Изборот за македонските граѓани е сведен на минимум. Европската Унија сѐ уште нема одлука дали ќе ги отвори границите за македонските државјани, а плановите за патување на дестинациите во соседството засега се тешко остварливи. Албанија, Грција и Турција се можните и реални опции, но во секоја од овие држави има и протоколи. Во Бугарија сѐ уште не може да се патува слободно поради задолжителниот 14-дневен карантин
Одмор дома на езеро или на море во странство на свој ризик, но со ограничени дестинации за патување? Како што одминуваат деновите од летната сезона, сѐ покомплицирано станува планирањето годишен одмор, особено надвор од Македонија. Изборот за македонските граѓани е сведен на минимум. Европската Унија сѐ уште нема одлука дали ќе ги отвори границите за македонските државјани, а плановите за патувањае на дестинациите во соседството засега се тешко остварливи. Албанија, Грција и Турција се можните и реални опции, но во секоја од овие држави има и протоколи. Во Бугарија сѐ уште не може да се патува слободно поради задолжителниот 14-дневен карантин.
Од денеска, врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, ќе бидат отворени за сообраќај меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Специјален образец со лични податоци, траење и адреса на престојот во Грција, патниците ќе треба задолжително да имаат пополнето најмалку 48 часа пред пристигнувањето, сите оние што од 1 јули годинава планираат да патуваат во Грција, без разлика дали со авион, со брод или преку копнените граници. Патниците ќе добијат единствен баркод (кју-ар), според кој ќе се вршат и тестирањата за ковид-19. Доколку туристот планира да посети неколку места во Грција, ќе мора да го соопшти тоа, како и планот за следните седум дена.
На граничните премини ќе бидат присутни мобилни единици на Националната организација за јавно здравје на Грција, кои ќе ги вршат тестирањата за ковид-19. Тестовите ќе се спроведуваат наменски, односно случајниот избор на лица за тестирање ќе биде во согласност со конкретен алгоритам и пополнетите податоци во образецот. Тестираните лица ќе треба да останат еден ден во самоизолација во хотелот или туристичкиот објект каде што ќе бидат сместени, додека да ги добијат резултатите од тестот. Доколку е негативен ќе го продолжат одморот. Во случај да се позитивни, 14 дена ќе бидат во државен карантин во специјално одредените хотели карантини.
Но дали и со овие протоколи македонските државјани ќе можат да патуваат во Грција сѐ уште е непознато. Грција вчера требаше да ја објави листата на држави на кои ќе им биде дозволен влез, но претходно ги чекаше заклучокот и препораките на Европската Унија. Иако се очекуваше вчера во текот на денот Европската Унија да го објави целосниот список на држави до трети земји на кои ќе им биде дозволен влез во Унијата, сепак до затворањето на весникот немаше официјална потврда. Земјите-членки завчера вечерта ги договараа деталите и, според последните информации, на списокот од 15 држави ја нема Македонија.
Туристичките агенции оваа сезона немаат никакви очекувања дека воопшто ќе започнат турите и патувањата во соседна Грција, но и во другите туристички места во регионот.
Силвана Јовановска, менаџерка на агенцијата „Го травел“ вели дека веќе немаат надеж дека сезоната воопшто ќе започне во Грција, зашто препораките и протоколите што ги имаат поставено за влез во нивната земја се премногу тешки за реализација.
– Европската Унија не даде препораки да се отворат границите кон Македонија. Останува Грција сама да одлучи дали ќе ги отвори границите кон нас. Наспроти тоа, протоколите што ги поставуваат уште повеќе ја отежнуваат работата на туристичките агенции. Обрасците што треба да ги подготвиме два дена пред тргнувањето ја отежнуваат нашата работа, како и аранжманите на патниците. Некогаш аранжманите ги закажуваме ден однапред, па дури и на денот на патувањето. Автобускиот превоз е намален на 50 отсто и тоа ја отежнува работата, а туризмот во Македонија во најголем дел најмногу се базира на Грција – објаснува Јовановска.
Според неа, во Турција ќе биде возможно патување, но само авионски, зашто по копнен пат ќе треба да се поминува низ Грција и Бугарија, што засега е невозможно.
– Во Албанија ќе може да се патува и за многу од Македонците веројатно тоа ќе биде изборот, но треба и да се знае дека Албанија нема такви туристички капацитети какви што ги имаат Грција или Турција. Во Црна Гора не можеме да влеземе, а Хрватска за влез условува со 14-дневен карантин – посочува Јовановска.
И Владимир Граматиков, претседателот на Туристичко-угостителската комора во земјава, вели дека за туризмот се очекува лоша година.
– Луѓето се храбри, се нафаќаат да патуваат за Грција, но како ќе се одвива реализацијата на тие протоколи не може да се знае. Не може да се предвиди ниту каква ќе биде состојбата следните два месеца. Очекуваме домашниот туризам да биде повеќе во функција, односно Македонците одморот да го поминат дома. Годинава земјата туристички ќе живее од домашните туристи. Колку странците ќе се решат да патуваат во Македонија не може да знаеме.
Намален ќе биде и бројот на традиционалните туристи од Холандија и од Белгија. Сепак, сѐ ќе зависи од тоа како ќе одлучи Европската Унија и кои земји ќе бидат на црната листа за патување. Со оглед на високата бројка на заболени во земјата не можеме да се надеваме на тоа дека ќе имаме странски туристи во земјава – објаснува Граматиков.
Според него, Македонците нема да се одлучат да патуваат на далечни дестинации летово, како поради нивната намалена финансиска моќ така и поради неизвесноста на состојбата со ширењето на вирусот.