На 17 ноември, бугарската влада и официјално објави дека не ја одобрува рамката за пристапни преговори на Македонија со ЕУ, блокирајќи го на тој начин целиот процес за нејзино идно членство во Унијата. Каква беше улогата на Бугарија во однос на поддршката на европските аспирации на Скопје и која беше причината за антимакедонскиот курс на Софија во текот на изминатава година? Во својата анализа Божидар Колов, стручен соработник на Универзитетот во Осло и поранешен советник во рамките на граѓанскиот сектор во Скопје, се обидува да даде одговори на овие прашања, низ призмата на психоаналитичкиот концептуален систем на Фројд. Ви пренесуваме дел од неговата анализа

Психолошка анализа за бугарското вето на Божидар Колов од Универзитетот во Осло

По решавањето на речиси тридеценискиот нереален спор за името со Грција, Македонија гледаше со релативен оптимизам кон перспективите за членството во ЕУ. Така беше сѐ до неодамна. Но бугарската влада направи нешто што треба, освен политички, да се анализира подлабоко и од друг агол. Имено, во својата анализа за „Њу Истерн Јуроп“, Божидар Колов, стручен соработник на Универзитетот во Осло, анализира од аспект на психологијата и дава малку поинакви одговори на прашањето што е нештото што би направило бугарскиот владин став да изгледа издржано, па дури и легитимно во очите на голем број бугарски државјани.

Бугарското его и „механизмите за одбрана“

Според психоаналитичката теорија на Сигмунд Фројд, одбранбените механизми се ментални процеси што му овозможуваат на умот да дојде до компромисни решенија за конфликтите што не е во состојба да ги реши. И покрај тоа што примената на психоаналитичките концепти во сферата на меѓународните односи може да создаде безброј тешкотии и да содржи многу потенцијални недостатоци, сепак вреди да се разгледа логиката на психоанализата кога се дискутира за прашања поврзани со колективниот идентитет и надворешната политика.
Доколку на колективната имагинација гледаме како на интрасубјективен ум (размена на мисли и чувства, свесни и несвесни, помеѓу две личности, овозможена преку емпатија) и ако претпоставиме дека неповрзаните процеси во општеството може да се изучуваат како ментални процеси, тогаш оваа логика не изгледа толку бизарна.

Репресија

Степенот на социјално-економска нееднаквост во Бугарија е застрашувачки. Околу една третина Бугари живеат под прагот на сиромаштија или, пак, се изложени на ризик од сиромаштија и социјална изолираност. Соодносот меѓу приходот на најбогатите и најсиромашните 20 отсто од населението изнесува повеќе од осум пати и е највисок во ЕУ. Цели групи сѐ повеќе се маргинализираат и немаат никаков пристап до здравствена заштита, правда и образование. Ваквата слика неизбежно произведува непријатно чувство на огорченост кај мнозинството бугарски граѓани, иако во суштина таа се крие од јавната свест (ја нема во политиката, најгледаните медиуми, академските истражувања). На тој начин, актуелниот политички дискурс речиси целосно ја занемарува вознемирувачката реалност во земјата, како и настаните што доведоа до неа.

Проекција

Експертите може да детектираат јасен пример за проекција во начинот на кој Македонија е незаслужено обвинета за „говор на омраза“ кон Бугарија. Истовремено, мејнстрим-медиумите и високите функционери во Софија зборуваат за „измислена нација“, „измислен јазик“, „знаме што личи на вентилатор“ и сл. Политичката елита, медиумите и историчарите ги обвинуваат своите македонски колеги за „крадење на бугарската историја“ и „негирање на бугарската државност“. Во исто време, тие бараат Скопје да признае дека „македонскиот национален идентитет и јазик имаат бугарски корени“. Едно вакво признание би го лишило македонскиот идентитет од некои од неговите клучни принципи и начела, на ист начин како што Каракачанов и Захариева замислуваат дека бугарскиот идентитет би бил „ограбен“ доколку Софија ги признае македонскиот јазик и македонскиот историски наратив (според нив, токму тоа би се случило доколку Бугарија ѝ дозволи на Македонија да влезе во ЕУ онаква каква што е).

Регресија

Со блокадата на пристапните преговори на Скопје, очигледно е дека Бугарија се враќа кон претходните фази на сопствениот развој. Јазикот и аргументите што ги користи Софија потсетуваат на реториката од времето на т.н. „Преродба“, која беше актуелна кон крајот на 80-тите години од минатиот век. Во тогашно време, стотици илјади бугарски муслимани (претежно Турци) беа насилно протерани од земјата, затоа што одбија да ги сменат своите муслимански имиња и да признаат дека се потомци на исламизираните Бугари.

Замена

Енергијата што се насобрала поради репресија обично се канализира во „поудобен“ и помалку болен објект или предмет. Ужасната економска ситуација во Бугарија и внатрешните борби на државата во однос на идентитетските прашања се решаваат со насочување на сопственото незадоволство кон надвор. „Ситничарењето“ на Софија и недостигот од „тврда, паметна или мека моќ“ се компензираат со покажување мускули од позиција на земја-членка на ЕУ, која бара невозможни отстапки од некоја земја-кандидат.

Негирање

Во текот на 20 век, Бугарија учествуваше во три сериозни војни, а нејзините раководства отсекогаш го ставале „повторното обединување со Македонија“ меѓу главните приоритети. Сите три војни резултираа, според често употребуваната бугарска фраза, со „национални катастрофи“. Повторните неуспеси го модифицираа националниот историски наратив на Бугарија – тој стана опсесивно насочен кон сѐ што е македонско. Прифаќањето на фактот дека луѓето од другата страна на границата не се сметаат себеси за Бугари е многу болно за колективната бугарска имагинација. Отфрлањето и негирањето на македонштината се во тесна поврзаност со стравот од кастрација на бугарскиот национален идентитет. На тој начин, замислената бугарштина на Македонија станува еден вид фетиш, „симбол на триумф над заканата од кастрација, а наедно и заштита од неа“.

Рационализација

Ревносното инсистирање на интензивна работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања е дел од бугарскиот одбранбен механизам на рационализација. Навидум рационалното барање за постигнување договор во однос на историските „факти“ со помош на историско-научни алатки, во суштина претставува параван за вистинските заканувачки причини што се кријат зад однесувањето на Софија.

Наместо заклучок

Да разјасниме – дијалог помеѓу македонските и бугарските академски експерти е навистина неопходен, но политичките условувања за начинот на доаѓање до „објективната вистина“ немаат ама баш никаква врска со академските принципи.
Набљудувајќи ги овие шест одбранбени механизми, ставени во одбрана на бугарското его, повеќе од јасно е дека суштината на бугарското вето против пристапните македонски преговори нема никаква врска со реформите во Македонија. Всушност, ова вето е излив на онтолошката несигурност на Софија. За жал, билатералните спорови од ваков вид се многу потешки за решавање од оние техничките.

Во таа смисла, можни се три генерални сценарија: 1. Скопје да постигне уште еден симболичен компромис со еден од своите соседи, кој сепак на крајот ќе ги остави незадоволни и двете држави; 2. Софија да ги реши своите внатрешни проблеми и да го редефинира својот национален идентитет, оставајќи ја „на раат“ Македонија; 3. Траен ќор-сокак, сличен на оној поврзан со спорот за името со Грција.
Во секој случај, преговорите за проширување на ЕУ не можат и не смеат да бидат место за психотерапевтски третман на национални идентитети. Потиснатите и болни емоции во Бугарија и Македонија треба да се согледаат и надминат, но со сосема други средства и, секако, не под надворешен притисок и уцени. Европската Унија би требало да претставува симбол на иднината, а не на минатото. Останува да видиме дали сѐ уште е така, заклучува Колов во својата анализа за „Њу Истерн Јуроп“.