Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека 12 април како датум за одржување на предвремените парламентарни избори треба да се задржи, но се остава можност за да се случат какви било промени, поради ратификацијата на Протоколот за прием во НАТО.
– Треба да го задржиме 12 април. Секако, секој пат одговорноста на државата е пред сѐ и над сѐ. Оставаме можност да се случат било какви промени, пред се заради НАТО ратификацијата – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека не смееме да дозволиме да нема парламент кога ние треба да го ратификуваме Протоколот со НАТО.
– Нема да дозволиме како држава да останеме без Парламент. Сите 29 земји-членки ќе го ратификуваат протоколот и кога ќе дојде до Република Северна Македонија, ние немаме Парламент. Тоа не смееме да го дозволиме – рече Заев.
Претходно, претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека ќе го распушти Собранието на 11 февруари, на 60 дена пред одржувањето на парламентарните избори закажани за 12 април. Тој рече дека не постои можност да се свика Собранието доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО.
По ратификацијата на сите 29 земји членки, нашата земја ќе треба да го ратификува Протоколот.