Претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли, вчера ја заврши дводневната посета на Македонија со охрабрувачки говор пред пратениците во Собранието велејќи дека земјата мора да продолжи на патот по кој тргнала. Сасоли во своето излагање рече дека пратениците не треба да жалат за промената на уставното име на државата, и тоа го смета за важен чекор за иднината на земјата.
– Во моментов сме убедени и покрај некои забелешка дека овој процес за Македонија треба да започне и да заврши што е можно поскоро. Треба да им ставиме до знаење на нашите граѓани дека немаше „не“ и оти не се работи за историска грешка, туку за историско одложување. Со поддршка на новата Европска комисија за пристапување и започнување на преговорите со Македонија, добро е темелно да се разгледа ситуацијата и да се продолжи со заедничкиот пат – рече Сасоли.
Тој напомена дека охрабрувачките пораки од шефовите на институциите на ЕУ, ги зголемуваат очекувањата дека грешката од последниот самит на кој земјава не доби датум за почеток на пристапните преговори, ќе биде исправена во мај.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, на средбата со претседателот на ЕП Сасоли, изјави дека ЕУ што поскоро треба да ја отстрани неправдата направена кон Македонија.
– Разговаравме со претседателот Сасоли за разбирливото разочарување за недавањето датум за преговори за Македонија и за Албанија и за фактот дека Унијата не успеа да го исполни ветувањето што всушност ќе испратеше моќна порака до сите земји во регионот. Следните чекори треба да се преземат во насока на отстранување на оваа неправда и ако судиме според охрабрувачките зборови и на претседателот Сасоли и на сите релевантни фактори, очекувањата се дека на самитот во мај оваа историска грешка ќе биде исправена – изјави Џафери. Инаку, претседателот Стево Пендаровски следниот вторник се очекува во Париз да се сретне со својот француски колега Емануел Макрон, од кого лично ќе може да ја чуе загриженоста на Франција за процесот на проширување. Деталите за состанокот, кој се очекува да се одржи во рамките на Парискиот мировен форум, сè уште не се потврдени.