СДСМ нема да организира митинзи во текот на оваа кампања, секако почитувајќи ги препораките на здравствените власти, одговори портпаролот на партијата, Костадин Костадинов, на прашање како би се одвивала кампањата доколку има избори.
– Во делот на тоа како би ја воделе кампањата, како би ги претставувале нашите кандидати, секако, и програмата, фокус ќе биде ставен на медиумското претставување преку онлајн-видеонастани и, секако, имаме разни видови дигитална комуникација. Единствено нешто на што може да сметаме и да размислуваме во периодот е организирање мали средби, секако во согласност со протоколите и со максимално почитување на препораките на здравствените власти – рече тој.
Костадинов повтори дека ставот на СДСМ е оти избори треба да се одржат веднаш, односно во првиот можен рок, веднаш кога ќе спласне здравствената криза предизвикана од коронавирусот.
– Знаете дека тоа, пред сè, треба да го направиме и од здравствен аспект во однос на заштита на здравјето на граѓаните, но и од економски аспект секако, и тука ќе додадам во однос на демократизацијата на нашата држава. Какво било одложување на изборите за спас на политичката кариера на пропаднати спортисти, пропаднати политичари, какви што сами се нарекуваат, е неодговорно. Јас очекувам дека избори ќе има по завршувањето на вонредната состојба, по спласнувањето на кризата и дека навистина нема да имаме потреба да размислуваме на други опции, а секако треба да ги разгледаме сите можности што се на располагање – рече Костадинов.