Правните експерти, уште од појавувањето на целата иницијатива за т.н. помирување во Собранието преку закон за (селективна) амнестија, опстојуваат на ставот дека целиот процес промовира некаков хибриден модел на правда, односно поставување на политиката над правото и правдата
Во Собранието денеска треба да се одржи првата седница на координативното тело за помирување и интеграција, пред кое независната пратеничка група од осуммина пратеници, главно исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, треба да го изложи својот предлог-закон за амнестија. Од скудните информации што предлагачите на овој закон ги даваат во јавноста, се очекува нивните предлози да бидат во насока на целосна амнестија за индиректните учесници во настаните од 27 април и наоѓање правни можности за евентуална преквалификација на делата за директно инволвираните. Овој закон, според политичките аналитичари, е особено важен за владејачката коалиција, која настојува да го одржи двотретинското парламентарно мнозинство постигнато на 19 октомври, неопходно за конечно изгласување на спогодбата со Грција. Уште поголем е предизвикот на кој треба да одговори овој предлог-закон, со оглед на фактот што во понеделникот од страна на Собранието беше одбиен предлог-законот за амнестија што го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Со отфрлениот предлог-закон за амнестија се бараше целосна амнестија на сите учесници во настаните од 27 април.
Покрај тоа, актуелниов предлог-закон за помилување треба да го задоволи и категоричниот став дека нема да се дозволи амнестија за оние што се обвинети за командна одговорност. Членовите на координативното тело за помирување сепак се оптимисти дека ќе се постигне договор, а финалната верзија на законот ќе биде донесена до средината на декември. На седницата на координативното тело за помирување, чиј почеток е закажан за денеска во 10 часот, се очекува да се разговара за предлогот, но и самите предлагачи сметаат дека е преамбициозно да се претпоставува дека во истиот ден ќе биде и финализиран предлог-законот.
И покрај оптимизмот за усвојување на т.н. селективен закон за амнестија, останува прашањето со каква политичка „магија“ ќе се надминат принципите на правото за да биде постигнато тоа. И на правните лаици им е јасно дека ваквиот закон претставува обид да се направи правна селекција меѓу оние што треба да бидат амнестирани и оние што треба да одговараат за насилство или за командна одговорност во неговото неспречување. Дилемите што се поставуваат се: како да биде задоволена правдата, а тоа да се направи без притисок врз Обвинителството и без да произведе правни преседани и други последици.
Правните експерти, уште од појавувањето на целата иницијатива за т.н. помирување во Собранието, преку закон за (селективна) амнестија, која всушност ја предложи премиерот Зоран Заев од собраниската говорница, опстојуваат на ставот дека целиот процес промовира некаков хибриден модел на правда, односно поставување на политиката пред правдата.
– Некоректно е да се носи некаков закон за амнестија во Собранието, кога во судот веќе се водат постапки за обвинети што треба да бидат опфатени со таа амнестија. Уште понекоректно е и тоа што амнестија би можела да биде наменета само за одредени обвинети, а природата на вината да ја оценува собраниско координативно тело, во кое членуваат дел од обвинетите или, пак, истите тие се предлагачи на предлог-законот. Како Собранието или координативното тело ќе го проценуваат степенот на вината на некој од обвинетите? Во таа смисла, правно покоректен беше законот за амнестија што го предложи ВМРО-ДПМНЕ, а беше отфрлен во Собранието.
Со тој предлог-закон се бараше амнестија за сите обвинети во немилите настани во Собранието на 27 април, минатата година зашто во природата на амнестијата нема селективност. Ова што сега се нуди како предлог-закон во Собранието е некаков хибриден модел на правото, во кое политиката е пред правдата – вели професорот по кривично право, Гордан Калајџиев.
Во поглед на преседаните што може да ги предизвика овој закон за амнестија, кој треба да се разгледува и да го предложи координативното тело помирување во Собранието, искушенијата се појавија веќе и во предлог-фазата. Имено, зборот „амнестија“ ги активираше осудениците во повеќе затвори во Македонија.
Затворениците од Идризово, веќе упатија писмо до премиерот Заев, со кое бараат во судовите да се формира посебна канцеларија каде што ќе може да бараат повторно разгледување на нивните предмети – на обвиненијата и на казните. Тврдат дека нивните барања се поддржани од над 500 семејства, како и од затворениците од другите затвори. Освен од премиерот, тие бараат помош и од Собранието, Министерството за правда и од меѓународните организации.
– Сигурни сме дека и вие самите ја знаете состојбата на затворите во земјата. Сведоци сте на тоа како следуваа „казните со препорака“ од претходната власт… Базирајќи се на вашите предизборни изјави дека „затворите се преполни со невини луѓе“, а кои произлегуваат од прислушуваните разговори на претходната власт, бараме целосна амнестија – пишуваат затворениците.