По судирите на стотиците мигранти со грчката погранична полиција во обид да стигнат до Македонија минатата недела, но и информациите дека Бугарија планира да испрати поголем број војници на границата со Грција во случај да се влоши состојбата со мигрантите, домашната експертска јавност апелира да се зајакне дополнително обезбедувањето на границата со јужниот сосед, но и да се продолжи одлуката за кризната состојба на јужната граница која сѐ уште е во сила. Ваквите предупредувања на домашната експертска јавност деновиве повторно се актуализираат откако бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов изјави дека е подготвен да испрати околу 3.000 војници на границата со Грција во случај да се влоши состојбата со мигрантите. Каракачанов на својот профил на Фејсбук објави дека од петокот тој и министерот за внатрешни работи на Бугарија, Младен Маринов, се во постојан контакт со премиерот на Бугарија во однос на случувањата со мигрантите на границата со Грција. Со слична изјава излезе и македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која истакна дека состојбата на јужната граница се следи и не случајно таму има постојано армиско присуство кое продолжуваше дури и во деновите кога немало ниту еден мигрант на границата. Сега, според Шекеринска, се гледа дека тоа бил оправдан чекор.
– Собранието неколкупати ја продолжуваше одлуката на границата да имаме и воена, односно армиска поддршка дури и во периоди кога изгледаше дека опасноста поминала, меѓутоа и јас и министерот за внатрешни работи велевме дека во поглед на мигрантските кризи мора да се навикнеме на новата реалност, а тоа е дека таа опасност може да се создаде преку ноќ, и дека таа ќе биде најверојатно една од стандардните опасности и за нас, меѓутоа и за сите земји во регионот – рече Шекеринска.
Во таа насока и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски деновиве истакна дека македонската полиција ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница и во моментот ситуацијата е под контрола.
– Преку посебни планови веќе е зајакнато обезбедувањето на државната граница помеѓу Грција и Република Северна Македонија. Се работи за околу 1.200 до 1.500 мигранти, засега колегите од Грција ја контролираат таа бројка, но секако дека ние имаме обврска да бидеме подготвени и да ја штитиме границата и евентуалната можност за влегување во Република Северна Македонија – изјави министерот Спасовски.
Од друга страна, „Нова Македонија“ во контекст на последните безбедносни случувања со мигрантите, побара став од Владата дали размислува да се повлече, односно да се продолжи одуката за кризната состојба на јужната граница, која е во сила уште откако започна мигрантската криза пред повеќе од две години.
– Притисокот, но и зголемениот број мигранти кои се обидуваат да влезат во Република Северна Македонија се причината поради која Владата и понатаму размислува да остане во сила кризната состојба на јужната граница. Дали ќе има ново продолжување на состојбата зависи од ситуацијата на терен – информираат од прес-службата на Владата.
Според безбедносниот аналитичар и познавач на проблемот со мигрантите, професор Атанас Козарев, нема простор за загриженост од нов бегалски бран во земјава.
– Случувањата со судирите на мигранти со грчката полиција создава нов притисок на границите, но состојбата во моментот, според моите сознанија, е под контрола и далеку од опасна. Доколку се спореди со 2015 година, моите очекувања се дека тоа нема да се повтори. Во споредба со тогаш, сега државите од регионот се многу поподготвени, постои голема поддршка од ЕУ во врска со справувањето со мигрантската криза, а би споменал и дека и на нашата јужна граница патролираат полицајци од повеќе европски држави заедно со македонските гранични полицајци, и мислам дека за разлика од 2015 година, Северна Македонија, но и целиот регион е далеку поподготвен за соодветен одговор доколку се појави нов бран на мигранти – вели Козарев.
Професорот додава дека Владата треба и мора повторно да предложи до Собранието да ја продолжи кризната состојба на јужната граница, бидејќи овој проверен рецепт нѐ штити повеќе од две години нас, но и Европа од нов наплив на бегалци кој, сепак, деновиве повторно е актуелен.