Ромската заедница во земјава бара поголема застапеност во јавната администрација, како и повеќе пари за реализација на капиталните инвестиции во ромските населби, а овие барања ќе им ги пренесат лично на претседателските кандидати Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски, на средбата закажана за 3 мај.
Граѓанската иницијатива „АВАЈА“ собра над 10.000 потписи во 14 општини ширум земјата во рамки на кампањата „Ние Гласаме, Ние Одлучуваме”.
– Граѓанската иницијатива „АВАЈА“, во изминатите 15 дена, активно беше вклучена на терен за да го слушне гласот на ромскиот народ и собра поддршка од ромската заедница во однос на Манифестот со трите приоритетни барања на ромската заедница. За осум дена теренска работа се собраа 10.322 потписи. Овој факт укажува на потребата од посериозни напори за унапредување на положбата на Ромите – порача Акиф Кариман, претставник на граѓанската иницијатива „АВАЈА“, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека во Манифестот се бара Ромите да бидат минимум 2 отсто застапени во државната и јавната администрација за да се запази правичната застапеност по институциите, особено во министерствата, потоа двојна буџетска алокација за решавање на проблемите и двојно поголема реализација на капиталните инвестиции во ромските населби до 2020 година.
С.Т.