Младен Чадиковски е нов претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Чадиковски, кој е главен и одговорен уредник на телевизијата 24, е избран на петочното редовно изборно собрание на ЗНМ, во конкуренција со Стојанче Наумов од радиото Канал 77. На собранието од вкупно 555 члена присуствуваа 175, за Чадиковски гласаа 86, а за Наумов 77.
– Нема компромис за слободата на говорот и за професионализација на медиумите. Во наредните 4 години ќе се залагаме да постигнеме многу повеќе од она што сега е постигнато – рече Чадиковски по изборот.
Во меѓувреме, изборот на Чадиковски за прв човек на ЗНМ го проблематизираа неколку медиуми во Македонија. Во своја информација на темата, ТВ Телма, смета дека е симптоматично што од вкупно 555 члена на здружението присуствуваа само 175, а на пет дена пред изборот, беше забрането обновувањето на членството за новинарите, иако такво нешто не е предвидено во Статутот.
– Управниот одбор гласал по телефон за ваквата одлука на што имаше реакции дека одлуката е нелегитимна. Иако се бараше одоложување на изборното собрание, досегашниот претседател Насер Селмани не го дозволи тоа. Не можеа да гласаат ниту членовите што имаа платено членство за наредните две години ама не се регистрирале до 13 часот како што бараше Селмани – истакнува ТВ Телма.
Телевизијата Канал 5, пак, во свој прилог на темата запрашува дали новиот претседател е нелегитимен и додава дека е јасно оти победата на Чадиковски во ЗНМ е скандалозна и Пирова.
Според толкувањето, пак, на Горан Трпеноски, новинар на интернет-порталот „Сакам да кажам“, Чадиковски не е избран со потребното мнозинство од присутните на изборното собрание, како што е предвидено со статутот на ЗНМ.
Спротивно, пак, размислува поранешната претседателка на ССНМ, Тамара Чаусидис, која во свое обраќање во македонските портали истакнува дека верува оти изборот на Чадиковски за прв човек на ЗНМ е легитимен.
Инаку, досега во два мандата, односно осум години, функцијата претседател на ЗНМ ја вршеше Насер Селмани, последното собрание на кое се одржаа изборите е редовно на здружението што постои уште од 1946 година.
На него беа избрани и членовите на управниот и на надзорниот одбор и на Советот на честа. Нивните мандати, исто како и на претседателот, траат четири години.