Изминатиот период имаше различни ставови во однос на договорите со Грција и со Бугарија. Едни политичари ги осудуваат, додека други ги поддржуваат.
Во продолжение издвојуваме дел од искажаните мислења на оваа тема
За договорите
Премиерот Зоран Заев вели дека нашиот народ може само да гледа, слуша и да цени за тоа што се кажува.
За да се направат некои договори се потребни 30 години. Најлесно е нешто да се поништи и да се погази, а тешко е да се постигне нешто и да се изгради, со што ќе се отвори перспектива за младите – вели премиерот.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски во својата последна изјава на оваа тема истакна дека е реалист и умерен оптимист во врска со обидите за пронаоѓање решение во Бугарија за одблокирање на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
Вицепремиерот Никола Димитров во изјава за Радио Слободна Европа вели дека договорот за пријателство со соседна Бугарија зборува за заедничка историја што ги поврзува двата народа.
– Прифаќањето на минатото, но и на сегашноста, еден благороден процес што го почнавме со Бугарија, мора да се темели токму на ова право, како за хероите од минатото што се од големо значење за двете страни, така и за денешните генерации. Договорот зборува за заемно почитување и пријателство. Зборува за помош од страна на Софија на патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ – вели Димитров.
Амбасадорот Љупчо Арсовски во својата изјава на темава смета дека сите идеи за иницирање промена на договорите со Бугарија и со Грција се чист популизам, кој нема никаква допирна точка со реалноста.
Во досегашните изборни трки се изнаслушавме сѐ и сешто, но особено договорот со Грција е успех на нашата дипломатија и фер шанса за иднината и затоа тоа не смее и не може да се употребува како дневна политика – смета Арсовски.
Лидерот на опозицијата во земјава, Христијан Мицкоски од ВМРО ДПМНЕ, на прашање од медиумите дали е можно поништување на договорот, одговара со прашање: Зошто да не е можно?
Против договорите
Немаме друг избор освен да го напуштиме овој договор еднострано и да побараме меѓународна помош. Ајде да седнеме заедно и да подготвиме нов договор со Бугарија, но со гаранции – вели Мицкоски.
Бобан Кочовски, член на Централниот комитет на Левица, во рамките на изборната кампања изјави дека неговата партија, доколку дојде на власт, ќе ги поништи Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство и Охридскиот рамковен договор и ќе ја укине двојазичноста во Македонија.
Партијата Единствена Македонија, пак, се изјасни дека ќе коалицира со онаа партија што има политики да ги поништи договорите со Бугарија и со Грција.
Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој е поранешен министер за економија и поранешен градоначалник на Карпош, изјави дека ќе предложи поништување на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија.
– Со сета одговорност, како човек што долго време се занимава со политика, ќе ѝ предложам на новата влада да го поништи договорот „Заев – Борисов“, исто онака како што Бугарите го поништија договорот потпишан помеѓу Тито и Димитров.
Во својата последна изјава на оваа тема Солза Грчева од партијата Глас за Македонија вели дека треба да се поништи Преспанскиот договор со Грција.
– Договор што се заснова на кршење на волјата на мнозинскиот народ, прекршување на постојниот Устав, на уценети пратеници, на селективна и наменска противуставна амнестија, на ослободени криминалци, на насилство без преседан на правната држава, секоја наредна влада ќе има не само право туку и должност да го поништи – вели Грчева.
Професорот Френсис Ентони Бојл, кој предава меѓународно право на универзитетот „Илиноис“ во САД, за „Нова Македонија“ смета дека има можност за оспорување на валидноста на Преспанскиот договор и негово поништување.
– Имајќи ги предвид сите правни и политички контроверзии што го следеа Преспанскиот договор во Република Македонија, од неговото потпишување, преку неуспешниот референдум, начинот на кој е постигнато двотретинското мнозинство во парламентот и начинот на промулгација на Законот за ратификација на договорот, сметам дека може да се искористи членот 46 од Виенската конвенција за да се оспори договорот – вели Бојл, кој бил советник на голем број меѓународни организации и институции.