог. Изборите, сепак, се скапа играчка, а предвремените уште и двојно поскапа. Сето тоа паѓа врз грбот на граѓаните и економијата, која никако да пркне и постојано се задушува токму од ваквата честа неизвесност, нестабилност и непредвидливост, која ја носат со себе предвремените избори
Активностите за спроведување предвремени парламентарни избори во Македонија и официјално се влезени во процедува, откако решението на Државната изборна комисија за распишување предвремени избори во текот на вчерашниот, беше објавено во „Службен весник“. Изборите што ќе се одржат на 12 април, ќе бидат десетти парламентарни избори во историјата на тридеценискиот македонски плурализам, а наедно и петти циклус на предвремено граѓанско изјаснување за претставници во Собранието. Континуитетот на предвремени парламентарни избори започнува од 2008 година и оттогаш (односно од парламентарниот состав од 2006 година) како да стана практика ниту еден парламентарен состав да не го исполни целосно предвидениот четиригодишен мандат. Таквата хронологија на речиси 15-годишна зачестена изборна динамика, политичките аналитичари проценуваат дека не е невообичена во современата демократијата, но дека кај нас, во Македонија, таквата практика не е резултат на истите општествено-државни предизвици.
– Во современата демократија не е невообичаено посегање по инструментот предвремени избори за да се добие доверба од граѓаните за некое политичко прашање. Меѓутоа, воспоставениот континуитетот кај нас, од пет последователни предвремени парламентарни избори циклуси, за жал, не е резултат на почитување на некои високи демократски стандарди, туку е последица на политички кризи, нефункционална држава, немање чувство за квалитетен политички дијалог… Еднаш предвремени избори беа спроведени под изговор дека ќе се решат одредени проблеми ако се постигне поголемо мнозинство. Проблемите не се решија, туку напротив се создадоа поголеми. Сето тоа ја покажува фрагилноста на македонското општество и демократија – вели Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК, како и некогашен генерален секретар на Собранието.
Честото одржување предвремени избори, наедно имплицира и на зачестено поголема буџетска ставка за организирање на изборните активности, но наедно (меѓу другото) и мултиплицирање на обврските на државата за исплаќање апанажа во одреден временски период на поранешните функционери. Колку за пример, за претстојните избори, во државниот буџет се предвидени повеќе од 419 милиони денари, додека вкупниот буџет на Државната изборна комисија изнесува близу 495 милиони денари, или нешто повеќе од 8 милиони евра. Уште кога беше проектиран изборниот буџет, од ДИК беа согласни дека сумата од околу 6,8 милиони евра е очекувана и реална, со оглед на трошоците за спроведување на изборните активности. Но во таа сума не се вклучени трошоците за покривање на изборната кампања на партиите, односно за медиумското рекламирање. За таа цел, како што објаснија од ДИК, од државната каса се исплаќаат дополнителни средства, во зависност од тоа колку политички субјекти ќе учествуваат во изборната трка. За претходните избори на пратеници во Собранието (кои исто беа предвремени), што се одржаа на 11 декември 2016 година, во буџетот беа предвидени околу 7,5 милиони евра, со тоа што медиумското покривање на кампањата беше на товар на партиите.
– Во секој случај, демократијата не е евтина работа. Ако има резултат од нејзиното практикување тогаш има напредок и на државата и на општеството, но ако нема – сѐ е на штета на граѓаните. Кај нас се покажува дека зачестеното организирање избори не носи некаков поволен резултат, ниту решавање на проблемите, ниту е постигнат некаков економски напредок. Напротив, во секој предизборен период забележливо е намалена функционалност на институциите, а со моделот на техничка влада уште повеќе се компликува функционирањето на државата. И повторно ќе имаме ситуација во која никој политички чинител нема да добие потребно мнозинство за да може да носи самостојни одлуки, со оглед на воспоставениот моделот за коалицирање на партија од албанскиот политички фактор. Изборите во Македонија се секогаш голем предизвик и потрес на државата – смета Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК и поранешен генерален секретар на македонското собрание.
Реакциите и расположението на бизнис-заедницата во Македонија, при секое споменување предвремени избори се дека тоа секогаш предизвикува резервираност и неодлучност во преземањето и спроведувањето на какви било економски планови.
– И со самата најава за предвремени избори, компаниите веќе почнаа резервирано да гледаат на сите проекти што ги имаат планирано. А со самото тоа што ќе бидеме во очекување на формирање нова влада, сѐ она што беше планирано за првите шест месеци од година дефинитивно ќе биде во фаза на застој. Не верувам дека ќе го постигнеме растот од 3,5 отсто и покрај тоа што Народната банка оптимистички ги даде прогнозите – изјави Данела Арсовска од Сојузот на стопански комори, уште кога беше донесена одлуката на лидерската средба, во октомври минатата година за одржување предвремени парламентарни избори.
Бизнис-заедницата беше дополнително фрустрирана, што речиси шест месеци пред одржувањето на изборите, веќе беше создадена предизборна атмосфера.
– Уморни сме од избори, од нејасни ставови и постојани промени – е вообичаената порака на бизнисот пред секои предвремени избори.
Предвремени Редовни
парламентарни парламентарни
избори избори
2008 г. 1990 г.
2011 г. 1994 г.
2014 г. 1998 г.
2016 г. 2002 г.
2020 г. 2006 г.