Политичарите најчесто се извинуваат за престрогите карантински политики, за слабо спроведените економски мерки, но и за неуспехот во имунизацијата на населението и изгубените животи. Во оваа нова појава предничи германската канцеларка Ангела Меркел, која, како што пренесуваат медиумите, толку многу го усовршила извинувањето што тоа дури личело и на уметност. Кои се мотивите за оваа лавина извинувања, можат ли тие да ги ублажат грешките и какви се состојбите во Македонија?
ПАНДЕМИЈАТА НАМЕТНА НОВ ТРЕНД ВО ПОЛИТИКАТА
Животот со пандемијата го промени општеството, па и начинот на кој вообичаено функционира политиката. Невообичаено, во последно време како да стана тренд државници и политичари, повеќе од било кога претходно во минатото, да практикуваат да се извинуваат за сѐ и сешто. Било да се работи за спроведени или неспроведени одлуки за справување со последиците од ковид-19 во земјите од ЕУ и од САД, било за погрешни процени, лоши економски политики итн.
Во своја анализа на оваа тема, американскиот магазин „Политико“ пишува дека во последно време постои тренд кај светските политичари да се извинуваат до нивните гласачи и до јавноста, а тој е тесно поврзан со штетните рефлексии на целокупниот начин на живот што го предизвикала пандемијата.
Магазинот истакнува дека политичарите најчесто се извинуваат за престрогите карантински политики, за слабо спроведените економски мерки за помош, но и за неуспехот во имунизацијата на населението.
Се наведува и дека од сите светски лидери германската канцеларка Ангела Меркел го практикувала извинувањето до гласачите толку многу што тоа дури личело и на уметност.
Весникот пишува дека Меркел се извинувала толку бргу и толку често до гласачите и до опонентите во опозицијата, напоменувајќи дека грешките што се сторени со карантинските политики се лично нејзини, без одговорноста да биде пренесена врз остатокот од Владата.
Честите извинувања на Меркел дури имале и ефект врз политичарите од спротивниот табор, како на пример на парламентарката Катрин Горинг-Екард, која изјавила дека тоа е добра практика и сето и во иднина треба да биде составен дел на демократијата во Германија.
Слична констатација има и француската телевизија Чанел 24, која посочи дека францускиот претседател Емануел Макрон своите обраќања кон нацијата ги користел единствено да се извини за грешките што ги направил во своето владеење, наместо преку нив да ги најавува идните чекори пред јавноста во земјата.
Натаму, американскиот претседател Џо Бајден во свое телевизиско гостување за американските медиуми на почетокот од својот мандат се извини за лошите државни политики на неговиот претходник во правец на справување со пандемијата и истовремено побара прошка од меѓународните партнери во НАТО и во ЕУ за слабата американска инволвираност во меѓународните процеси, која изостануваше додека Доналд Трамп владееше со САД.
Во меѓувреме, универзитетските професори и политиколози со кои се консултиравме велат дека, за разлика од случувањата во светот, во Македонија домашните политичари и од власта и од опозицијата слабо го следат овој тренд. Тие велат дека извинувањата не се во менталитетот на нашите елити, но дури и да ги има во јавноста нема ништо да променат во суштина, по слабите политики за имунизација на населението, за заштита на човечките животи и за санирање на штетите на економијата.
Универзитетската професорка Биљана Ванковска во своја колумна за „Нова Македонија“ истакнува дека секојдневно засекогаш нè напуштаат блиски и сакани, познати и непознати – без никој да изрази сочувство или да покаже емпатија!
Професорката подвлекува дека секој ден обрачот се стега и пандемијата добива сè поконкретна форма и чувство на нешто искусено, не само слушнато.
Таа потсетува дека државата не чини доволно да ги санира штетите како оние со бројот на починати, кој е поголем од три скопски земјотреси, и над 10 пати поголем од бројот на жртвите од 2001 година.
Чешкиот професор Михал Вит, кој предава предмети од областа на политичкиот систем, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека политичарите што се извинуваат во светот нѐ информираат дека земјите се колабирани и тие се немоќни да ги исполнат причините за кои се гласани од електоратот.
– Никој нема да ни ги врати изгубените животи и никој нема да ни ги врати загубите од економијата, па од тука извинувањата на политичарите немаат поента, иако се своевиден тренд во светот – вели Вит.
Според него, безизлезноста од состојбите резултира со извинување, а кога државата има некое решение за овие состојби тоа се преточува во стратегија за дејствување.
– Бидејќи кај сите земји отсуствуваат стратегии за справување со ковид-19 можеме да сме сигурни дека и во иднина ќе продолжиме да слушаме само „емотивни“ обраќања што немаат никаква цел – вели професорот.
Политикологот Синиша Пекевски истакнува дека во Македонија политичарите никогаш не се извинуваат бидејќи се добива впечаток дека тие мислат за себе дека се господари на земјата и на населението што живее тука.
– Емпатијата кај нашите политичари, за жал, не постои. Тоа е така бидејќи тие најверојатно се доживуваат себеси дека се над системот и дека се над обичните граѓани. Тоа може да се види по безбројните скандали што во Македонија се случија во периодот кога пандемијата навлезе во нашата земја, а за кои никој не почувствува потреба дури и да се извини, како што тоа барем декларативно се случува во САД и во Европа – вели Пекевски.