Неприфатливо е претседателот на државата да станува дел од дебата за помилување на терористите од 27 април, преквалификација на делото или слични игри, реагира коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива на последните изјави на претседателот, Стево Пендаровски за осудените за упадот во Собранието.
Оваа реакција доаѓа откако Пендаровски во интервју изјави дека со нови докази и нови сведоци може да се бара повторно отворање на целиот случај за „крвавиот четврток“.
– Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи што влегоа – изјави Пендаровски.
– Почитуван Пендаровски, Вие не отворивте уста ниту еднаш за монтираните случаи, особено кон Албанците, особено кога беше убиено дете како Алмир и кога еден криминалец како Бобан Илиќ беше пуштен на слобода. Неприфатливо е кога Вие како претседател станувате дел од дебата за помилување на терористите од 27 април, преквалификација на делото или слични игри, како тие што ги видовме кога се амнестираа еден дел од нив. Секаква преквалификација на делото на сторителите ќе биде сфатено како преквалификација на нашата борба против тогашниот режим против кој се боревме сите – реагираат од коалицијата на Села и Гаши.
Пендаровски по дадената изјава дообјасни дека не планира никаква амнестија за овие осудени и рече дека поддржува нов судски процес ако има нови докази.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, беше најтешко повреден меѓу пратениците при упадот во Собранието на 27 април.