Експертите се уверени дека во нашата држава институциите од осамостојувањето се нискофункционални, неефикасни, а исто така континуирано отсуствува политичка волја „домашните задачи примарно да се решат и пред сѐ да се исчисти сопствениот двор од одамна дијагностицираните општествени аномалии“. Дури потоа да се продолжи со амбициите на надворешен план. Игнорирањето да се решат нашите внатрешни општествени аномалии остава слика за несериозност на Македонија за односот кон себеси, а потоа и кон европските стратегиски партнери, тврдат експертите
Домашните задачи очигледно мора примарно да си ги решиме
Два сериозни институционални проблеми што во еден месец излегоа во јавноста, а се поврзани со работата на Министерството за внатрешни работи (МВР), откриваат многу за административното функционирање на виталните институции што го нарушува имиџот на државата и кај граѓаните создава институционална несигурност.
Едниот случај е поврзан со издавање лажни пасоши за двоен идентитет на светски криминалци, а другиот е административен проблем со двојни матични броеви. Зошто и како е возможно вакви пропусти да има во МВР, како институција од витално значење, е прашањето на кое јавноста очекува сериозен институционален одговор. Втората дилема што се отвора е како сево ова ќе се одрази врз угледот на Македонија во светот и дали граѓаните можат да имаат доверба во вакви институции.
За двата случаја опозицијата ја обвинува власта, а власта, пак, тврди дека ова се наследени проблеми што сега тие ги решаваат.
Експертите, пак, се уверени дека на овој начин Македонија остава лоша слика кај своите европски стратегиски партнери.
Кај нѐ носи оваа институционална несигурност?
Професорот на Правниот факултет, Борче Давитковски, вели дека ваквите случувања нѐ водат кон црна дупка на патот во Европа.
– Со ова сме на пат да го изгубиме и безвизниот режим. Така што заедно со Косово ќе бидеме принудени каде било и да идеме да ни требаат посебни визи.
На овие начини како реагираат институциите и за пасоши и за возачки дозволи и за многу други работи не ни се виновни никои од страна. Ниту Бугарите нема да ни бидат виновни зашто нема да добиеме датум за преговори во ЕУ. Тие на овој пат се најлесната пречка. Имаме домашни задачи што очигледно не може да ги надминеме – додава професорот Давитковски.
Според него, земјата е под постојан мониторинг, а тој не е многу оптимист дека ќе добиеме датум како што се надевавме.
– За да сакаме демократски институции треба да имаме демократски парламент, кој очигледно е дека не работи така. Таму секој пее со своја интонација, што е недозволиво за една сериозна демократија. Очигледно е дека извршната власт не може да се справи со многу работи, а во судската власт нема доволно реформи – смета тој.
Според него, сме имале можност 30 години да ги средиме работите, се вадевме на името, па сега на односите со Бугарија.
– Сепак, мислам дека домашната задача требаше да ја направиме во согласност со европските стандарди. Кај нас се мечот и секирата. Ние сме виновни за многу работи и, за жал, што не успеавме да се приспособиме. Бугарија и Романија влегоа во Европа со многу ниско ниво на демократичност. Ние останавме најтемното петно на Западен Балкан. За жал, ние ќе останеме на опашката и тешко дека некој ќе нѐ есапи. Затоа сите треба да се освестиме и народот и политичарите кај треба да одиме – посочи Давитковски.
Со децении нашите институции работат со системски пропусти
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека ваквите појави бараат честа интерна системска контрола во институциите.
– Треба институциите поревносно да излегуваат со наоди, дали тие случаи се системски пропуст или се работи за индивидуални случаи. Да се расчисти тврдењето што се провлекува долго време со матичните броеви или е организирана група со пасошите – додава тој.
Според Арсовски, секако дека ваквите состојби ќе создадат несигурност кај граѓаните во институциите.
– Затоа треба надлежните во институциите поревносно да излегуваат со наоди, дилемите се појавуваат постојано. Треба навреме да се реагира – посочува аналитичарот.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека проблемот со двојните матични броеви започнал во 1981 година и по неговото откривањето, веднаш е пристапено кон поништување на овие матични броеви, а таа постапка веќе подолг период е во тек, при што многу од овие матични броеви се поништени.
– Имено, ваквата појава започнала во 1981 година, кога во земјата е воведено електронско определување и евиденција на матичните броеви. Постапката за поништување на матичните броеви трае веќе подолг период и е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени. Изјавата дека во Република Северна Македонија има 20.000 двојни матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги предвид евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи – информираат од МВР.
Од Министерството посочуваат дека определувањето и запишувањето на матичниот број траело од 1.1.1981 до 31.12.1985 година.
– Досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година. Од 1930 година до 1954 година постапката за проверка на овие матични броеви е во тек и во овој период од направена анализа има помал број вакви матични броеви. Само за илустрација, во ОУР Скопје од 660 дупли матични броеви, поништени се 580, а за 80 постапката е во тек и се однесуваат за евиденција од матичните книги од месните канцеларии на УВМК Скопје и 213 матични броеви што се за матична книга на родените за Скопје – велат од МВР.
Вработени во управните служби на МВР, пак, ја злоупотребиле службената положба издавајќи македонски пасоши со туѓ идентитет. На тој начин, вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани, се стекнале со фалсификувани пасоши, преку надворешен посредник, кој не е вработен во полицијата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција соопшти дека се приведени деветмина вработени во МВР, додека по еден се трага.
– Преку регионалната соработка, од САД беше обезбеден вистинскиот идентитет на лицата. Се работи за лица што учествувале во нелегална трговија со дрога и други криминални дејства. Тоа се лица со профил на висок ризик, кои се бараат со меѓународните потерници. Кривични пријави се поднесени за 10 лица, од кои девет се приведени, а по еден се трага. Акцијата е спроведена со поддршка од регионалната канцеларија на амбасадата на САД за истраги и Интерпол – вели Спасовски.