Фото: Игор Бансколиев

Во пресрет на самитот на ЕУ, за помалку од две седмици, Бугарија деновиве
лансира нов предлог за разделување на пакетот во кој се Албанија и Македонија во процесот на евроинтеграциите, што со други зборови би значело зелено светло за Албанија, а продолжување на блокадата за Македонија. Што мислат аналитичарите за едно вакво хипотетичко, но посакувано сценарио од страна на Софија,
со кое Македонија би останала како изолиран и безнадежен остров, осамена и препуштена на уште поголеми притисоци и уцени на својот евроинтегративен пат? Ќе замижи ли Брисел и овој пат на оваа најнова интрига од страна на Софија и нејзините малобројни сојузници

ПРОЦЕСОТ НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ ПРЕД НОВА бугарска ИНТРИГА

Бугарија се чини не се откажува од секаков вид политички сплетки и интриги, во кои вклучува и трети страни, со цел да врши притисок врз македонската страна за прифаќање на нејзините уцени. Така, во одбројувањето на деновите до очекуваниот самит на ЕУ, за помалку од две седмици, кога би требало повторно да се одлучува за нови исчекори во проширувањето на Унијата, Бугарија во својата интригантска мрежа ја вовлекува и Албанија. Неодамна бугарскиот евроамбасадор Румен Александров, на состанокот на Советот на министри на ЕУ, рече дека неговата земја нема да го укине ветото за Македонија, но дека Албанија треба да се раздели од преговарачкиот пакет со Македонија и да се процени независно. Според пишувањата на европскиот медиум „Еурактив“, албанскиот претседател Илир Мета го поздравил предлогот на Бугарија да се раздвои патот на Албанија и на Македонија за пристап во ЕУ, што ќе ѝ овозможи на Албанија да напредува, а Македонија да стои во место.
Во едно вакво претпоставено сценарио, Македонија би останала како изолиран и безнадежен остров, осамена и препуштена на уште поголеми притисоци и уцени на својот евроинтегративен пат, што е посакувана опција за Софија.
Во повеќе наврати, кога односот на шансите за почеток на преговорите беше поповолен за Македонија (побрзо ги имаше исполнето Копенхашките критериуми за проширување), од ЕУ беше истакнувано дека патот на Албанија кон ЕУ е поврзан со оној на Македонија. Дури и ветото што го испорача Франција за проширувањето на Унијата, есента во 2019 (по потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција) беше аргументирано од страна на францускиот претседател Макрон, дека разделувањето на Албанија (која тогаш ги немаше исполнето критериумите) и Македонија би предизвикало незадоволство и би создало потенцијал за немири од албанското население во целиот регион.

Според таквиот интерен договор на ЕУ за проширување со земјите од Западен Балкан во пакет, ветото на Бугарија за Македонија се одрази и на Албанија, која во меѓувреме ги исполни критериумите за проширување на Унијата и заедно со Македонија, во март 2020 г., доби зелено светло за почеток на преговорите од сите 27 земји-членки на ЕУ.
Сепак, и покрај одлуката на ЕУ за проширување во пакет, настојчивоста на Бугарија во уцените со вето за Македонија, создава амбиент на неизвесност, во кој се наметнуваат неколку следствени прашања. Дилемите започнуваат со тоа колку се реални шансите за издвојување на Албанија од преговарачкиот пакет со Македонија, односно колкаво е влијанието на Бугарија во ЕУ да издејствува спроведување на таквите свои провокации и интригантски сплетки. На тоа се надоврзува потребата за анализа на претпоставката, што би значело тоа за евроинтеграциите на Македонија, па и за веродостојноста на ЕУ, доколку се реализираат таквите бугарско-албански проекции за издвојување на Албанија во преговарачкиот процес.
– Бугарија продолжува со нешто посуптилен, но и понатаму агресивен настап, за да внесе збрка во целиот процес на евроинтеграциите, насочен пред сѐ спрема Македонија. Но сега бара непринципиелни сојузници за мешаницата што сака да ја направи и во регионот, а и да ја злоупотреби ЕУ за нејзините цели и аспирации. Сепак, сметам дека нема да дојде до издвојување на Македонија и Албанија од пакетот за проширување на ЕУ. Во неколку наврати Холандија, како влијателна земја-членка на ЕУ, веќе се има спротивставено на идеите за разделување на „пакетите“, најмногу поради забелешките за Албанија. И Франција е на таа линија за проширување во пакет… Во тој поглед, колку и да ја залажува Бугарија, Албанија треба да биде среќна што е во пакетот за проширување со Македонија. Аргументите на Бугарија за ветото не наидуваат на разбирање кај другите земји-членки, па сега се обидува со други интриги во ЕУ да врши притисок врз Македонија.

Не сакам ни да размислувам за опцијата за прифаќање на бугарскиот предлог во ЕУ за разделување на Албанија и Македонија во процесот на евроинтеграциите, но ако би се случило тоа, како една хипотетичка опција, тоа би бил најлошиот чекор на ЕУ. И тоа не само за Македонија туку за целиот регион на Западен Балкан, во ситуација кога е драстично опадната довербата во нејзината веродостојност. Лошите чекори во однос на проширувањето сега ѝ се најмалку потребни на Унијата – вели поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, сепак, не ја отфрла целосно опасноста од реализација на таквото сценарио за издвојување на Албанија и Македонија од пакетот за проширување на ЕУ. Но тој причините за тоа не ги пронаоѓа исклучиво во бугарското вето и бугарските „иницијативи“, туку одговорноста ја бара и во справувањето на Македонија со своите општествени слабости.
– Со текот на времето, секако дека ЕУ ќе ја издвои Албанија во процесот на проширувањето, поради подобрата стратегиска точка што ја има, како и поради силната поддршка на Еди Рама од страна на ЕУ и на САД. Албанија се движи во вистинската насока за разлика од нас. Македонија треба да сфати дека ЕУ не нѐ сака вакви какви што сме: неспособни, мрзливи, коруптивни.. Такви во ЕУ не сакаат! Проблемот не е во ЕУ, туку во нас, бидејќи Македонија е коруптивна земја во која не владее правото, туку интересот и криминалот. Бугарија е само изговор на ЕУ за блокадата на Македонија. Ова за нас значи дека треба да ги засукаме ракавите и да работиме на подобрување на состојбите кај нас, во смисла на средување на судството, справување со корупцијата, партизацијата и создавање поволна бизнис-клима. Ова реално ни покажа каде се наоѓаме во моментот и колку вредиме – вели политикологот Синиша Пекевски.