По цели 10 години Северна Македонија доби вистински претседател избран на фер избори. Уверени сме дека Стево Пендаровски ќе ја води државата напред кон интеграциите за ЕУ и НАТО кон сигурна и стабилна иднина. Прво што ќе го направи е ќе ги потпише блокираните закони од Ѓорге Иванов, коишто се од исклучителна важност за граѓаните, изјави Фросина Ременски, пратеник на СДСМ.
Таа порача дека Пендаровски треба да биде коректив на власта, да укажува на грешките и со тоа да биде пример за достоинствен претседател на земјава и да ја претставува на најдобро светло во светот.
-Дојдоа демократските промени, режимот е целосно поразен. Заврши едно негативно поглавје од нашата историја. Нема повеќе да има претседател на разединување, молк, поделби на граѓаните, урнисување на демократскиот и правниот систем- додаде Ременски.
Ременски не сакаше да го коментира отуството на премиерот Зоран Заев на инаугурацијата, а за непоканувањето на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски рече дека не е предвидено со протоколот.