И додека јавноста во Македонија и Грција калкулира со времето кога би се остварил телефонскиот разговор или евентуалната средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, споменувајќи денови и часови, македонското Министерство за надворешни работи вчера попладне излезе со став дека во процесот на преговорите за решавање на името поважен е квалитетот, отколку роковите.
– Квалитетот на текстот на договорот и потребата од постигнување на трајно и одржливо решение прифатливо за двете страни, се далеку поважни од потребата процесот да се финализира во каков било рок – нагласи МНР.
Македонското Министерство нагласува дека во текот на разговорите била покажана добра волја и бил постигнат добар резултат.
– Во овој момент, како и во секој процес од ваква природа, потребно е таа добра волја да се преточи од страна на работните групи во текст на договор, што на најсоодветен начин ќе ги отслика суштинските параметри од постигнатото политичко разбирање меѓу двете страни. Република Македонија посакува и интензивно работи тоа да се случи што побрзо до претстојниот состанок на Европскиот совет, воедно укажувајќи дека за вака значајни прашања не треба да се брза – додава македонското Министерство.
Речиси во истовремено кога беше објавено соопштението на МНР изјава за медиумите даде и премиерот Заев, за време на посетата на Желино, во која потенцира дека решението за името ќе биде многу брзо, но додаде дека не би давал други коментари освен заедничкото сооопштение на МНР.
– Можеби ние ќе ѕвониме спрема Атина и се надевам дека тоа ќе биде многу брзо. Јас не би давал нови коментари освен заедничкото соопштение што беше пуштено преку МНР. Тоа кажува дека навистина сме многу блиску, но е многу важно решението да биде одржливо и трајно. Да биде сто отсто безбедено за генерациите коишто доаѓаат, дека договорот што ќе го постигнеме ќе го крепи ова пријателство. Како што гледате јас останувам оптимист, иако не е лесно, чуствително е но е многу важно – рече премиерот.
Претходно вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи од Брисел порача дека наредните часови можат да бидат клучни за исходот од преговорите.
Официјална потврда за евентуалниот телефонски разговор или средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас се уште нема, ниту од македонска, ниту од грчка страна.
– Имаме сериозен напредок и како никогаш порано двете земји не биле поблиску до решение. Наредните часови можат да бидат клучни за исходот од преговорите и се надевам дека евентуално позитивниот исход ќе создаде атмосфера за продлабочување на односите меѓу Македонија и Грција, како и услови за забрзано продлабочување на евроатланската перспектива на Македонија – порача Османи вчера во Брисел на средбата со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Османи во интервју за МИА нагласи оти е важно да се задржи довербата меѓу Македонија и Грција во процесот на преговори за решавање на спорот за името.
На прашањето дали процесот е заглавен Османи истакна дека не може да навлегува во детали, поради сензитивноста на прашањето, а во врска со тоа дали има ризик да се загуби довербата нагласи оти нема такви индиции.
Додаде дека позициите за Македонија во ЕУ ќе бидат многу потешки ако не се реши името.
Медиумите во двете земји напоменуваат дека до сабота течат последните рокови во кои граѓаните на Македонија и Грција треба да бидат информирани дали постои заемна согласност околу последниот предлог-пакет за компромисно решавање спорот, но за ова нема официјални потврди.
Во исчекување на телефонскиот разговор и позитивниот одговор од Заев е најчестиот коментар, но и наслов во грчките медиуми во однос на евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција.
Новинарите во Грција, прогнозираат, повикувајќи се на свои информации, но и на информациите пласирани во македонските медиуми во изминатиот период дека телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери би можел да се случи следните денови. Некои од медиумите коментираат дека се во прашање часови за да се затвори долгогодишниот проблем меѓу Македонија и Грција.
Договорот е на околу 20 страници, а во него се споменати сите прашања: иредентизмот, уставната ревизија, ерга омнес, името и развивање на агенда за соработка, како и временскиот рок во кој ќе се имплементира сетo тоа.
Употребата на името, односно ерга омнес е главното прашањето на кое што, според грчките медиуми, Атина очекува позитивен одговор од премиерот Заев.
Во однос на името, и покрај тоа што ниту македонската ниту грчката страна, јавно и официјално не ги отвораат картите дали постои договор, медиумите во Грција, веќе неколку денови тврдат дека е договорено „Република Северна Македонија“.
– Верувам оти процесот е на самиот крај и оти крајот ќе биде среќен и успешен. Не треба да се избрзува, бидејќи се уште се создаваат околностите за да се случи телефонскиот разговор – истакна на почетокот на неделава македонскиот премиер, кој во овие моменти не сака да шпекулира за можното решение.
Грција останува на ставот дека на потег е македонската страна. Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас кажа дека големото „да“ или големото „не“ Атина го очекува од Скопје деновиве. Тој рече дека неговото чувство е оти раководството на соседот сега, кога треба да завршеле со прашањето, ги сфатило големите тешкотии што постојат за имплементација на договорот.
Релативно појасна е временската рамка која беше договорена претходно на ниво на министри за надворешни работи, а по која работни групи од двете министерства се состануваа во Атина за да ги договорат деталите.
Најпрво Заев и Ципрас би го потпишале договорот, по што ќе следува негова ратификацијата во Парламентот. Откако тоа ќе се случи Грција би ги откочила поканата за членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Наесен би имало референдум за решението на кој како што најави и самиот Заев граѓаните би го имале последниот збор. Потоа би следувале уставните измени кои ги бара грчката влада за компромисното име да стане и за внатрешна употреба.
Во Грција, завчера се одржаа протести во 24 градови на кои се бранеше „грчкиот карактер на Македонија“, а за 8 јули закажан е нов протест во Атина, зад кој стои организација под името „Комисија за заштита на правата на влашки Грци што живеат во Скопје и заштита на грчкиот карактер на Македонија“.
Коалицискиот партнер на Ципрас, Независни Грци смета дека протестите ги покажале желбата и патриотизмот на Грците. Портпаролката на Независни Грци, Мадалена Пападопулу, коментирајќи ги вчерашните собири низ цела Грција, но и најавите за нов протест во Атина, рече дека доколку навистина се одржи, таа лично ќе присуствува, како што учествувала и на минатиот во грчката престолнина.
Го повтори ставот на Независни Грци дека нема да поддржат име со терминот Македонија.
Иако сите меѓународни играчи велат дека спорот е билатерален и дека треба да си го решат Македонија и Грција, САД соопштија дека водат тивка дипломатија за рашавање на спорот.
Помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, изјави дека САД продолжуваат да играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
– Неодамна зазедовме заеднички став не само за Србија и Косово, туку работиме и на БиХ, на прашањето за името помеѓу Македонија и Грција. Како што напоменав, дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашање, а САД продолжуваат да играат тивка улога заедно со ЕУ, Германија и останатите, охрабрувајќи да се најде решение за името, за да ја видиме Македонија како членка на НАТО- рече Мичел во обраќањето на Херитиџ фондацијата, каде ја промовира стратегијата на претседателот Доналд Трамп за Европа.