Абдул Хамид и Владимир Ламбсдорф

Русија прва го информира султанот дека во Македонија се подготвува востание и дека тоа востание треба да биде спречено пред да почне. Само неколку месеци подоцна, користејќи руски разузнавачки информации, Турција крваво го задушува Илинденското востание во Македонија

Според признание на султанот Абдул Хамид II

Во декември 1902 година, при својата посета на Софија, рускиот министер за надворешни работи, гроф Ламздорф, се сретнува со задграничното претставништво на Македонската револуционерна организација за да го изрази своето незадоволство од врачениот проект за автономија на Македонија. Притоа, министерот категорично инсистира да се разбие секаква помисла дека православна Русија стои зад македонските револуционери.
На 3 октомври 1902 година, рускиот министер за надворешни работи, гроф Ламздорф, со таен допис бара целосна ликвидација на македонските револуционерни одреди како предуслов за барањата што треба да се поднесат кај турската влада за реформи во Македонија. Во писмото до Зиновјев, руски амбасадор во Цариград, Ламздорф потсетува дека револуционерното движење во Македонија е еден од значајните фактори што ја попречуваат примената на реформите. И рускиот амбасадор во Цариград, во март 1903 година признава дека вложува големи напори за надминување на сите пречки за реформи, а за тоа секојдневно им се обраќа на султанот и Портата. Со телеграма испратена до царската влада во Петербург, амбасадорот Зиновјев потврдува дека „редовно и со задоволство“ го информира султанот за сите преземени мерки за „спречување каква и да е револуционерна дејност во Македонија“. Според телеграмата, Русија со полна доверба ѝ ја препушта на Турција слободата за дејствување против „македонските бунтовници“, залагајќи се за жестоко задушување на востанието. Во секој случај, излегува дека Русија се согласила со илјадниците убиени старци, жени и деца, со палењето на стотици села и куќи, со десетиците илјади протерани Македонци од своите родни огништа. Во таа насока, со никаква „братска загриженост“, искажана подоцна, не може да се покрие дадената согласност за крваво задушување на востанието. А за тоа, во Петербург, не само што знаеле туку и директно учествувале со совети и разузнавачки податоци. Самиот министер Ламздорф, залагајќи се за целосно уништување на четите, изјавил дека негова желба е турската влада да ги уништи македонските комитети до корен. Според изјава на Ламздорф, самиот султан Абдул Хамид II сметал дека ѝ е должник токму на Русија за уништувањето на востанието и на четите што дејствувале во Македонија. Без Русија, признал султанот, не ќе можело така ефикасно да се уништи македонската револуција.

Русија поддржува автономна Албанија, но никако автономна Македонија!

Во руските дипломатски архиви има многу документи што недвосмислено зборуваат за тоа дека Русија со сите сили се залагала за уништување на Македонското револуционерно движење, односно за уништување на идејата за Македонија како самостојна држава. Според документите во руските архиви од почетокот на минатиот век, Русија постојано инсистирала на статус кво, односно Македонија да остане во скоро време под окупација на Турската Империја, а потоа, во даден момент, да се подели меѓу соседните балкански држави, што ќе биде и сторено со нејзина силна поддршка и помош по Втората балканска војна. Ваквата шовинистичка политика била константа во руската дипломатија на Балканот. Во 1901 година, на пример, по едно релативно затишје во Македонија, самата руска дипломатија повторно истапува со остар тон кон македонското прашање. Според д-р Растислав Терзиоски, кој ги истражувал архивите на руската дипломатија од крајот на 19 и почетокот на 20 век во однос на Македонија и македонското прашање, Руската Империја инсистирала на сурови дејства против револуционерното движење во Македонија. Рускиот амбасадор во Цариград, искусниот Иван Зиновјев, доставува официјална декларација пред Високата порта со поддршка на турската власт за преземање најстроги мерки против организаторите на безредијата во Македонија. Притоа, Русија нема никаква намера да ја ограничува Турција во тој однос. Или, со други зборови кажано, убивајте, палете, бесете, не смее да се дозволи македонската револуција да победи и македонскиот народ да се ослободи. Рускиот конзул во Скопје, В. Машков, во своето писмо од 27 јануари 1901 година до рускиот амбасадор во Цариград, отворено ја критикува „извесната слабост на султановата влада“ спрема постојаната „дрскост на македонските комитети“, која, како што вели амбасадорот, „предизвикува оправдани страхувања на арнаутските патриоти во поглед на интересите на автономна Албанија“.

Значи, Македонското револуционерно движење треба да се уништи затоа што „оправдано ги загрижува арнаутските патриоти во врска со нивните интереси за автономна Албанија“. Според оваа констатација на Зиновјев, Русија нема ништо против идејата за автономна Албанија, но никако не може да замисли автономна Македонија. Два месеца подоцна, на 15 март 1901 година, рускиот конзул во Скопје со огорченост го известува рускиот амбасадор во Цариград за тоа дека „дејците на комитетите остануваат неказнети“, или „недоволно строго казнети од турските власти“, кои, според него, ги затвораат очите за нивните престапи, плашејќи се од крупни политички случувања. На 29 март 1901 година, министерот за надворешни работи Ламздорф со радост констатира дека „благодарение на сериозните сугестии од страна на Русија, биле преземени решителни мерки против македонската организација“. Министерот за надворешни работи Ламздорф во февруари 1902 година му препорачува на својот амбасадор во Цариград да ѝ обрне сериозно внимание на отоманската влада, односно да се „инсистира“ на „соодветни мерки за благовремено спречување на немирите во Македонија, кои можат да предизвикаат крајно опасни компликации на целиот Балкански Полуостров“, со што ќе бидат загрозени виталните интереси на Русија. Десет месеци подоцна, при посетата на Софија на 14-15 декември 1902 година, рускиот министер за надворешни работи Ламздорф во својата резиденција во Софија ги примил на разговор Татарчев и Матов, како задгранични претставници на Македонската револуционерна организација, но, по неколку дена, Ѓорче Петров оваа средба ќе ја коментира како „игра што ја приредиле бугарската влада и кнезот, па двајцата отидоа да му ветат на Ламздорф зачувување на мирот во Македонија во името на некакви реформи“. По враќањето во Русија, Ламздорф го информира царот дека македонските комитети „во никој случај не се задоволуваат со ветените реформи за подобрување на положбата, туку бараат автономија на Македонија, ако треба и со насилни промени на постојниот поредок на Балканскиот Полуостров“. Затоа во февруари 1903 година, руската амбасада во Цариград ги обврзува сите конзули енергично да ги осудат дејствата на македонските револуционери и јасно да стават до знаење дека „Русија нема да жртвува ниту капка крв на своите синови за некаков обид да се измени постојниот поредок на Балканот од страна на револуционерите“.

Согласност на Русија „со енергични акции да се задуши македонската револуција“!

Рускиот дипломатски претставник во Белград, Машков, со тајна телеграма од 14 март 1903 година, известува дека се подготвува големо и масовно востание во Македонија, а тоа значи дека „револуционерното движење не се смирува туку расте“. Во телеграмата остро ги критикува водачите на македонското движење. Руската разузнавачка служба, следејќи го движењето на Борис Сарафов, известува дека на 9 април 1903 година „по разузнавачки канали е добиена информација дека од пределите на Австрија преку територијата на Србија во скоро време ќе бидат доставени значителни транспорти со динамит за Македонското револуционерно движење. Транспортот на динамитот“, се вели во разузнавачкиот извештај, „е во надлежност на познатиот македонски револуционер Борис Сарафов, кој е еден од најзаслужните тајни агенти на австриската влада во македонското движење… Веќе извршените експлозии по линијата на турската железница укажува на активната вмешаност на австриската влада во развојот на македонските револуционерни работи, а целта е вмешување на големите сили во решавањето на македонското прашање…“ Според руски извори од средината на август 1903 година, германската влада дала пријателски совети султанот „да ја организира војската и со енергични акции да ја задуши македонската револуција“.

На 21 август 1903 година, турскиот амбасадор во Петербург со задоволство ја известува Високата порта во Цариград дека руската влада не само што не ја изменила својата балканска политика туку препорачува Турција да примени најстроги мерки против востаниците. Во повратната телеграма до турската амбасада во Петербург, султанот Абдул Хамид II му заповедал на својот амбасадор да му се „заблагодари на рускиот министер за надворешни работи за поддршката за задушување на востанието во Македонија“. Кога есента 1903 година, Петербуршкото благотворително друштво испратило 10.000 рубли за македонските бегалци, а рускиот црвен крст собрал големи средства за Македонците, официјална Русија постојано се оградувала тврдејќи дека станува збор за хумана помош од поединци, а не за некаква поддршка на Македонското револуционерно движење, притоа вложувајќи максимални напори таквата помош во никој случај да не падне во рацете на револуционерите.


Русија го информирала султанот дека се подготвува востание во Македонија!

Грофот Ламздорф, со тајна телеграма од 9 февруари 1903 година, го информира својот амбасадор во Турција, Зиновјев, дека располага со доверливи информации оти напролет, или најдоцна до почетокот на летото, ќе почне востание во Македонија, па во врска со тоа бара да се обрне внимание востанието да се спречи по секоја цена. Министерот бара амбасадорот веднаш да ѝ пренесе на отоманската влада да обрне сериозно внимание на информацијата, настојувајќи Портата да преземе соодветни мерки за пресекување на активностите на бунтовниците во Македонија, кои можат да предизвикаат опасни компликации на целиот Балкански Полуостров. Со други зборови, Русија прва го информира султанот дека во Македонија се подготвува востание и дека тоа востание треба да биде спречено пред да почне. Само неколку месеци подоцна, користејќи руски разузнавачки информации, Турција крваво го задушува Илинденското востание во Македонија.

Пишува: Блаже Миневски