Како сурова иронија на правдата е што четирите случаи што Меѓународниот суд на правдата во Хаг ги врати во Македонија, за да бидат процесирани во домашното правосудство, досега воопшто не се ниту отворени ниту почнати, во период кога земјата како членка на НАТО се залага за целосно владеење на правото, без исклучок. Правните експерти се едногласни во констатацијата дека правдата понекогаш е бавна, но сепак е достижна

СУДЕЊЕТО НА КОСОВО ГО РЕАКТУАЛИЗИРА ПРАШАЊЕТО ЗА ВОЕНИТЕ ЗЛОСТОРСТВА ВО МАКЕДОНИЈА

Дводневното давање изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово, како еден од основачите и поранешен член на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и активен учесник во косовската војна во 1998-1999 година, од повеќе причини, а и поради индикативната временска и просторна блискот, ги разбуди во Македонија духовите од конфликтот во 2001 година и злосторствата врз цивилното население во тој период извршени од ОВК. Овие случаи за воени злосторства во Македонија сѐ уште стојат во судските фиоки и никој досега не ги отвори ниту процесира понатаму, додека истовремено на Косово на големо се водат судски процеси и сослушувања на политичари поврзани со можни воени злосторства.
Како сурова иронија на правдата е што четирите случаи што Меѓународниот суд на правдата во Хаг ги врати во Македонија, за да бидат процесирани во домашното правосудство, не се ни оформени судски предмети, ниту пак е почната каква било постапка против сторителите, меѓу кои се посочува и водството на ОНА. Иако воените злосторства не застаруваат за судско истражување и докажување, за што овој пат како активен пример може да се земе актуелната работа на Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово, кое е дел од косовскиот правосуден систем, но со седиште во Хаг, Холандија.

Покана да се јават пред обвинителството, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК, меѓу кои најново и Али Ахмети. Дали со ова на некој начин се стега обрачот околу поранешните команданти на УЧК и на ОНА и нивните паравоени структури и целосно ќе се истражат сите нивни дејства. Правните експерти сметаат дека судењата на Косово може да предизвикаат верижна реакција и за процесирање и истражување и на воените злосторства извршени во Македонија за кои има и судски предмети и докази.
– Кај воените злосторства нема застареност, а од изјавата на Али Ахмети пред Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово не се знае што може да произлезе, какви индиции, какви случаи од конфликтот во Македонија…, кои секогаш има можност да се процесираат. Навистина, сѐ уште немаме точни сознанија за што е тој повикан таму, и како судија не можам да кажам дека имало воени злосторства, но постојат само хашките случаи што говорат дека имало одредени случувања, кои треба да се истражат. Сѐ што ќе произлезе од изјавата за некои случувања во Македонија може да биде предмет на истражување, но прашање е кој ќе го процесира. Македонското правосудство имаше можност да ги процесира тие случаи, кои во јавноста беа означени како воени злосторства, кога Судот од Хаг ги врати во земјава.

Таквата можност не беше искористена и се најде некакво решение со амнестија за учесниците на ОНА во конфликтот, со што хашките случаи некако се ставија под тепих. Сепак, работата на Специјалното обвинителство на Косово покажува дека состојбите од воените конфликти во регионот не се затворени за меѓународната заедница. Иако Меѓународниот суд на правдата во Хаг ги намалува своите активности, сѐ уште се активни истражувањата и меѓународната заедница ја нема спуштено рампата за тие случувања во регионов од пред 20 години – вели Маргарита Цаца- Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.
Во однос на давањето изјава на Ахмети пред Обвинителството за воени злосторства во Косово, Цаца-Николовска вели дека до крајот на истрагата не може да се знае во какво својство ќе заврши, дали само како сведок, или можеби и обвинет, зашто од обвинителството не споделуваат информации за истрагата. Но таа не негира дека за активирање судски процеси за воени злосторства, иако тие не застаруваат, сепак имаат влијание и политичкиот амбиент и односите, како во земјата, така и на меѓународен план.
Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека правдата е бавна, но стигнува.

– Не можам да кажам дека хашките случаи од 2001 година се заборавени, во јавноста и во судството, но актуелната политичка констелација во Македонија, реално, не дава сигнали дека ќе бидат активирани процесите за нивно судско истражување и докажување. Додека ДУИ е дел од власта во Македонија, тоа тешко ќе се изведе, поради политички опортунизам. Но останува да се верува дека правдата е бавна, но стигнува – вели Калајџиев.
Во однос на можноста да се активираат некакви правни процеси за случаи кои имплицираат на воени злосторства во Македонија, како одредена реакции на изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред Обвинителството за воени злосторства во Косово, од македонското министерството за правда за „Нова Македонија“ одговорија дека „станува збор за процес кој се води од страна на странски институции“.
Прашањата на правдата, владеењето на правото и правната држава, сепак, се клучните што треба да ги спроведе Македонија во текот на процесот на преговарање со ЕУ. Расчистувањето во поглед на какви било индикации за воени злосторства, односно докажување дали ги имало или не, а според тоа и добивање судска разврска е меѓу основните постулати на правото и правдата.

Како членка на НАТО и земја што треба да почне преговори со ЕУ, за Македонија треба да бидат приоритет разврската и целосно расветлување на каква било одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото, категорични се правните експерти и аналитичарите.