На 10 февруари 2021 година, еден од водечките американски аналитички центри, „Чикашкиот совет за глобални работи“, го објави извештајот именуван „Превенција од нуклеарно ширење и успокојување на американските сојузници“. Извештајот е плод на едногодишна работа на група во која, помеѓу другите, учествуваа и поранешниот американски министер за одбрана Чак Хејгел, поранешниот британски министер за надворешни работи Малколм Рифкинд, поранешниот австралиски премиер Кевин Рад, како и 16 поранешни министри за одбрана и надворешни работи и советници за национална безбедност од САД, Европа и од Азија. Водач на проектот беше претседателот на центарот, поранешниот американски амбасадор во НАТО, Иво Х. Далдер. Зошто е значаен овој документ?
Анализа за светските нуклеарни воени капацитети
Иако извештајот на еден од водечките американски аналитички центри, „Чикашки совет за глобални работи“, наречен „Превенција од нуклеарно ширење и успокојување на американските сојузници“, е божем насочен кон „спречување на ширењето на нуклеарното оружје“ со осврт на новата американска потврда дека „Вашингтон и понатаму ќе им биде нуклеарен штит на своите сојузници“, тој како главна задача (иако таа во текстот не се споменува како таква) ја наметнува намерата да ги спречи американските сојузници да прават какви било планови за развој на сопствено атомско оружје!
Не гледај што работам, туку слушај што ти велам
Кога се работи за ЕУ, за САД се целосно неприфатливи какви и да било тенденции за создавање независна воена компонента, која би била автономна во однос на Вашингтон. Во таа смисла, за Америка, НАТО е единствен прифатлив инструмент, преку кој таа има целосна и неподелена контрола над клучните безбедносни прашања низ европскиот континент.
Ова е јасна и многу силна порака до францускиот претседател Емануел Макрон и неговите идеи за европска „стратегиска автономија“. Се разбира, истото важи и за сличните сигнали што во однос на ова прашање доаѓаат од Германија.
Во извештајот на овој аналитички центар се повикуваат САД и нивните сојузници уште еднаш да преземат мерки за спречување на ширењето на нуклеарното оружје, а документот се занимава и со можностите за негова набавка за американските, европските и азиските сојузници, што би значело целосно поткопување на режимот против нуклеарно распространување. Имено, клучните американски сојузници во Европа и во Азија: Германија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Турција, почнувајќи од крајот на 1960-тите, решија во целост да се потпрат на американската нуклеарна заштита, наместо да иницираат развој на сопствена воена нуклеарна програма. Но од неодамна, во услови на нови воени закани, сојузниците почнаа да поставуваат прашања околу сигурноста на американските нуклеарни гаранции, особено оние од времето на администрацијата на Трамп.
Како што и се очекуваше, извештајот укажува и на забрзаната руска модернизација на сопствениот нуклеарен арсенал, како и производство на нови видови стратегиско нуклеарно оружје. Внимание ѝ се посветува и на Кина, која е „нетранспарентна“ во однос на нуклеарното оружје, па се оди со процена дека оваа земја официјално има распоредено околу 300 нуклеарни боеви глави. Сепак, разузнавачите предупредуваат дека Пекинг би можел да распореди многу повеќе, во случај да го посака тоа. Во таа смисла, ЦИА проценува дека е можно до крајот на деценијава Кина да ги удвои своите распоредени нуклеарни арсенали, наведува Зоран Метер во својата анализа за „Геополитика њуз“.
Како ќе се справат САД со нуклеарните амбиции на Северна Кореја, Кина, Иран…
Секако, извештајот предупредува и на нуклеарниот проблем со Северна Кореја, која наводно располага со 50 до 70 нуклеарни боеви глави и 1.000 распоредени балистички ракети од мал и среден дострел, додека истовремено постојано ги модернизира и проширува своите нуклеарни ракети со голем дострел. Според податоците во извештајот, оваа земја има капацитет за производство на нуклеарен материјал, доволен за изградба на седум атомски боеви глави годишно.
Во понатамошниот текст се споменува Иран, за кого се вели дека во рок од неколку месеци ќе произведе доволно материјал за сопствена нуклеарна бомба. Интересно е дека се критикува одлуката на Трамп за напуштање на нуклеарната спогодба со Иран, но и одлуките на поранешните администрации, со кои САД се повлекоа од договорот за противракетен развој – АБМ (2002), договорот со Русија околу ракетите со краток и среден дострел (Трамп), како и Договорот за отворено небо (повторно Трамп). Во тој контекст, многу значајна е изјавата што за овој документ ја даде поранешниот американски министер за одбрана Чак Хејгел, во која се вели: „За да ги придобиеме американските сојузници, мора да ѝ се вратиме на нуклеарната превенција. Претседателот Бајден мора да ги потврди американските заложби за безбедност, да ги повлече одлуките што им наштетуваат на нашите надворешни односи и да преговара за фер зделки, што ќе им овозможат на САД да ги одржуваат силите во Европа и во Азија“.
Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана и безбедност, а САД мораат активно да ги поттикнуваат и унапредуваат одбранбената и безбедносната соработка со Европа.
Поранешниот британски министер за надворешни работи и одбрана Рифкинд го изјави следново: „Британија и Франција мора да одиграат пресудна улога во помошта за Европа во изградбата на нуклеарната димензија на сопствените одбранбени и безбедносни активности. Доколку го препознаат фактот дека европската безбедност и виталните интереси се нераскинливо поврзани, двете земји ќе можат да почнат со развивање на моќна нуклеарна превенција, фокусирана кон Европа“.
Понатаму, во извештајот се истакнува дека постојаните членки на Советот за безбедност на ОН би требало да преговараат околу градењето нуклеарна доверба, како и околу повикот до претставниците на другите нуклеарни сили да им се придружат на САД и на Русија, заради следење и инспекција на нивното нуклеарно оружје. Пред сѐ, тука се мисли на Кина и потребата од нејзино вклучување во дијалогот посветен на овие прашања.
Во таа смисла, се предлага на Пекинг да му се овозможи следење на новото стратегиско нуклеарно вооружување, чија крајна цел би бил договор за минималните ограничувања на секоја земја поединечно.
Нов билатерален договор за контрола на атомското вооружување меѓу САД и Русија?
Авторите на извештајот сметаат дека по продолжувањето на договорот СТАРТ 3, САД и Русија би требало да преговараат околу нов билатерален договор за контрола на атомското вооружување. Таквиот нов договор би можел да ги опфаќа сите нуклеарни боеви глави (веројатно и тие што не се стратегиски), вклучувајќи ги и оние во магацините, како и новите системи за носење нуклеарно оружје.
Сосема сигурно е дека извештајот на овој влијателен аналитички центар е веќе проучен од страна на Москва, односно од страна на оние што мора да се заинтересирани за оваа проблематика. Заклучокот произлегува од интервјуто на рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков за „Русија денес“, каде што изјави дека, кога се работи за нуклеарни договори, помина времето на руски „концесии“ за САД, додавајќи дека Русија ќе знае да ги заштити своите национални интереси. Притоа, очигледно дека ја зема предвид и големата супериорност на САД и на НАТО во однос на Русија, најмногу во сегментот на конвенционалното вооружување (не толку во технолошка, колку во квантитативна смисла), поради што Москва нема намера да се откаже од производство на најнови типови стратегиско нуклеарно оружје, кое е единственото нешто што ѝ гарантира безбедност.
Покрај тоа, Рјабков јавно фрли сомнеж врз активностите на Запад за подготовка на ограничени нуклеарни војни, укажувајќи притоа на наводната неподготвеност на Запад за потврда на формулата на Горбачов и на Реган, според која, „во нуклеарна војна не може да има победник“. Дополнително, тој повика ова да се направи заеднички и во поширок формат во рамките на нуклеарната петорка. Оваа формула првпат беше претставена во 1985 година во Женева, за време на состанокот меѓу советскиот водач Михаил Горбачов и американскиот претседател Роналд Реган. Тогаш тие потпишаа документ за неприфатливост од нуклеарна војна. Во документот се наведува и дека двете страни нема да тежнеат кон воена супериорност една над друга.
Наивното верување во ваквите изјави, како и во можноста за нивно долгорочно реализирање (дури и да се дадени со добра намера во мигот на потпишувањето), сепак се граничи со умот на дете од рана училишна возраст, што, се разбира, многу брзо се потврди и во практика. Наскоро потоа, Русија падна во „мочуриштето“ на мачните 90-ти години од минатиот век, а тоа многу умешно го искористија САД, прераснувајќи во единствена глобална воена суперсила. И не само тоа – заради одржување на тукушто воспоставената глобална воена доминација по распадот на СССР, Американците сакаа да ја задржат Русија што подолго во „мочуриштето“. По можност засекогаш! Всушност, како што тоа (уште од почетокот на светот) меѓусебно си го прават најголемите противници и царства. Сѐ друго се приказни за мали деца.
Русија во последно време и формално стана политички свесна за овој факт, иако, секако, таа отсекогаш го знаела тоа. Сега, кога Москва се чувствува доволно силна да му се спротивстави на Вашингтон, или кога е (подобро речено) стисната во ќошот, па нема друг излез освен ако не сака да капитулира (а не сака), таа реши да „покаже заби“ и да го потсети Вашингтон дека и таа е тука – со несомнено респектабилен воен потенцијал и моќ рамноправна со онаа на САД во однос на стратегискиот нуклеарен арсенал. Американските стратези се премногу свесни за тоа, за што најголем доказ е токму „Далдеровиот извештај“, без оглед на крајната цел на неговото исфрлање во јавноста, заклучува Метер.