Сите политички партии се согласиле дека критериумите за директор треба да бидат многу строги, не само во однос на политичката независност, туку и од аспект на потенцијалот на кандидатот, но и за формата, процедурата и за начинот на кој ќе се избира директорот. Пратениците веруваат дека изборот на директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА) ќе овозможи Македонија да зачекори по вистинскиот пат во областа на безбедносната регулатива, но и ќе ја зголеми својата ефикасност во практиката. Целта е со промените да се демократизира безбедносниот систем и да се има нулта толеранција за евентуални злоупотреби во практикувањето на инструментите со кои се обезбедува мир и спокојство за граѓаните и безбедност на државата
Македонија ја почна процедурата за избор на директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА), при што Собранието вчера донесе одлука за објавување јавен оглас за избор на директор на ова новоформирано и значајно тело од сферата на безбедноста и следење на комуникациите.
Агенцијата со амандманските измени на Законот за формирање на ОТА ќе има само директор, а не и заменик, како што претходно беше предвидено.
Директорот го избира и разрешува Собранието по предлог од Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Се избира со двотретински мнозинство и со Бадинтерово мнозинство. Има мандат од пет години, без право на повторен избор.
Фросина Ташевска Ременски, потпретседателка на Собранието и пратеничка од СДСМ потсети дека сите политички партии се согласиле дека критериумите за директор треба да бидат многу силни, не само во однос на политичката независност, туку и од аспект на тоа како се избира директорот. Од собраниската говорница таа апелираше до сите професионалци што ги исполнуваат условите и кои, како што кажа, немаат извалкано име да се пријават на огласот.
– На овој оглас треба да се јават професионалци што немаат извалкано име, тука мислам и на оние можни кандидати, кои имаат стручно, професионално знаење од областите и сферите што се дефинирани во законот – рече пратеничката.
Ташевска Ременски кажа дека таа нема да гласа за предлог-кандидат за директор на ОТА, кој бил дел од структура што учествувала во големата афера за следење на комуникациите на граѓаните, вклучувајќи го и самиот начин на непостапување и пропуштање службени дејства во случај да знаеле за злоупотреба.
– Тоа не амнестира ниту еден вработен во УБК – рече таа.
Драган Данев, координатор на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека со злоупотреби со прислушување Македонија се соочува дваесетина години и дека доколку добро се читаат извештаите на Прибе, ќе се види дека таму забелешките се дека во Македонија законите не се имплементираат, а не дека ги нема. Според него, директор на ОТА треба да биде човек со кредибилитет. Изрази надеж дека во иднина нема да се дозволат злоупотреби во следење на комуникациите.
Ејуп Алими од ДУИ верува дека изборот на директор на ОТА ќе овозможи Македонија да чекори по вистинскиот пат и да не се злоупотребува прислушувањето.
Инаку, да потсетиме, токму формирањето и начинот на функционирање на оваа Оперативно-техничка агенција изминатиот период предизвикуваше различни коментари во стручната јавност. Многуте опскурни шпекулации и лицитирања во врска со преструктурирањето на безбедносниот систем ги отклони директорот на УБК, кој педантно се осврна во неколку наврати и за работењето на УБК и за ОТА.
– Улогата на ОТА ќе биде само техничка, по добивањето на наредбата таа ја вклучува мерката, што подразбира дека го пренасочува сигналот кон корисникот односно барателот на услугите, тоа е нивниот дел, тие нема да можат да собираат податоци, да слушаат, само можат да го вклучат сигналот. Сигналот го пренасочуваат кон корисникот кон барателот, тој, пак, ќе може само да слуша да собира податоци нема да може да приклучува. Сакаме да воспоставиме реална контролна моќ, тоа значи агенцијата ќе може да вклучува, ама нема да може да слуша, барателот ќе може да слуша, ама нема да може да вклучува – вели директорот на УБК, Горан Николовски.
Инаку на 12 април, Собранието со 87 гласа „за“ го усвои Законот за формирање Оперативно-техничка агенција и Законот за следење на комуникациите. Тие беа донесени со консензус, постигнат по разговорите во работните групи од страна на пратениците од владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Со овие законски измени Управата за безбедност и контраразузнавање ќе функционира во рамките на МВР до ноември 2018 г., а дотогаш за заштитата на приватноста на граѓаните и за спречување евентуални злоупотреби веќе се грижи специјален подофицер со свој тим.
Од наредната година, опремата за прислушување ќе се премести во Оперативно-техничката агенција со што ќе биде заменета досегашната УБК, која беше посочена како главен виновник за масовното нелегално прислушување.
Новата ОТА ќе има сопствен буџет, а директорот на агенцијата ќе се избира во Собранието со двотретинско мнозинство од пратениците.
Во образложението за новиот закон за ОТА се вели дека со одвојувањето на УБК од МВР ќе се спречи техничката можност за нелегално прислушување.
Во ОТА ќе бидат сместени медијациски уреди, кои треба да го направат поврзувањето помеѓу операторите и МВР. Информациите содржани во судската наредба за прислушување ќе бидат заверени под број, а не под идентитет.
Покрај досегашната собраниска комисија, контролата на работата на ОТА ќе ја вршат уште четири други институции од кои едното ќе биде сосема ново тело – Совет за граѓанска контрола.
Овој совет практично треба да биде неофицијален омбудсман и ќе се обраќа до надлежните доколку се посомнева во работењето на ОТА, Царинската управа, финансиската полиција или МВР.
Дополнително, ОТА ќе биде и физички одвоена од МВР, но сѐ уште не се соопштува каде ќе биде сместена, колку вработени ќе има, ниту пак колкави ќе бидат финансиските импликации за спроведувањето на овие реформи.
Во меѓувреме, за реформите и формирањето на ОТА е склучено стратегиско партнерство со хрватската служба, чија матрица за преструктурирање и демократизација е британската служба.