Фото: Игор Бансколиев

Со најновите сигнали и поддршка од Грција и од Кипар расте бројката на, условно кажано, европски навивачи што се на страната на Македонија во однос на блокадата од Бугарија. Претходно на македонска страна отворено застанаа и Чешка, Словачка, Австрија, кои не дозволија бугарските барања и уцени да поминат во Европскиот парламент. Јасни сигнали на поддршка на македонските позиции за одбрана на македонскиот јазик, идентитет, историја искажаа и други членки на ЕУ и влијателни претставници на меѓународната заедница. Но дали е тоа доволно за одблокирање на патот кон ЕУ

БУГАРСКОТО ВЕТО НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ?

Упорноста на Бугарија да го држи во заложништво почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија се чини дека ја мобилизира и Грција, која почнува да игра поактивна улога да ја притисне Бугарија да ги одблокира македонските евроинтеграции.

Во таа насока може да се сфатат и „неколкуте позитивни идеи“ за тоа како да се надмине бугарската блокада што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му ги изнел на македонскиот премиер Зоран Заев на нивната неодамнешна средба во Атина, откако претходно премиерот Заев во обраќањето во рамките на економскиот форум во Делфи побарал директна грчка помош.
– Ова (се мисли на бугарската блокада), покрај тоа што е проблем и предизвик на Северна Македонија, е проблем и на Европската Унија или предизвик за Европската Унија, вклучувајќи ги Грција и Бугарија. Така што треба да мислат и тие заедно, а Грција исто така, затоа што го засега и Преспанскиот договор, треба да биде дополнително заинтересирана – порача Заев.
Во меѓувреме и министерот за надворешни работи на Кипар, Никос Христодулидес, по средбата со вицепремиерот Никола Димитров, истакна дека Кипар ја поддржува европската иднина на Македонија.
Грција и Кипар со години дејствуваат координирано во настапот на меѓународната сцена, така што дилемата што се наметнува е колку Грција има вистинска желба да ѝ помогне на Македонија на европскиот пат, или, пак, изјавите се само празни флоскули или зад нив се кријат некои други скриени намери.

Со најновите сигнали и поддршка од Грција и од Кипар расте кампот на, условно кажано, европски навивачи што се на страната на Македонија во однос на блокадата од Бугарија. Претходно на македонска страна отворено застанаа и Чешка, Словачка, Австрија, кои не дозволија бугарските барања и уцени да поминат во Европскиот парламент. Јасни сигнали на поддршка на македонските позиции за одбрана на македонскиот јазик, идентитет, историја искажаа и други членки на ЕУ и влијателни претставници на меѓународната заедница. Но дали е тоа доволно?
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека Грција презема иницијатива за отстранување на бугарската блокада бидејќи сака дел од обврските што Македонија ги презела со Преспанскиот договор што побрзо да имплементира.
– Грција сака да помогне бидејќи не ѝ одговара таа да има направено компромис со Македонија, а Бугарија не. Тоа би ги прикажало грчките политичари, особено премиерот Мицотакис, кој припаѓа на десната страна на политички спектар, како послаб во очите на грчката јавност. Затоа Грција е суштински заинтересирана Македонија да постигне компромис со Бугарија, за да не излезе дека само тие успеале, односно попуштиле со Преспа – вели Арсовски.
Според него, грчкото ангажирање во надминување на спорот со Бугарија е и за да може дел од обврските што ги има Македонија со Преспанскиот договор да се заврши што е можно побрзо.
– Дел од имплементацијата на Преспанскиот договор е поврзан со имплементацијата и отворањето и затворањето на извесни поглавја во преговорите. Меѓутоа, тоа е техничка работа за договорот и на Грција ѝ одговара тие работи и обврски што ние ги имаме преземено со Преспанскиот договор да се завршат што е можно побрзо. Значи ѝ одговара ние преговорите со ЕУ да ги отвориме што е можно побрзо – нагласува Арсовски.

Тој додава уште и дека тука е присутна и политичката димензија на грчкиот ангажман.
– Политички уште повеќе ѝ одговара ние да ги почнеме преговорите, за да не бидат тие единствените што условно попуштиле или се договориле со Македонија. Сметам дека во грчкиот ангажман има политичка порака до Бугарија – погледнете како ние успеавме со Преспанскиот договор, така треба и вие да најдете компромис со Македонија – истакнува Арсовски.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски смета дека спорот треба да се решава директно со Бугарија и дека Владата е таа што треба да преземе ризик во решавањето на ова прашање.
– Позицијата што ја има Бугарија како полноправна членка на ЕУ и правото да го користи ветото како инструмент, значи дека прашањето, односно спорот треба да се реши со Бугарија. Ние ги имаме симпатиите од ЕК, од Парламентот, од другите држави членки, но на крајот на краиштата, ако не се обезбеди поддршката од сите држави-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, не можете да ја донесете одлуката. Тоа беше препознаено и во самото бугарско општество, дури и во нивната кампања сите тие наши надежи дека некој од страна ќе изврши притисок врз Бугарија беа употребувани како демонстрација на моќ внатре во предизборната кампања од политичките партии, велејќи дека никој нема да ја притисне Бугарија и таа ќе остане цврсто на таа позиција, што видовме дека на крајот и се случи. Владата е таа што треба да ја преземе одговорноста за овој процес, да влезе со сиот ризик во обид да го реши ова прашање – смета Наумовски.

Денеска (17 мај) во Брдо кај Крањ треба да се одржи средба на лидерите од регионот, на која, според најавите од словенечките домаќини, ќе се дискутира за европската перспектива на земјите од овој дел на Балканот.
Во текот на неделава регионалните лидери ќе присуствуваат на вечера во Брисел, организирана од страна на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, на која треба да им бидат претставени европските планови за иднината на Западен Балкан.
Останува во следниот период да се види дали Грција вистински ќе дејствува во насока на одблокирање на македонските евроинтеграции или „позитивните идеи“ за решение дадени од грчкиот премиер Мицотакис ќе останат само идеи, без практична реализација.