Фаворит за прв човек на ИВЗ е актуелниот в.д. поглавар, Шакир Фетаху, истовремено и муфтија на Гостивар, кој веќе ја најави својата кандидатура
Процедурата за нов поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ) започна
Дали Исламската верска заедница, како втора најголема верска заедница во Македонија, во следниот период ќе заплови во мирни води или, пак, ривалството за превласт ќе продолжи и за време на изборот на новиот поглавар, кој веќе е најавено дека ќе се случи до крајот на неделата?
Шест месеци од смената на Сулејман Реџепи, ИВЗ распиша избори за нов реис, постапка во која може да се кандидираат заинтересирани што ги исполнуваат условите.
Од ИВЗ велат дека, според Уставот и правилникот за избор на реис, кандидатите треба да исполнуваат соодветни услови, како да имаат завршено исламски теолошки факултет, да имаат работно искуство во редовите на верската заедница од најмалку десет години, да имаат над 40-годишна возраст, кандидатот да биде предложен од најмалку еден член на Ријасетот, да биде поддржан од најмалку една третина од членовите на Ријасетот, но и пред изборното тело да ја презентира својата програма.
Од оваа верска заедница вчера посочија дека кандидатите ќе може да се пријавуваат до вторник, а веќе од среда треба да се состанат членовите на Ријасетот и се очекува до крајот на неделата да биде избран новиот поглавар.
Фаворит за прв човек на ИВЗ е актуелниот в.д. поглавар, Шакир Фетаху, истовремено и муфтија на Гостивар, кој веќе ја најави својата кандидатура.
Тоа го потврди и лично тој и најави дека ќе се кандидира за поглавар на најмногубројната верска исламска заедница, но дека не му е познато кои се неговите конкуренти.
– Секој да излезе со програма со која ќе ги насочи идните активности на заедница – порача Фетаху до сите што планираат да се кандидираат.
Во јавноста пред извесно време се зборуваше дека еден од аспирантите за функцијата е тетовскиот муфтија Ќани Несими.
Поглаварот на ИВЗ се избира со гласовите на сите муфтии во земјата и раководителите и директорите на верските институции, кои се вкупно дваесет.
На последниот состанок во ИВЗ пред неколку дена, покрај темата за изборот на нов поглавар, беа назначени и нови муфтии. Насир Реџепи е назначен за штипското муфтиство, Решат Качалнику за муфтија на Дебар, Амит Расими за Битола и Ќамил Рушити за муфтија на Кичево.
Инаку, првпат одлуката за смена на поранешниот поглавар Сулејман Реџепи пред шест месеци дојде однатре, односно од членовите на Ријасетот на верската заедница, иако претходно имаше обиди за узурпирање на седиштето на ИВЗ, како и за нелегално разрешување на поглаварот.
ИВЗ со години ја тресат внатрешни судири и обиди за разрешување на поранешниот поглавар Реџепи. Тој дојде на оваа функција во септември 2006 година, по неколкугодишна борба за превласт во ИВЗ со тогашните радикални структури, и најавуваше зачувување на традиционалниот ислам.