Во насока на превенирање и сузбивање на оваа глобална опасност на која, за жал, не е имуна ни Македонија, на ниво на Европската Унија наскоро ќе биде формирана група за борба против дезинформации и хибридни закани. Случајно или не, слична акција завчера најави и премиерот Зоран Заев објаснувајќи ги околностите под кои се случиле неговите телефонски разговори со руските комичари
Медиумските манипулации не се новина и тие одамна постојат. Она што е актуелно во последниов период се новите социјални медиуми и мрежи, како простор што често се злоупотребува и е преплавен со невистинити, полувистинити информации или манипулации, односно со т.н. лажни вести. Токму во насока на превенирање и сузбивање на оваа глобална опасност на која, за жал, не е имуна ни Македонија, на ниво на Европската Унија наскоро ќе биде формирана група за борба против дезинформации и хибридни закани. Случајно или не, слична акција завчера најави и премиерот Зоран Заев објаснувајќи ги околностите под кои се случиле неговите телефонски разговори со руските комичари.
Имено, премиерот Заев најави дека Владата во периодот што следува ќе излезе со итен план за оваа, како што рече, специјална акција против ширење дезинформации. Според зборовите на премиерот, планот ќе биде усогласен со интересите на сите наши сојузници во НАТО и во ЕУ.
– Ова е нов аларм за нас и за целиот демократски свет, кој наложува силна потреба за сеопфатна, организирана борба против лажни вести и манипулации – рече Заев.
Дека вирусот на лажно информирање е застапен во домашниот медиумски простор и дека влијае врз публиката, се согласни повеќето познавачи на состојбите во медиумите. Но, според нив, лажните вести и информациите не ги пласираат во јавноста само медиумите, туку и институциите.
Еден од посвежите примери е случајот пред јунскиот самит за министри на ЕУ, кога се очекуваше датум за преговори, при што од страна на некои државни институции беше пласирана информацијата дека дури и специјалното јавно обвинителство е еден од условите за почнување преговори со Унијата. Токму вака се идентификуваат и коментарите на домашните познавачи на проблематиката, кои во исто време предупредуваат дека во земјава, за жал, сѐ уште не постои ефективен апарат, механизам или правен инструмент за спречување на ширењето на дезинформациите во јавноста, но и на говорот на омраза на социјалните мрежи и воопшто на интернет.
Професорот Атанас Козарев вели дека интернет-манипулациите со лажните вести се светски феномен и, според него, борбата против оваа појава треба да се води со работа на сите фронтови паралелно и тоа преку еманципација на публиката, засилување на закономерноста како и обуката и дополнителен притисок од професионалните новинари и уредниците против лажните вести.
– За жал, како и многу работи во Македонија сѐ аматерски се прави и без официјален протокол. Феноменот на лажни вести, поради стравотните ефекти кај читателите односно публиката, и натаму се шири и тоа во опасни граници.
И не само тоа. Лажните вести и дезинформации во спрега со говорот на омраза сѐ повеќе стануваат локална, но и глобална реалност на која не е имуна ни земјава.
Со овој проблем се среќаваат и повеќе земји во ЕУ, САД и други. Во тој контекст токму преку пласирање лажни информации и вести што немаат никаква врска со вистината, сѐ повеќе доаѓа до насочување на јавното мислење по нечија желба или потреба.
Така, од ден на ден лажните вести, дезинформациите и шпекулациите, клеветењата и заканите, дискриминацијата и навредите стануваат наше секојдневие, а согледуваме дека ни Владата ниту обичниот граѓанин можат да се заштитат. Во земјава сѐ уште не постои правен апарат, кој ако ништо друго би го филтрирал овој проблем, кој може да направи непроценливи штети по државата и граѓаните – објаснува Козарев.
Тој не е убеден дека со мониторингот и анализите што ги најавува Владата ќе се воспостави заштита од деструктивните агенди на некои поединци и групи.
Инаку, според документот до кој дојде агенција „Европа“, а се однесува за групата во ЕУ, која, според најавите, ќе се бори против дезинформациите и хибридните закани во Европа, таа во наредниот период ќе се обиде да елаборира „заедничко разбирање“ на хибридните закани во Европа и да овозможи поголема соработка во делот на стручноста и познавањето на заедничките ситуации и процени на хибридните закани, во секој облик.
Групата ќе работи и на сензибилизација за штетните последици од дезинформациите и обидите за манипулација на информациите, како и на изработување заедничка европска политика за зајакнување на стручноста на медиумите во ЕУ, но и во земјите од нејзиното непосредно соседство.
Целта на овој зафат, исто така, ќе биде и подобра размена на информации со онлајн-платформите преку кои најмногу се шират лажните вести, како и генерално со медиумите.