Фото: Игор Бансколиев

Ако земете предвид дека во Германија има седум случаи на 1,6 милион луѓе вакцинирани во период од две недели по вакцината, секој ќе се праша колку е тоа во Македонија. Еве, ние сме 1,6 милион, иако тука нема вакцина, сигурно може да се случи да има седум мозочни удари поради тромбоза, вели проф. д-р Никола Пановски

Какви се перцепциите на домашната јавност за „вакцините во најава“

Довербата на јавноста во вакцината на „Астра Зенека“ против ковид-19 нагло опаѓа во многу европски земји, покажува истражувањето спроведено од „ЈуГов УК“. Податоците се вакви поради извештаите за вакцината што се поврзани со згрутчување на крвта. Одлуката на повеќе од десетина земји да ја прекинат употребата на вакцината на „Астра Зенека“ сериозно ги наруши јавните перцепции за безбедноста на вакцините во Европа.
Студијата на „ЈуГов УК“ во февруари покажа дека Европејците веќе биле повнимателни со вакцината на „Астра Зенека“ во споредба со алтернативите на „Фајзер“ и на „Модерна“. Како и да е, во сите анкетирани земји, освен во Франција, каде што скептицизмот за вакцините е особено голем, повеќе луѓе сметаат дека вакцината на „Астра Зенека“ е повеќе безбедна отколку небезбедна. Меѓутоа, сега, со последното анкетирање во март, во Франција, Германија, Шпанија и во Италија луѓето сепак повеќе гледаат на вакцината како на небезбедна отколку на безбедна.
„Астра Зенека“ во понеделникот објави дека нејзината вакцина против ковид-19 обезбедува силна заштита кај сите возрасни лица. Оттаму се надеваат дека наодите од нова студија за безбедноста би можеле да помогнат во обновата на довербата на јавноста и да се приближат до дозвола за американска употреба.
Последното истражување на „ЈуГов УК“ покажа дека довербата на Велика Британија во вакцината е стабилна. Мнозинството испитаници, 77 проценти од нив, велат дека вакцината е безбедна, што може да се спореди со довербата во вакцината на „Фајзер“, која изнесува 79 проценти.

Европската агенција за лекови (ЕМА) ги испита извештаите за невообичаени крвни нарушувања кај примателите на вакцината на „Астра Зенека“ и минатата недела оттаму рекоа дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците и продолжуваат да ја препорачуваат нејзина употреба.
Во март, голем број европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Италија, престанаа да ја користат откако Данска и Норвешка пријавија изолирани случаи на крвавење, згрутчување на крвта и низок број на тромбоцити.
Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог и професор на Медицинскиот факултет, вели дека во согласност со она што тој го гледа и анализира, проблемите со крвта не се резултат на примената вакцина.
– Во бројките што јас ги гледам во однос на бројот на вакцинирани што добиле мозочен удар нема доказ што ќе покаже дека тоа може да се поврзе со вакцината. Зошто таа вакцина би предизвикала тромбоза, а зошто не би предизвикала сличната на неа „Спутник“? Тоа се слични вакцини со аденовирус. Ако земете предвид дека во Германија има седум случаи на 1,6 милион луѓе вакцинирани во период од две недели по вакцината, секој ќе се праша колку е тоа во Македонија.

Еве, ние сме 1,6 милион, иако тука нема вакцина, сигурно може да се случи да има седум мозочни удари поради тромбоза – вели Пановски.
Според професорот, не може да се тврди дека тромбозата е последица на вакцината, односно нема индиции дека вакцината ја зголемила тромбозата.
– Тоа кај населението предизвикува паника, па затоа премиери се вакцинираат да докажат дека нема ризик. „Астра Зенека“ беше на удар бидејќи е најевтина. Факт е дека чини 4 долари, за разлика од „Фајзер“, која чини 20 долари – додава професорот.


Филипче: Сите вакцини се безбедни

Министерот за здравство Венко Филипче неодамна кажа дека сите вакцини што ќе влегуваат во земјава ќе бидат безбедни.
– Сите вакцини што влегуваат и ќе влегуваат во земјава се и ќе бидат безбедни, експертски тим ги следи сите можни известувања од земјите што ги користат вакцините, од земјите каде што се произведени, како и на СЗО и на ЕМА – рече Филипче.