Фото: Игор Бансколиев

Оперативно-техничката агенција (ОТА), која од први ноември започнува да работи, според законот, треба да биде независна во делот на техничката улога во следењето на комуникациите

Неколку дена пред официјалниот почеток на работењето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), в четврток, на први ноември, вчера во Собранието имаше два настана поврзани со работата на овој нов државен орган.

Најпрво директорот на новоформираната Оперативно-техничка агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, имаше средба со членовите на собраниската комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, а потоа во расправата по ребалансот на буџетот за 2018 година, министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека со него, меѓу другото, биле обезбедени и средствата за функционирање на ОТА до крајот на годината.

Инаку, како што е предвидено со законот за формирање на оваа агенција, таа треба да биде медијатор во процесот на прислушувањето.

ОТА, според законот, треба да биде независна во делот на техничката улога во следењето. Со формирање на новата агенција, наредбата за прислушување од обвинителството ќе оди до ОТА. Нејзината улога ќе биде само техничка, по добивањето на наредбата таа ја вклучува мерката, што подразбира дека го пренасочува сигналот кон корисникот односно барателот на услугите. Вработените во ОТА нема да можат да собираат податоци и да слушаат, само ќе можат да го вклучат сигналот. Корисникот, односно барателот може само да слуша и да собира податоци, нема да може да приклучува.

Целта на оваа реформа, која произлезе од забелешките на Прибе, е да се воспостави реална контролна моќ врз прислушувањето.

Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниската комисија, составена од четири члена (двајца од мнозинството и двајца од опозицијата) и претседател од редовите на најголемата опозициска партија. Тие ќе може да вршат надзор без најава.

Дополнително, новина во системот на контрола ќе биде и т.н. совет за граѓанска контрола, кој ќе биде составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието. Парламентот ќе распише јавен оглас за назначување претседател и шест члена, од кои тројца членови се претставници од невладините организации од областа на заштитата на основните човекови права и слободи, безбедноста и одбраната. Нивниот мандат е три години, а и тие ќе треба да поднесуваат годишен извештај за сработеното до парламентот. За да изврши контрола во ОТА или кај операторите, советот ќе мора претходно да се најави.

Претходно, Владата минатата недела формира и Комисијата за пренос на техничките уреди и документација од УБК во ОТА и таа беше составена од претставници од МВР, ОТА, Врховниот суд, Јавното обвинителство и од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.


Кој е првиот човек на ОТА

Во професионалната биографија на првиот човек на ОТА, Зоран Ангеловски, е запишано дека тој е од Скопје, дека дипломирал на Факултетот за безбедност и самозаштита и дека во периодот од 1998 до 2005 година бил главен инспектор за тероризам во Дирекцијата за оперативни работи и раководител за стратегиски истражувања, а работел и во „Т-мобиле“ како директор за корпоративна безбедност.
Инаку, Ангеловски во парламентот е избран во конкуренција од 14 кандидати што се пријавија на јавниот оглас за оваа позиција. Неговиот мандат ќе биде пет години.