Протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство се одржува вечерва пред Собранието на Македонија, а полицијата употреби шок бомби да ги растера демонстрантите.
Протестот е организиран преку социјални мрежи.
Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон, а дел од учесниците фрласат камења и факли кон полицијата.
Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“, извикуваат името на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и пејат патриотски песни.
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден.