Во својата анализа по повод годишнината од рамковниот, „Нова Македонија“ се консултира со професори, дипломати, политички аналитичари и граѓански активисти за да дадат мислење и оцена за договорот. Дали овој документ успеа да ја однесе земјата понапред или е само товар што нѐ држи заковани во место. За дел од соговорниците токму решенијата од овој договор го отворија патот за бришење на националниот карактер на државата

Деветнаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во која насока ја однесе државата Охридскиот рамковен договор, дали и колку овој документ ја унапреди и подобри или ја уназади и закочи Македонија во нејзините напори за европеизација и достигнување на условите за живот како во европските држави.

Овие дилеми се актуелни во домашната јавност во период кога се одбележува годишнината од потпишувањето на документот со кој се означи крај на воениот конфликт во 2001 година.
Во својата анализа на темава, „Нова Македонија“ се консултира со професори, дипломати, политички аналитичари, но и со граѓански активисти за да дадат мислење и оцена за рамковниот договор. Дали овој документ успеа да ја однесе земјата понапред или е само товар што нѐ држи заковани во место.
Во сублимиран заклучок политичките аналитичари со кои се консултиравме оценуваат дека иако договорот ги запрел крвопролевањата во 2001 година, тој во суштина не ја исполнил својата цел за која бил наменет.
Според нив, денес сѐ уште се евидентни конфликти со национален предзнак, кои имаат потенцијал да дестабилизираат со таа разлика од минатото што етничките превирања сега наместо на боиштата се пресликуваат во дејствувањето на политичките партии.

Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка смета дека Охридскиот рамковен договор во основа ги апсолвирал решенијата за најголемиот дел од отворените прашања меѓу Македонците и Албанците и од оваа перспектива 19 години по неговото потпишување го намалил меѓуетничкиот јаз и дал условно кажано ефект на намалување на поделбите меѓу етникумите.
Сепак, според Клековски, овој договор, за жал, не успеа да им стави крај на меѓупартиските поделби, кои имаат национален карактер и кои истовремено имаат несакан потенцијал за разгорување на меѓуетничките тензии.
– Постоењето потенцијал за конфликт по низата актуелни случувања изминатиов период за мене е дел од една палета на дејствувања, кои го отсликуваат политичкиот судир во државата, кој е отсликан со национална карта. За мене барањето на пример Албанец премиер не е поврзано со меѓуетничките односи и со рамковниот договор во поширок контекст, туку е поврзано со очекувањето на ДУИ со едно такво барање да обезбеди примат во преговорите за формирање влада.

Тоа го тврдам со аргументот, бидејќи ДУИ не бара само Албанец да е премиер на државата, кој може на пример да дојде од редовите на СДСМ, која на крајот на денот го има и најголемиот број пратеници, туку оваа парија бара Албанецот пред сѐ да е од нивните редови – вели Клековски.
Во својата оценка за рамковниот договор, Клековски вели дека со самиот чин на укинување на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор е изразена јасна констатација дека политиките од овој вид се исполнети, тој корпус на обврски е завршен и комплетиран, а сите нови работи поврзани со етничкиот спектар сега се само под превезот на едно партиско позиционирање, кое не е поврзано со меѓуетничките релации.
Универзитетската професорка Биљана Ванковска вели дека од денешна перспектива на случувањата може да се констатира дека рамковниот договор во суштина не најде решение на проблемот околу невозможноста на спроведувањето на т.н. повер шерингот или поделбата на власта меѓу сегментите на општеството во Македонија и со тоа не се исполнија базичните претпоставки на креаторите на овој документ.

Според професорката, клучните недостатоци на овој документ потпишан пред многу години се дека двата сегмента со асиметрична тежина односно македонската и албанската заедница во земјата, се чини не можат да го најдат решението во спроведувањето на своите договори и барања, бидејќи недостига третата страна што ќе го донесе балансот.
Односно, според професорката, третата страна во состојбите најчесто е меѓународната заедница, но кога таа не постои во одредени настани се чини дека не се наѕира решение на превирањата, кое во суштина требаше да произлегува од овој документ.
– Скоро дваесет години подоцна и по потпишувањето на Охридскиот договор, меѓународната заедница кога ќе избие криза во земјата е таа што помага да се најде излез од состојбите.
Во една ваква релација на состојбите може да се види дека тука нема кооперација и заедништво и разбирање за положбата на другиот – вели професорката.
Таа истакнува дека за волја на вистината во денешната корелација на односите постојат партиски дејствувања што се обидуваат да извлечат полза од таквата поставеност на состојбите.

– Партијата ДУИ, која директно не беше инволвирана во изготвувањето на договорот, се чини успеа да извлече лична корист, а не корист на албанската заедница во процесите, а со своето дејствување партијата се обидува да ги наруши идејата и замислата на договорот – вели Ванковска.
Професорката подвлекува и дека од денешна гледна точка се добива перцепција дека со секој нов изборен циклус по договорот се практикува дејствување на т.н. политика на уцени, во која со етничка концесија се обидува секогаш да се проблематизира дејствувањето на државата во политичка игра, која не носи позитивни решенија за граѓаните и државата.
– Јас лично не гледам ништо европско во овој договор туку еден изговор за парола дека сите заедно кога ќе влеземе во ЕУ ќе си ги решиме проблемите, а не забележуваме дека во тој процес додека се случи чинот за членството, општеството ни оди кон длабоки поделби и нефункционален систем. Нема владеење на правото туку има само договор меѓу етничките поглавици, во земјава има само лицитирање на националното во процеси, кои буквално немаат никаква врска со рамковниот договор ниту со европските вредности врз кои овој документ е темелен.

Во воздухот секогаш лебди некаква закана дека ако не се оди по барањата на една од страните во вечниот судир е можно обновување на конфликтот – вели таа.
Според професорката, ако се земат сите овие фактори предвид, и ако врз нив се додадат и актуелните процеси поврзани со тиранските платформи, предлозите за премиер Албанец и сите преостанати непотребни финансиски издатоци за употребата на јазиците секој разумен човек ќе се запраша дали е успешен овој документ и колку тој го комплицира темпото на дејствување на земјата во моменти кога живееме со пандемијата на коронавирусот.
Поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски вели дека Охридскиот договор е најголемиот современ пораз на македонскиот народ.
Според него, факт е дека договорот реши одредени проблеми на Албанците, кои беа наследство од состојбите во поранешна Југославија, но тие прашања и така ќе беа решени со текот на времето.

– Меѓутоа, решенијата од овој договор го отворија патот за бришење на македонскиот карактер на државата и тие беа резултат на планирањата и сценаријата на странскиот меѓународен фактор, а Албанците беа само извршители на овие нивни замисли – вели Никовски.
Според дипломатот, сѐ што следувало по Охрид, е логично на решенијата што беа таму потпишани од неспособните македонски политичари, кои ќе бидат осудени во историјата за поразот во срамната војна.
– Доказ дека сето тоа е масло на меѓународниот фактор е тоа што во сите наши капитулации ни тврдеа дека на тој начин го отвараме патот кон Европската Унија, а во неа нема да влеземе следните 15 години – вели дипломатот.
Никовски смета дека Охридскиот договор деветнаесет години потоа му даде силна поддршка на албанскиот национализам, ја оневозможи изградбата на граѓанско општество и несомнено ја води земјата во федерализација и создавање на некоја политичка нација со што дефинитивно ќе биде затворено македонското прашање.
Според граѓанскиот активист Суад Мисини, рамковниот беше извонреден мировен договор, но не успеа да создаде граѓанско општество.

– Тој понуди модерни решенија – дизајнирани уште од Липхард, но и веќе применети и во други земји. Но, за жал, тој не создаде граѓанска Македонија, не овозможи принцип на владеење на правото и не донесе заштита за најслабите слоеви во општеството. Тој не успеа да донесе општа и споделена одговорност за распределбата на националното богатство, ниту за масивните буџетски злоупотреби. Тој не успеа да ги отстрани анимозитетите помеѓу заедниците. Напротив, ги зголеми. Тој не успеа да ги издигне и да ги валоризира најдобрите, најуспешните, најморалните и оние со интегритет. И сето тоа, не затоа што премногу очекувавме од еден „обичен“ договор за прекин на огнот, туку затоа што тој договор требаше да биде жива инспирација на луѓе со споделена визија. Договорот беше тука, визијата – тука некаде, а луѓето? Не знам… – вели Мисини.


Потписници и гаранти

Денеска се одбележуваат деветнаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој му се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот. Преговорите започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје, рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и тогашен премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседателите на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците, во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

[email protected]