Членови на семејствата на осудените за настаните во Куманово во мај 2015 година протестираат утрово во Пеќ со барање за нивно ослободување и со обвинувања на поранешниот македонски премиер Никола Груевски за споменатите настани, јави дописникот на МИА од Приштина.
Протестот се одржува пред хотелот „Дукаѓини“, каде што се одржува заедничката седница на Владите на Косово и Албанија, а насобраните носат пароли во кои прашуваат „Каде е сега Никола Груевски“ и „Каде останаа момчињата од кумановската група“. Освен тоа, има и написи со кои се потсетува албанскиот премиер Еди Рама дека „Груевски побегна преку Албанија“.
– Срамно е за албанската Влада што му помогна на Никола Груевски да побегне од Македонија преку Албанија, а никогаш не покажа грижа за оние што се во затвор за настаните во Куманово – изјави Шихрете Зека, мајка на Ваљдет Зека, еден од осудените во кумановскиот случај.
За настаните на 9 и 10 мај 2015 година, во кои загинаа осуммина припадници на македонската полиција и 14 припадници на кумановската група, во ноември минатата година беа осудени вкупно 33 лица, од кои седуммина со доживотен затвор, а останатите со затвор од 12 до 40 години.