Американскиот претседател Доналд Трамп сака да ја лансира вакцината годинава, во предвечерјето на новите претседателски избори, а главниот американски епидемиолог Ентони Фаучи вели дека не е уверен во тоа и дека вакцината може да биде и безбедна и ефикасна
И пред официјалното појавување на „западната вакцина“ против ковид-19
Здравствените власти на САД побараа од сојузните држави да се подготват за масовна дистрибуција на вакцината против коронавирусот до почетокот на ноември. Тоа е потег за поздравување со кој се препознава американскaта организираност за истовремена оперативна работа на повеќе полиња, овој пат за заедничка цел – успешна борба против пандемијата. САД се препознатливи по преземањето плански иницијативи, организирање и реализација на стратегиски цели, како и за упорност и посветеност за истите тие. И овој пат се покажува дека американската администрација оди чекор напред за да се скратат временските рокови за доаѓање на вакцината до крајните корисници.
Институтите за спречување и контрола на болести на САД (ЦДЦ) „бараат“ државите „што е можно поскоро“ да ги направат идните центри за дистрибуција на вакцините „целосно оперативни до 1 ноември 2020 година“ (два дена пред изборите во САД), пишува нивниот директор Роберт Редфилд во писмото што минатата недела им го испрати на сојузните држави.
Челникот на ЦДЦ особено споменува укинување на административните ограничувања, издавање дозволи и лиценци. Ова е уште еден знак дека трката со вакцини е во полн ек низ целата земја, која страдаше најмногу во пандемија.
Здравствените власти „забрзано се подготвуваат за масовна дистрибуција на вакцината против ковид-19 за есента 2020 година“, посочува Редфилд во писмото.
Директорот на Националниот институт за алергии и инфективни болести на САД, Ентони Фаучи, за Си-ен-ен изјави дека е замисливо, но не и многу веројатно, вакцината против коронавирусот да биде готова во текот на октомври.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести им порача на јавните здравствени власти низ САД да се подготват за дистрибуција на потенцијалната вакцина против коронавирус кон крајот на октомври. Но Фаучи веднаш реагираше на ваквата најава и изјави дека такво нешто ќе биде поверојатно во текот на ноември или декември.
– Тоа е само претпоставка. Замислувавме дека можеме да ја имаме до крајот на октомври, иако мислам дека тоа е неверојатно – изјави Фаучи за Си-ен-ен.
Додаде дека тој и неговото семејство нема да се двоумат да се вакцинираат откако ќе се одобри вакцината.
– Никако. Јас сум убеден дека вакцината нема да биде одобрена за американската јавност доколку не е навистина безбедна и ефикасна. Нагласувам, тоа мора да биде и безбедно и ефикасно. Ако биде така, не би се двоумел за момент и би се вакцинирал, а тоа би му го препорачал и на моето семејство – заклучи Фаучи.
Претседателот Доналд Трамп, кој се кандидира за втор мандат на изборите на 3 ноември, минатата недела изјави дека САД ќе ја направат вакцината „оваа година“.
Иако неколку вакцини се во фаза на клиничко испитување, неизвесно е дали некоја ќе биде ефикасна и безбедна, но властите веќе се подготвуваат за евентуална дистрибуција за да заштедат драгоцено време.
Документот што беше објавен од „Њујорк тајмс“ и испратен до локалните здравствени власти истиот ден со писмото на директорот на ЦДЦ, разработува три сценарија во зависност од развојот на „вакцината А“ и „вакцината Б“. Вториот се чини дека одговара на вакцините на кои работат „Фајзер“ и „Модерна“, пишува американскиот дневен весник. САД од овие компании нарача милиони дози.
„Сценаријата опишани подолу треба да се користат од страна на државното и локалното правосудство за да се развие оперативен план за рана вакцинација против ковид-19 бидејќи снабдувањето со вакцини ќе биде ограничено“, се објаснува во документот.
Во него детално се опишани условите за нивно чување и наведуваат дека здравствените работници треба први да се вакцинираат.
Во моментов, во САД се тестираат три вакцини. Од британскиот производител на лекови „Астра зенека“ во понеделникот објави дека ја започнале третата фаза од тестирањето на нивната експериментална вакцина во САД. Вакцината, изработена во соработка со универзитетот „Оксфорд“, ја има поддршката од федералната влада на САД, додека „Модерна“ и „Фајзер“ / „БиоНТек“ се веќе во третата фаза, исто така финансирана од федералната влада.