Динамични пресврти во коалициските односи, застрашувања со ново парламентарно мнозинство, условувања и уцени со свои законски проекти за поддршка на законот на старо-новите коалициски партнери, меѓусебни обвинувања за страв од избори, чести прекини на седниците… и постојано одржување на неизвесноста за опстојување на лидерскиот договор за предвремени избори, склучен во октомври минатата година. Хаотичната драматургија на случувањата во македонското собрание, во очекување на самораспуштање, тешко може да се опфати во неколку цртички, но се чини дека во последните денови на овој собраниски состав, како на забрзана филмска лента да се повторуваат сите контроверзни случувања и одлуки донесени во текот на целиот мандат. За последните денови на мандатот на пратениците останаа повеќе закони што требаше да се донесат по скратена постапка, од кои за владејачката СДСМ најважен е законот за јавно обвинителство, но и разрешувањето на министерката за труд и социјална политика во техничката влада Рашела Мизрахи.
Во меѓувреме, за вториот владин коалициски партнер – ДУИ, стана важен и Изборниот законик, односно менување на територијалниот опсег на изборните единици 5 и 6, со чие изгласување ја условуваа својата поддршка за законот за јавно обвинителство, за кој постојано се калкулираше со двотретинското мнозинство. Згора на тоа, новиот потенцијален коалициски партнер на СДСМ, движењето Беса, своето учество во гласањето до двотретинското мнозинство го услови со измени во Законот за лични карти, односно во нив да се вметне и графата националност. Таквите условувања и коалициски калкулации предизвикаа застрашувања на социјалните мрежи од страна на пратениците од СДСМ, дека ќе направат ново парламентарно мнозинство и воопшто нема да се одржат најавените предвремени парламентарни избори… Потоа сите ретерираа од своите закани, но оставија доволно неизвесност и простор за повторно да се навратат на еднаш искажаните барања, закани и уцени… Спикерот на Собранието, Талат Џафери, за секој случај, пак ја закажа седницата за распуштање в недела, 16 февруари, во 12 часот. Инаку, во текот на вчерашниот ден лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изрази уверување дека законите ќе се донесат, дека Собранието навреме ќе се распушти, а предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април.
– Парламентот не смее да дозволи со какви било игри, со какви било планови да се наруши процесот на дискусија – деловничкото право на пратениците и на крајот правото да се изгласаат законите. Може ќе има две третини, може и ќе нема две третини, но ред е и фер е, и чесно е пред државата да дадеме шанса да се изгласаат овие важни закони – рече Заев.
На помирувачките реплики од таборот на СДСМ се надоврза и пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој истакна дека неговата партија даванедвосмислена поддршка за сите договорени закони, додавајќи дека очекуваат законите да се усвојат и Собранието да се распушти најдоцна до недела.
За да се дојде побрзо до моментот за гласање за законот за јавно обвинителство, пратениците од СДСМ се откажаа од дискусија за него, а и министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска оцени дека нема потреба да го образложува законот, но пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги користеа сите средства за одложување на гласањето. До влегувањето во печат на денешниот број не беше изгласан ниту законот за јавно обвинителство, а не беше започната ни расправата за разрешување на министерката Рашела Мизрахи.
Во текот на собраниските активности, на сцената и заткулисно, аналитичарите и експертите реагираа на социјалните мрежи за контроверзните случувања. Политичкиот аналитичар Арсим Зеколи реагираше на Твитер за хаотичната ситуација во Македонија пред распуштањето на парламентот и за најавата дека дури и договорените избори на 12 април се неизвесни.
– Праќаш два министра во Париз да ги убедиш Французите дека сѐ е тип-топ и дека заслужуваш датум. Уште пред да се вратат дома, го правиш спротивното и создаваш политичка криза. Заев – и сѐ е можно – напиша Зеколи на социјалните мрежи.
Професорката по уставно право Гордана Силјаноска-Давкова оценува дека, и покрај сета врева во него, Собранието е безгласно и е декор на власта.
– Во отсуство на правна држава, владетелите и нивните поддржувачи го трансформираа реализмот во дарвинизам и карикатурален цезаризам, со тешко нарушена поделба на власта, во корист на Владата и премиерот, декоративно, безгласно Собрание, тивок, политички непрепознатлив претседател, зависно судство, инструментализирани медиуми по партиска или олигархиска основа, баронизирано и неавтентично цивилно општество, со ретки исклучоци. Во очекување на новата методологија, сметав дека ќе препознаеме знак за највисока тревога, враќање на законодавната функција во Собранието, жива, транспарентна, наместо зад затворени врати активност на собраниските тела, отворен институционален дијалог меѓу власта и опозицијата, почитување на деловничката процедура, усогласена активност на т.н. техничка влада, запирање на злоупотребата на државните и јавни институции и ресурси за политичка кампања, елиминирање на говорот на омраза и негово санкционирање… Ама, властодршците и нивните прегласни поддржувачи, зашеметени од привилегиите и исплашени за нивното губење, си продолжија со либералната политичка игра, инспирирани од Макијавели и Хобс, не помислувајќи на Монтескје и „за духот на законите“ – го искажа својот став професорката Силјаноска-Давкова.