Кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Гордана Силјановска-Давкова денеска гласаше во Основното училиште „Коле Неделковски“.
– Ова се посебни избори. Не зошто јас сум кандидатка и не зошто првпат жена има шанса да биде претседател на Македонија, туку заради условот. Ние треба да го докажеме европскиот, реформски, демократски капацитет и со фер и демократски избори, тоа не е многу вообичаено во 21-от век, ама се надевам дека ќе излеземе конечно од транзицискиот лавиринт и дека ќе влеземе во демократската транзиција- изјави по гласањето Силјановска-Давкова.
Таа додаде дека се обидела кампањата да ја обои женски, со знаење, со посветеност, со аргументи, да докаже дека жените имаат посебни квалитети и посебен начин на менаџирање на проблемите.
– Мислам дека беше успешна. Очекувам да влезам во вториот круг. Доколку се случи да не влезам ќе гласам за Река заради стручноста, компетентноста и граѓанската ориентација- рече Силјановска-Давкова, додавајќи дека очекува да победи на изборите и да биде прва жена претседател на државата.
На новинарско прашање што ќе стори со Договорот од Преспа ако победи, таа рече дека е професорка по уставно и европско право и оти ќе го почитува.
– Јас сум посветена на владеењето на правото, но ќе направам се што е во моја моќ да покажам дека некои од решенијата се против не само Уставот и уставното право туку и против „jus cogens“ или задолжителните норми од ОН, рече Силјановска-Давкова.
Прашана за тоа какви односи ќе развива со Бугарија, рече одлични и посочи дека бугарскиот народ е близок до нас.
– Бугарија беше првата земја што не призна и јас очекувам извонредна помош од Бугарија, не само на патот кон совладувањето на енергетските проблеми во Македонија, туку на патот кон Европска Унија- рече Силјановска-Давкова.