ПАНДЕМИЈАТА РАЗВИ НОВИ ГРАНКИ НА КРИМИНАЛНИ АКТИВНОСТИ

Животот со пандемијата на коронавирусот се чини дека ги измени дури и трендовите со кои се служат фалсификаторите, па ако во минатото криминалците фалсификуваа брендови на облека и накит сега тие фалсификуваат брендови на прехранбени и медицински производи. На оваа констатација наведуваат резултатите на неодамнешната полициска операција спроведена низ Европа и светот, од страна на Интерпол и Европол. Во операцијата насловена „Опсон 9“, спроведена во 77 држави, се запленети фалсификувани производи вредни околу 40 милиони американски долари, а во акцијата се разбиени 19 организирани криминални меѓународни групи и уапсени се над 400 лица.

По акцијата, меѓународните полициски организации информираа дека фалсификуваните прехранбени производи најчесто биле неквалитетни и инфицирани со бактеријата ешерихија коли.
Интерпол информира дека овие случаи најмногу биле регистрирани во соседна Бугарија, при контрола на прехранбени фалсификувани млечни производи.
Според наодите на истрагата, дополнително се запленети и 17 илјади лажни тестови за ковид-19.
Во акцијата учествувале и македонски институции, односно координирани од канцеларијата на Интерпол во Скопје учествувале и МВР, Агенцијата за храна и Царинската управа, при што се постигнати забележителни резултати во вид на заплени и превенција на продажба на стоки, односно фалсификувани и супстандардни прехранбени производи и пијалаци.

Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека во Македонија засега не биле затекнати фалсификувани брендови на прехранбени производи во големи количества, но имало случаи кога биле регистрирани фалсификати на пијалаци, но и на медицински средства наменети за дезинфекција.
Оттаму објаснуваат дека нивните инспектори 90 отсто од своето работно време го минуваат на терен вршејќи ја својата работа и при контролите на продажните места и во продавниците редовно ги проверуваат сите производи дали се во согласност со правилата за индустриска сопственост на брендовите.

Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги настаните, вели дека нас не треба да нѐ зачудува појавата на овој тренд меѓу криминалните групи.
– Како и во секој бизнис така и во криминалот, постои духот на претприемаштво. Односно ако општествата и државите сакаат да купат одредени добра што се или забранети или недостигаат, тогаш криминалците по секоја цена сакаат да профитираат од тие настани. Така било во минатото, но така е и сега, кога се обидуваме да функционираме нормално за време на пандемија и кога медицинската заштита и исхраната се главни приоритети во семејните набавки – вели аналитичарот.

[email protected]